Институтот за истражување животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) официјално ја промовираше првата Менаџерска и лидерска школа за инженери во Македонија – МИМ. Настанот се одржа во хотелот „Александар Палас“, каде беа присутни гости од бизнис секторот, членови на Стопанската комора и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, партнери и соработници од Европа, како и првата генерација на избраните 20 кандидати кои се дел од школата.
Менаџерската школа за инженери се однесува на професионален развој за менаџмент во инженерството и лидерски вештини, и е специјално креирана според потребите што ги имаат денешните инженери, кои сакаат своето постојно искуство да го надградат со фокусирано знаење кое има значајно влијание во нивната идна кариера.
„Тоа што ја прави оваа executive школа уникатна, е тоа што е специјално креирана за развој на топ менаџери, а има за цел да создава конкурентни кадри кои ќе знаат успешно да водат конкурентни и паметни компании“, изјави Кристина Антиќ, директор на МИМ.
Програмата се состои од девет предмети кои се поделени на две нивоа, индивидуално и организациско, и се однесуваат на личен и професионален развој. Модулите ќе бидат водени од експерти во своите области и докажани предавачи од Македонија, Австрија, Полска, Германија, Србија. Тие ќе користат интегриран пристап со најновите наставни методи на учење, кои ќе обезбедат стратешко разбирање на можностите и предностите за долгорочен успех во бизнисот. Секој модул ќе биде комбинирано учење – комбинација на е-учење и учење во училница, со учење насочено кон ученикот.
„Сакам да го пренесам задоволството што Градежниот институт е партнер во овој проект, отворајќи нова страница во неформалното образование во Македонија, давајќи придонес во создавање успешни менаџери инженери“, изјави Михо Јаневски, генерален директор на Градежен институт „Македонија“.
Програмата е развиена врз основа на принципите на образование за возрасни, со користење методи и техники кои помагаат за развој на нови знаења и вештини. Првиот предмет кој го означува почетокот на менаџерската школа започна на 23 септември и се однесува на управување со време и стрес. Со успешно завршување на школата, кандидатите ќе се стекнат со интернационален сертификат издаден од најдобрите тренинг центри од Австрија и Полска.
Менаџерската и лидерска школа ќе трае девет месеци, почнувајќи од септември годинава до мај 2017 година. Школата е дел од проектот Курсеви по менаџмент и лидерски вештини за инженери, финансиран од ЕУ програмата Еразмус + за градење стратешки партнерства во областа на образованието на возрасни. Партнери во овој проект се ИЕГЕ, ГИМ, Bit management Austria, Perfect Project Poland и WUS Austria.