На 09.10. (вторник) во НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе се одржи промоција на публикацијата „Модерна за деца“. Публикацијата е во форма на работна тетратка за деца од основи школи во организација на платформата на Плоштад Слобода – Град за сите.
Од Град за сите се прашуваат: „Зошто архитектура и урбанизам се учат дури во високо образование, нешто помалку во средното? Зошто децата од мали не се сензитивизираат за овој важен аспект од човековото живеење, а се изоставуваат и од планерските процеси? Зарем тие не ги користат просторите, зградите, градовите? Зарем тие не знаат да ценат квалитетно испланиран јавен простор? Зарем тие не знаат да дадат најискрена критика на сомнителни згради?„
Тие сметаат дека: „Нема причина децата од најмали да не бидат изложени на теориите на архитектурата, различните школи и пристапи, филозофии и трендови. Ние во Плоштад Слобода решивме да го направиме првиот чекор преку повторување и утврдување на лекциите за модернистичкото архитектонско наследство на Скопје, токму сега изложени во Њујоршката МоМа, или Музејот на модерни уметности“.