Градот Скопје денеска ги промовира новите пластични контејнери за селекција на отпад, кај бензинската пумпа на Макпетрол на булевар Илинден. Со цел да се подобри подигањето на отпад во Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ набави 1.000 нови пластични контејнери.
-Во 2009 година имавме шест стари камиони кои собираа смет за 600 илјади жители, сега имаме повеќе од 90 камиони, кои се набавени и со помош на Град Скопје, меѓутоа што е уште многу поважно и со помошта на јавното претпријатие. „Комунална хигиена“ во 2007 година имаше долг од 7 милиони евра, кој сега е репрограмиран и во најголем дел е отплатен, а тој што не е отплатен до сега се отплаќа редовно. „Комунална хигиена“ е застаната на свои нозе и е јавно претпријатие кое е финансиски самоодржливо и кое со свои средства набавува возила и одредена опрема кои се потребни за функционирањето на претпријатието, – истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Старите метални се заменуваат со нови пластични контејнери кои се наменети за собирање на комунален отпад од колективните домаќинства.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Ракпи Дочи, истакна дека поддршката од Град Скопје се рефлектира со позитивни резултати.
– Ова денеска е доказ за тоа, овие 1.000 контејнери кои беа набавени во вкупна вредност од 8,3 милиони денари. Со овие контејнери се заменуваат постоечките метални, со цел нашиот главен град да биде како модерните европски градови. Ова е уште еден голем придонес во подобрување на целокупната слика за хигиената. Новите контејнери се многу лесно употребливи и за работниците и за граѓаните, бидејќи имаат механизам кој се отвора со притискање со нога и граѓанинот не е обврзан да фаќа со рака за да го фрли отпадот,- подвлече Дочи.