НУ Музејот на современа уметност (МСУ) ја промовираше дигиталната програма преку која електронски ќе се евидентира богатата музејска колекција што ја поседува оваа национална установа, во согласност со Законот за музеи и Законот за заштита на културното наследство.
Проектот почна во 2008 година и оттогаш во континуитет се внесени податоци за над 5.000 дела. Во активностите се вклучени кустоси во МСУ и експерти од информатичката технологија.
„Можеме да бидеме задоволни од завршувањето на овој проект кој е во согласност со законските прописи и современите музејски стандарди, со основна цел осовременување на начинот на водење на документацијата на уметничките дела при Музејот, од кои голем дел, поради високите уметнички вредности, имаат статус на дела заштитени со закон, односно се дел од македонското културно наследство“, истакна Елиза Шулевска, директор на НУ МСУ.
Проектот го води Захаринка Алексоска-Бачева, раководител на Одделот за збирки и изложби, во соработка со Јулијана Кралевска, Ива Димовски и Илиана Петрушевска.