Промовирани се 15 нови изданија од едицијата „Најзначајните вредности на културното и и природното наследство на Република Македонија“. Десет на македонски и пет на англиски јазик.
Промовирани се следните наслови на македонски јазик: Црквата Св. Богородица – Матејче; Црквата Св. Богородица Елеуса – Вељуса; Керамичките рељефни плочи од Виница; Маркови кули, Варош – Прилеп; Таор (Античка населба Тауресиум); Баргала; Манастирот Трескавец; Тумба Маџари, археолошки локалитет и неолитско село; Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново и Муниципиј Стобенсум; а во превод на англиски: Municipium Stobensium; The History of Discovering the Site of Isar – Marvinci; The Medieval Fortress of Isar – Shtip; Kokino – a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years; The Great Bath of the Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko.
Во повеќегодишниот проект на Управата за заштита на културното наследство се планирани 130 монографски публикации за најзначајните археолошки локалитети, сакрални објекти и природни богатства.
Со последните преводи, бројот на наслови од оваа едиција достигна 45, авторите се обидувале на разбирлив јазик да направат четиво за пошироката публика.
Според министерот за култура на Македонија, Роберт Алаѓозовски, целта е да се афирмираат многубројните и бесценети културно- историски знаменитости.
Во наредниот период ќе се изработува стратегија и нова модифицирана законска рамка за заштита на културното наследство со која, според Алаѓозовски, нашиот богат културен трезор ќе стане препознатлив за жителите на Европа и на светот.
Овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.