Наслов: „Нов центар за воздухопловство – програмско и просторно редефинирање на спортскиот аеродром Аџи Тепе, Куманово
Тема: „ТРАНСФОРМАТИВНИ ТИПОЛОГИИ“ архитектонско истражување на програмски интегрирани објекти од општествен карактер
Локација: Аџи Тепе, Куманово
Автор: Ангелов Александар м.и.а
Ментор: проф. д-р Михајло Зиноски, Катедра за проектирање општествени згради, Архитектонски факултет – Скопје
Година: 2019
Напредокот во науката, технологијата и растот на градовите се клучни точки за луѓето да ги менуваат своите потреби и да се прилагодуваат на сите новитети. Новитетите, во секое поле од животот на човекот, произлегуваат од самиот поединец. Архитектурата, со цел да ги задоволи менталните и физичките потреби на корисникот, во склоп со потребата за естетика и функционалност во просторот, игра многу важна улога во нормалното функционирање на денешницата.
Брзиот развој/трансформацијата на општеството има потреба од воспоставување на нови архитектонски концепти. Поимот „трансформативни типологии“ претставува архитектонско истражување во примената и перцепцијата на постоечките и развивање на нови модели на програмски интегрирани архитектонски концепти.
Предмет на истражување е околината и самиот спортски аеродром „Аџи Тепе“ во Куманово. Аеродромот има поволна локација во однос на градот, се наоѓа во северозападниот дел од градот, а во непосредна близина на централното градско подрачје. Она што ја прави атрактивна оваа локација е тоа што во минатото истата била окупирана со голем број на настани, од аеромитинзи, па сè до автомобилски собири, на кои се сеќаваат жителите на градот.
Како резултат на неадекватни услови за функционирање, денешната слика за истата таа локација препознава само дел од она што некогаш било препознатливо како програмска структура, процес кој полека но сигурно го деградира културолошкиот идентитет на местото. Со програмирање на нови просторни сценарија, просторот би бил центар на социјални случувања и би генерирал разновидни активности кај новите корисници.
Целта на ова истражување е просторно-програмската трансформација на локацијата да генерира културен, економски и образовен развој на градот. Градот да стане поквалитетно место за живеење, надополнето со нови содржини, нови јавни простори што ќе градат дијалектичка релација со културолошкиот развој на местото. Жителите на градот Куманово и околината, имаат потреба од вакви програмски содржини каде ќе можат да го поминуваат своето време на квалитетен начин. Градот ќе добие нова урбана димензија која со години не постои.
ВИЗИЈА ЗА НОВ РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ВОЗДУХОПЛОВСТВО
Лоциран северозападно од централното градско подрачје на Куманово, аеродромот „Аџи Тепе“ е ситуиран на висорамнина со надморска височина од 371 метар. Од урбанистички аспект може да се каже дека истиот се наоѓа меѓу селата Режановце и Речица и населбата Долно Којнаре, од чија страна има и најбрз пристап до градскиот центар. Додека пак од сообраќаен аспект не може да се каже дека постои некаква солидна патна инфраструктура, која може лесно да биде во целина со градското урбано ткиво.
Како критика може да се наведе и тоа дека самата локација не е опфатена ниту во генералниот, а ниту и во деталниот урбанистички план на Општина Куманово. Единствено може да се спомене дека официјални податоци за документирање на локацијата постојат во катастарските подлоги, и според тоа станува збор за една огромна катастарска парцела во државна сопственост, со површина блиску до педесет хектари.
ГЕНЕЗА НА КОНЦЕПТ
Комплексниот состав на активностите кои се одвиваат во воздухопловната дејност со себе носат еден привлекувачки предизвик за нивно архитектонско претставување. Притоа произлегува еден автентичен пристап кон нивно програмско сегрерирање со истовремена просторна и конструктивна интерпретација.
Генезата на концептот претставува волуменска сегрегација на комплексната проектна програма. Клучен фактор за создавањето на концептот како таков е правецот и поставеноста на веќе постоечката писта. Лоцирањето на позицијата на истиот е определена под влијание на сообраќајната поврзаност со градското ткиво. Притоа се предвидуваат и нови патни траси кои овозможуваат полесен проток и пристап на пешачки и моторен сообраќај, до и околу оваа локација со значително големи димензии.
Волуменската генеза на концептот се заснова на еден вид линеарен пристап кон главната функција на објектот, а тоа е едукацијата во полето на воздухопловството, каде главни корисници на просторот се младите кадети. Оттаму најважниот пристап кон генезата на концептот е пристапот кон нивниот контакт со природата на оваа дејност.
