Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) денеска промовираа десет публикации за археолошки локалитети и за споменици на културата на англиски јазик кои се дел од новиот проект „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Република Македонија“. Новата едиција ќе има вкупно 130 публикации кои се очекува да бидат промовирани до крајот на 2018 година.
Седум од првите десет изданија се посветени на античките археолошки локалитети: Стибера, Хераклеја Линкестис, Скупи, Скопско кале, Тетовско кале – Балтепе, Цареви кули, Старо Бонче, а три за средновековни сакрални објекти – црквата Св. Пантелејмон во Нерези, манастирот Зрзе и за Шарената џамија во Тетово. Напишани се од стручни лица, а наменети за поширока јавност.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на промоцијата рече дека се планира 130-те публикации на англиски јазик да бидат поделени во четири едициски целини кои ќе ги претстават најрепрезентативните сакрални споменици од средновековната, доцносредновековната и преродбенската епоха, комплексните археолошки локалитети од праисторискиот и античкиот период, богатите манастирски ризници од доцниот среден век и најимпресивните македонски еко-пејзажи.
– Уверена сум дека публикациите ќе бидат повик за разоткривање на нашата земја, повик за сите посетители од странство да ја посетат Република Македонија и да се запознаат со материјалната и духовната култура на нашето поднебје, со природните ресурси и ремек-делата на нашето уметничкото творештво, со македонската историја и нејзиниот специфичен и јасно препознатлив код, кој го одбележува нашето место во цивилизацијата на човештвото, рече Канческа-Милевска.
Директорот на УЗКН Виктор Лилчиќ истакна дека одамна постои потебата пошироката јавност и посетителите на музеите да имаат пристап до конкретни информации со популарно приемчив карактер, базирани врз сериозни научни студии на професионалците.
Академик Вера Битракова-Грозданова промовирајќи ги новите изданија истакна дека новиот проект ќе значи извонредна афирмација не само на културното наследство на Македонија, туку и за македонските истражувачи зашто се вреднува нивниот долгодишен труд – кабинетските проучувања и теренските истражувања.
– Особено се радувам што првпат се поддржува издавачка дејност во доменот на културното наследство и археологија во кои на популарен начин не воведуваат професионалци. Досега имавме несодветни и непрофесионални текстови објавени од туристички агенции, а тука авторите-професионалци покажуваат продлабочени истражувања во кратки публикации, рече Битракова, додавајќи дека тие се корисни и за стручната јавност зашто содржат и нови и досега непознати податоци.
Десетте публикации ќе бидат претставени на два саема за археологија, туризам и културно наследство кои претстојат – во античкиот град Пестум во Италија (од 29 октомври до 1 ноември) и на саем во изложбениот простор Карусел во францускиот музеј Лувр (од 5-ти до 8 ноември).