Според новите еколошки регулативи во Шпанија и Ирска, производителите на цигари ќе бидат принудени да платат дел од трошоците потребни за отстранување на милионите отпушоци што пушачите ги фрлаат на улиците секоја година.
Во јуни, Светската здравствена организација објави сеопфатен извештај во кој детално се опишани деструктивните ефекти на тутунската индустрија на планетата. Секоја година, производството на цигари го чини светот околу 600 милиони дрвја, 200.000 хектари земја и 84 милиони тони јаглерод диоксид ослободен во атмосферата.
Цигарите содржат 7.000 хемикалии кои научниците ги означиле како токсични за нашата околина.
Во времето на објавувањето на Извештајот, откриено e дека приближно 4,5 трилиони филтри годишно ги загадуваат нашите океани, плажи, реки, улици, паркови и почви, со мала или никаква одговорност од компаниите одговорни за нивното производство.
Благодарение на новите закони во Шпанија и Ирска (и најверојатно ќе се прошират на целиот континент), се прават напори да се ограничи растечкото еколошко влијание на тутунот врз животната средина пред да излезе од контрола.
Новата регулатива ќе ја направи тутунската индустрија првенствено одговорна за чистење на ѓубрето што го создава, во согласност со директивата на Европската унија која исто така се обидува да ја искорени пластиката за еднократна употреба. Во моментов, даночните обврзници се оние кои ја плаќаат сметката за ова.
Производителите дополнително ќе бидат одговорни за едукација на јавноста да не го фрла овој штетен отпад на отворено, имајќи предвид дека на секој отпадок од цигара му е потребно речиси една деценија за да се разгради.
Без оглед на тоа, се претпоставува дека регулативите ќе обезбедат уште еден поттик за потрошувачите на цигари да се откажат од лошата навика.
Берни Кили, виш службеник за животна средина во областа управување со материјали на циркуларна економија, вели: „Ова ги принудува компаниите повторно да размислат што пласираат на пазарот и колку тоа реално чини. Ако треба да платат за расчистување на ѓубрето, ако треба да платат за рециклирање, јасно е дека трошоците за тоа што го ставаат на пазарот ќе ги сносат самите тие, во секоја смисла“.
„Намалувањето на употребата на тутун и повикување на одговорност на индустријата е добро за здравјето и за планетата“, заклучуваат предлагачите на новиот закон.