Концептот се генерира под влијание на постоењето на некои основни правила во воздухопловствените објекти. Едно од тие е правилото на земјена страна (ground side) и воздушна страна (air side). Правилото истакнува дека комуникацијата помеѓу овие две страни е лимитирана и контролирана најмногу поради безбедносни причини. Па така, концептот главно се дели на волумени кои имаат директна поврзаност и потреба да бидат во таканаречена земјена страна, и на волумени кои имаат јасна природна врска со таканаречената воздушна страна. Нагласувајќи го автентичниот пристап кон проектот и истовременото почитување на духот и атмосферата на воздухопловната дејност, во некои моменти се случуваат и спојувања и испреплетувања на овие волумени – архитектонски потег изразен преку мостовска комуникација помеѓу главните програмски волумени.
Со други зборови, концептот претставува генеза на интерактивен пристап кон различните корисници на истиот, кој има за цел сите да ги сплоти и да ја нагласи нивната љубов кон воздухопловството.
ПРОЕКТНА ПРОГРАМА
Содржината на програмата на архитектонскиот концепт може да се подели на неколку примарни диспаратни категории. При физичкото формирање и делење на целовитоста на овој концепт во засебни волумени, три од тие категории се поврзуваат со хоризонтален мостовски контакт. Во целина го формираат јадрото на овој концепт и претставуваат јасна испреплетеност на контрастните таканаречени земјена и воздушна страна (air and ground side). Оваа засебна целина во рамките на концептот е претставена со три главни објекти: Музеј на воздухопловство, Школа за воздухопловство и Сместувачки објект.
Музејот на воздухопловство има репрезентативна содржина и му дава јасна слика на посетителот за природата на воздухопловството, а воедно и го отсликува историското значење на локацијата. Неговата внатрешност доминира со еден голем внатрешен волумен погоден за изложување на артефакти од воздухопловен карактер од историско значење. На првиот кат, покрај галерискиот коридор се сместени галерии за мали артефакти, додека пак на приземје се наоѓаат простории со интерактивни, угостителски и комерцијални функции. На горните нивоа се наоѓаат простории за воздухопловна школа, административни простории на музејот итн.
Школата за воздухопловство претставува простор, каде едукативната дејност во полето на воздухопловство се сведува на директна корелација помеѓу субјективноста и објективноста, односно помеѓу теоретската и практичната настава. Од особена важност во внатрешноста на школата се истакнува просторот предвиден за телескопските трибини, прилагодливи за настани и интерактивни предавања од полето на воздухопловството. Алтернативно, просторот има функција на аудиториум, како и простор за социјализација.
Сместувачкиот објект има примарна функција на привремено сместување по принцип на студентско сместување (dormitory). Движењето на кадетите од сместувачкиот објект и движењето на вработените во школата од музејот се пресудни за генерирање на основната форма на концептот кој се заснова на нивно сретнување во една целина со иста цел – воздухопловна едукација.
Спортско-рекреативниот објект се надоврзува последователно на сместувачкиот објект, принцип на профилизирањето на неговите корисници. Како две главни содржини се јавуваат едно повеќенаменско игралиште и затворен базен. За подобар економски придонес, спортско-рекреативниот дел е достапен и за надворешни посетители.
ЗАКЛУЧОК
Градот како морфолошка појава претставува артефакт во континуирана промена. Тој не смее да се перципира само како машина во која се живее, туку напротив, градот претставува жив организам во кој битуваат уникатни фрагменти, места каде што секој поединец би можел да се пронајде. Потребата за урбана регенерација и реобнова на градот не подразбира формална замена на архитектонскиот фонд со нов, туку се стреми кон осознавање на грижлив и внимателен пристап при процесот на реобликување на неговиот урбан ентитет.
Истражувањето на темата трансформативни типологии, резултира со архитектонски решенија кои ги следат промените во општеството, динамичноста во архитектонските концепти, како и опфатот на различните компатибилни и диспаратни програми во една целина во зависност од потребите на новите корисници и економскиот бенефит. Истражувачкиот процес резултира со визија за нов архитектонски модел, кој се смета за успешен доколку е позитивно восприемен од своите корисници. Овој модел првенствено се стреми да ги вреднува и истакне вредностите на духот на местото, преку визијата за нов центар за воздухопловство.
Автор: Александар Ангелов, м.и.а