На 09. јуни во вечерните часови во Double Tree by Hilton, присуствуваме на промоција на уникатниот македонски бренд за High End аудио опрема „Теохаров”.
Иако повеќето присутни беа однапред запознати со значењето и специфичноста на целата приказна, зборовите на последниот говорник Влатко Стефановски, ја дадоа реалната слика кај нас:
„Теохаров – винарија од тиквешијата, одлично звучи! Фамилија Теохарови – производител на раноградинарски производи, да секако, познати сме и по тоа! Но, Теохаров – производител на врвна аудио опрема и тоа од Македонија, звучеше чудно на почеток, потоа морав лично да се уверам, а сега веќе сите гледаме дека е реалност и приказната живее”
Накратко, како што опишуваат и Теохарови, станува збор за повеќе од 20 годишна посветеност на звукот, трагање по неговата совршеност преку негување на трите основни принципи на компанијата – Наука, Уметност и Музика. Всушност во воведното видување на настанот ова го потврди и Срѓан Јанакиевиќ:
„Имаме спој на модерна акустика и врвни аудио компоненти, претворени во High End аудио систем, кои се одлично спакувани, прецизно вкомпонирани и кои се рачно изработени за да ги задоволат вкусовите на најголемите аудиофили. Овие звучници се и естетски предизвик, визуелно и дизајнерско парче на ниво на умтеничко дело, кое визуелно го збогатува просторот.”
Присутните, речиси 150 гости според ограничувањата од Ковид протоколите, ги поздрави и еден од браќата Теохарови:
„Создадовме производна програма достојна за почит, потврдена со CE сертификат и усогласена со сите европски регулативи за безбедност и квалитет. До името Теохаров стои ознака R, како симбол за заштитено име и лого во цела Европа. Во позадина веќе се во функција современа веб страна и каталог како соодветни репрезенти на веќе дефинираната личната карта на компанијата. Ова за нас е заокружување на една развојна фаза, која значи и поставување на цврста основа на патот по кој сакаме да чекориме во иднина”
Беше најавена и посебна кастом лимитирана серија која ќе биде работена заедно со Влатко Стефановски, истата ќе претставува спој од инженерингот на Теохаров и уметноста на Влатко Стефановски, а ќе го носи и неговиот потпис.
На крај, 15-тина минути уживавме во нотите од албумот „Мајчин Јазик”, кои заради протоколите не беа отсвирани во живо, но беа ретко аудио доживување пренесено низ комплетниот систем на Теохаров.