Управата за заштита на културно наследство ќе биде македонскиот претставник на два големи саеми за културно наследство што ќе се одржат во италијанскиот град Салерно и во Париз, Франција, на крајот од овој месец и почеток на ноември. На овие големи меѓународни настани, каде што учествуваат земји од цел свет, за прв пат ќе бидат претставени и десет нови публикации за македонското културно наследство што деновиве излегоа од печат.
Книгите се на англиски јазик и се дел од едицијата „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство“, чиј носител и издавач е Управата.
Се работи за следниве публикации: Црквата Св. Пантелејмон во Нерези на проф. д-р Елизабета Димитрова, Манастир Зрзе на Дарко Николовски, Висока и Старо Бонче на проф. д-р Виктор Лилчиќ – Адамс и проф. д-р Антонио Јакимовски, Шарената џамија – Тетово на м-р Зоран Павлов, Скупи на Ленче Јованова, Скопско Кале на проф. д-р Драги Митревски, Стибера на Лилјана Кепеска и Костадин Кепески, Хераклеја Линкестис на Аница Ѓорѓиевска и Енгин Насух и Тетовско Кале на Љуљета Абази.