Викендов во рамки на манифестацијата „Научна и уметничка визита – Охрид 2018“ што се одржува во организација на МАНУ, беше промовирано научното издание – Зборникот трудови „Лихнид и Десаретија“ на академик Вера Битракова – Грозданова.
Во Куќата на Уранија синоќа во присуство на бројни научни работници, членови на МАНУ, археолози и културолози зборникот на Битракова го промовираа академик Георги Старделов и проф.др Силвана Блажевска.
За последното издание на Битракова, Старделов истакна дека е дело пишувано половина век, значаен труд посветен на Охридско-преспанскиот регион со сите тајни што ги крие во себе.
– Десаретија ја открива како – Западна порта на антиката, без неа – Гетеовски кажано: немаше да знаеме од каде сме, што сме во историјата времето и просторот? Тоа е една илустрација на времето, откривањето и истрајувањето, од „Еурека” на Архимед до современиот Фуко. Само во археологијата вистината е несоборлива, но на начин како што тоа го прави Вера, спротивно од она што, последната деценија ни го наметна и во што не заробија истант – археолозите и политичарите, рече Старделов.
Професор д-р Блажевска од своја страна се осврна на истражувањата на Битракова – Грозданова за раната Антика особено некрополите околу Десаретските езера во хелинистичкиот период, клултурните врски со Епир, односно влијанието на Епир кон Илирик, како и другите горномакедонски региони, потоа за урбаната фаза во Римското царство и елеменнтите градската римска управа (Античкиот театара во Охрид), старото градско јадро во Охрид во раната и доцна Антика.