Традиционално, како и секоја година, на Градежниот факултет при УКИМ во Скопје се одржа промоција на магистрите на технички науки и дипломираните градежни, геодетски и геотехнички инженери за периодот од април 2015 до април 2016 година.
Настанот на кој покрај професорите и наставниците од Градежниот факултет присуствуваа и претставници на реномирани градежни компании, на Инженерската институција на Македонија и други гости, го отвори деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Дарко Мославац, кој ги поздрави најдобрите дипломирани студенти за минатата година.
Така, оваа година престижното признание го доби студентката Јорданка Чанева со просек 9,84, а пригодната награда и ја додели преставникот на претседателот на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска.
Традиционално, еден од најголеми поддржувачи на оваа манифестација, реномираната компанија „АДИНГ“ ја додели наградата за најдобра дипломска работа од областа на градежништвото, каде се применети разни материјали од производствената палета на „АДИНГ“.
Така, оваа година, изборот падна на студентот Филип Трајковски за темата со наслов „Анализа на главен носач на мост според еврокод“, на кого наградата му ја додели Даниел Цеков, главен водечки менаџер за примена и продажба од „АДИНГ“.
Наградата за најдобра дипломска работа од областа на геотехниката, беше доделена на Теодор Димитриевски за темата „Активна и пасивна заштита од одронување кај транспортни коридори“. Наградата ја додели директорот на Градежен институт „МАКЕДОНИЈА“, Михо Атанасовски.
Награда за најдобра дипломска работа од областа на геодезијата, беше доделена на Томе Геговски со темата „Одредување на трансформациони параметри за дел од течението на реката Радика (Мавровска област)“. Наградата беше доделена од страна на претседателот на Комора на трговци поединци, овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи на РМ, Борис Тунџев.
Градежниот факултет додели посебна награда за дипломската работа со тема „Стабилизација и модификација на слабоносиви почви со цемент под коловозна конструкција”, од студентот Младен Атанасоски, по повод освоеното прво место на интернационалната конференција за студенти во Истанбул, Турција ICAMES 2016.
Деканот Мославац ги информира присутните дека во периодот од април 2015 до април 2016 година магистрирале вкупно 48 колеги од кои 24 магистри на технички науки од областа на градежништвото, пет магистри на технички науки од областа на геотехниката, 11 магистри на технички науки од областа на геодезијата и осум магистри од областа менаџмент со недвижности. Дипломирале вкупно 126 колеги од кои 70 градежни инженери, 51 геодетски инженери и пет геотехнички инженери.