Македонија и останатите земји од поранешна Југославија, заедно со Грција, Албанија, Бугарија и Романија, ја основаа асоцијацијата „Итер витис Балкан“. Откако ќе биде правно регистририна, во октомври се очекува асоцијацијата да биде сертифицирана како културна патека од програмата на Советот на Европа „Cultural Routes“.
Македонија е веќе дел од „Итер витис“, а вчера во Скопје беше промовирана балканската винска патека (Итер витис Балкан). Таа ќе ги обедини земјите од Балканот, ќе ги афирмира нивното богато културно наследство и заедничката традиција во одгледувањето вински сорти и производството на вино. Тоа ќе биде и во функција на културниот и економскиот развој за државите кои партиципираат во оваа иницијатива.
Идејата за создавање на балканската винска патека ја поздравија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и Стефано Домениони, директор на Европскиот институт за културни рути на Советот на Европа, кои ја отворија конференцијата „Основање на ’Итер витис Балкан’ – Можност за поврзување и економски развој“.
– Асоцијацијата „Итер витис Балкан“ ќе ја интензивира нашата соработка, ќе го поттикне развојот на туризмот и ќе има економски бенефит за сите држави што ќе членуваат во неа. Основањето на „Итер витис Балкан“ соодветно ќе промовира уште еден сегмент од нашата богата традиција, производството на автохтони вински сорти и негувањето на винската култура на ова поднебје, кои надалеку го прославуваат името на нашата држава во меѓународен контекст. Со востановувањето на новата асоцијација „Итер витис Балкан“, ќе станеме и регионален лидер во т.н. „Винска рута“ – истакна Канческа-Милевска.
Директорот на Европскиот институт за културни рути на Советот на Европа Стефано Домениони во поздравното обраќање рече дека патеката ќе прикаже патување низ времето и просторот и ќе придонесе во споделено, заедничко наследство.
– Убеден сум дека она што денеска го креираме не е само правно здружение, правна асоцијација, туку претставува заедница на експерти, колеги и пријатели кои ги спојуваат исти вредности и која гради основи за заедничка култура и социоекономски проекти од кои добивка ќе има целиот регион. Тоа е, всушност, и духот на програмата „Културни патеки“ зад која стои Советот на Европа со 47 земји членки – истакна Домениони.
Винската културна патека е една од 33-те културни патеки кои се сертифицирани од Советот на Европа. Тие минуваат низ многу земји на Европа и го промовираат заедничкото наследство на европските култури. Културните патеки (Cultural Routes), во кои партиципираат партнери од најмалку три земји, се базираат на заеднички теми од историјата и културата на Европа – архитектура, музика, индустрија, пејзажи, винска култура…
Програмата „Културни патеки“ е востановена во 1987 година. Секоја година оваа програма на Советот на Европа прифаќа и сертифицира нови кандидати за патеки. Меѓу 33-те сертифицирани се патеките: „Булевар на поклоничкото патување во Европа”, „Архитектура без граници”, „Патот на свилата”, „Келтите”, „Парковите и градините”.
Виолета Јанкова, директор на Фондацијата „Тиквешки вински пат“, рече дека целта на формирањето на асоцијацијата „Итер витис Балкан“ е да се создаде сопствен бренд кој ќе биде посебен и препознатлив во Европа и во светот. На конференцијата присуствуваа претставници од сите земји кои учествуваат во иницијативата. Тие попладне ќе заминат во Кавадарци каде што ќе ги посетат Музејот на вкусови и винариите во тиквешкиот регион.