Денеска (31 март) во галерискиот простор на „Остен“, со почеток во 12 часот, ќе се одржи промоција на три графички мапи и изложба на уметникот Александар Јанкуловски – Цане.
Во рамките на проектот „70 графички мапи за 70 години ОСТЕН“ што започна минатата 2015 година за создавање на библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“, а во соработка со авторот Александар Јанкуловски – Цане, ОСТЕН продуцираше три графички мапи од по 10 листа, секоја во тираж од четири примероци.
Графиките кои ги сочинуваат мапите се направени од дела, цртежи на хартија кои авторот ги создал во периодот од 1980 до 2000 година. Нивната промоција ќе биде проследена со изложба на дела од Јанкуловски – Цане од колекцијата на ОСТЕН.
Александар Јанкуловски – Цане е роден во 1936, во Прилеп, Македонија. Првата самостојна изложба на дела ослободени од каква било референција со формалната реалност му ја должиме на сликарот Цане Јанкулоски.
Деконструирајќи ги фигурациите и асоцијативните елементи, изменувајќи го ликовното проседе, преку варијации на подлогата, интерференција на востановените материјали и вметнувајќи фрагменти од нагорени елементи, песок, вреќи и слични објекти, ја елиминира помпата од уметничката претенциозност и ја сместува во секојдневието.
Субјективниот пионерски зафат на Јанкулоски, во идните дела се трансформира во форми кои се оддалечуваат од неговиот примарен концепт и all over ситуацијата ја заменува со меандриски форми со хроматски призвук.