Насловна / Вести / Промовиран првиот прирачник за стандардизација на македонски јазик

Промовиран првиот прирачник за стандардизација на македонски јазик

 

promocija sonja cerepnalkovska_7

„Основи за стандардизацијата и сродните активности“ е првиот прирачник објавен за оваа област на македонски јазик, а кој беше промовиран минатиот петок. Автори на прирачникот се Соња Черепналковска, Лилјана Хаџиевска-Антовска и Весна Поповска. Прирачникот е поделен на 10 поглавја, а секое од нив обработува посебен дел од стандардизацијата. Рецензенти на книгата се професорот Рубин Талески од скопскиот Факултет за електротехника и информациски технологии, професорот Валентина Гечевска од Машинскиот факултет и професорот Бато Камберовиќ од Факултетот за технички науки во Нови Сад.

„Трудот обработува тематика за која не постои сличен публикуван труд на македонски јазик. Обработени се сите значајни сегменти од комплексниот процес на донесување и примена на стандардите и е добро четиво за сите заинтересирани што сакаат да се запознаат со оваа материја. Покрај стопанственици и бизнисмени трудот можат да го користат и студентите што изучуваат елементи на стандардизацијата“, истакна Рубин Талески на промоцијата.

Професорката Валентина Гечевска, пак, рече дека материјалот презентиран во ракописот е современо и актуелно четиво за дополнително градење на професионални компетенции и техничка култура за претставниците на институциите и компаниите во различни сектори. „Ракописот детално ја обработува материјата поврзана со стандардизацијата, стандардите и другите сродни активности преку систематска анализа на структурата и елементите поврзани со наведените системи, како исклучително значајни алатки за подобрување на конкурентноста на компаниите“, нагласи Гечевска.

Професорот Бато Камберовиќ рече дека прирачникот што поскоро треба да се проследи до образовните институции заради образованите на сегашните и идните генерации кои ќе дадат придонес во примената на стандардите и нивниот понатамошен развој. Овој ракопис во потполност ја оправдува целта за која е наменет, а тоа е подигнување на свеста за значењето на стандардизацијата“, додаде Камберовиќ.

Според рецензентите, прирачникот и покрај тоа што има 10 поглавја сепак сите тие може да се групираат во четири дела. Првиот дел е оној каде се говори за историјата на стандардите, како се одвивала стандардизацијата. Вториот дел е описот на стандардизациските организации, меѓународни, европски, национални. Во третиот дел е дадена постапката како тече подготовката за стандардизацијата, а во четвриот дел е објаснета глобалната стандардизација. 

Испрати коментар

Scroll To Top