Утре во Мобилна/монтажна галерија на Центарот за современи уметности (Парк на франкофонија во Скопје), со почеток од 12 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата „111 тези за ГТЦ“, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски.
Публикацијата ќе ја промовираат нејзините уредници и професорот и архитект Мартин Гулески. Книгата е издадена од Здружението за култура и уметност ФРУ – Факултет за работи што не се учат.
Оваа публикација произлезе од читачката и дискусиона група насловена „ЧИТАМЕ ЗГРАДИ: ГТЦ КАКО КНИГА“ која се одржа на 29 ноември, 2014 год. во Младински културен центар во Скопје, во рамки на долгорочниот проект „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“.
Книгата е делумно транскрипт на тaа средба, чија цел беше исчитување на Градскиот трговски центар во Скопје. „111 тези за ГТЦ“ е книга создадена од стручни мислења за значењето на овој објект поставени во 11 тези од вкупно 11 значајни мислители на современата архитектонска сцена во земјава (двајца заедно пишуваат 11 тези), и е едитирана со помош на сите учесници и со модераторот на дискусијата. Во книгата се застапени текстови и размислувања од архитектите Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска – Дескова, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Мишко Ралев, Даница Павловска, историчарите на уметност Донка Барџиева – Трајковска и Никола Писарев, како и антропологот Горан Јанев.
Преку исчитувањето на зградата на Градски трговски центар, се стимулира обид одново да се потенцира, преиспита и да и се понуди заштита на нејзиното несомнено културoлошко, општествено и уметничко значење, коешто во последните години има за цел да се избрише, буквално и физички од македонската култура.
И оттаму, читањето на ГТЦ како книга е обид за оживување на неговата пред сé општествена но и уметничка вредност.
Насловот „111 тези за ГТЦ“ е директна референца на книгата „111 тези за архитектурата“ на Борис Чипан и симболичен чин, потсетувајќи на некои вредности коишто не само што се забораваат по природен пат, туку и намерно се бришат преку препокривање со нови, непознати и еклектични стилови, без никаква уметничка вредност.
Проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност е поддржан од Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ).