Националната галерија на Македонија го почнува одбележувањето на 70-годишнината од своето основање, со активности посветени на Борко Лазески, првиот (в.д.) директор на Уметничката галерија „Скопје“ (подоцна преименувана во Национална галерија на Македонија).
Oва одбележување се надоврзува со Јубилејот 100 години од раѓањето на Борко Лазески (1917-1993), кое ќе се одржи во месец февруари посветен на неговото творештво. Во текот на месецот предвидени се три настани а целокупната манифестација официјално започнува на 08.02.2018 година (четврток), во 12 часот, во Македонската академија на науките и уметностите со промоција на монографското издание „Борко Лазески 1917-1993“.
Монографското издание „Борко Лазески 1917-1993“ содржи осврти на д-р Дита Старова Ќерими, Соња Абаџиева, Маја Чанкуловска-Михајловска и Лазо Плавевски, на 160 страници на македонски и англиски јазик, низ 130 фотографии претставени најзначајните остварувања на авторот, неговата биографија, библиографски податоци за творештвото и каталошкиот дел со податоци за делата.