По повод 10 години од своето постоење, КСП „Центар Јадро“ – Асоцијација на независна културна сцена најавува промоција на „Прирачникот за градење на институционален модел на јавно-граѓанско партнерство во културата: досегашни искуства, предизвици и идни насоки” што ќе се одржи овој петок (9 декември) во 19:00 часот во просториите на КСП „Центар Јадро“.
Уредник и автор на предговорот на прирачникот е Јане Чаловски, а свои осврти ќе имаат и авторите Искра Гешоска, Артан Садику, Јасмина Билаловиќ, Никола Гелевски, Дарко Алексовски, Симона Манчева и Дона Костуранова.
„Една од клучните цели што Асоцијацијата ги има поставено во својата мисија за сеопфатно зајакнување на независниот културен сектор, секако е транспарентното презентирање на принципот на јавно-граѓанско партнерство, што е воедно и фокусот на овој прирачник. Прирачникот претставува сублимација на досега стекнатите искуства во процесите на артикулирање и застапување за моделот на јавно-граѓанско партнерство преку постоечките законски регулативи во Република Северна Македонија“, велат од Асоцијацијата.
Оттаму информираат дека на промоцијата кратко воведно обраќање ќе има уредникот, а потоа ќе следува разговор со авторите и публиката во насока на предизвиците со кои се соочува независната културна сцена и сите чинители во неа. Дискусијата ќе ја води програмската координаторка Тијана Ана Спасовска.
„Како прва публикација, прирачникот е исчекор во насока на отворениот и критички дискурс по кој ‘Јадро – Асоцијација на независната културна сцена’ се води и е препознаена во државни и регионални рамки, од своите почетоци од 2012 година, па сè досега“, додаваат од Јадро. Воедно ќе се дискутира за идните чекори на „Јадро“ како и на независната културна сцена воопшто.