Во рамки на своите програмски активности на Одделението на архитекти и Одделението на архитекти урбанисти, а во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, на 29.11.2024 г. (петок) и 30.11.2024 г. (сабота), во Офицерскиот дом во Битола ќе се одржи Третата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти.
„Граници на архитектурата“ е темата на овогодинешната средба, а архитектите и архитектите урбанисти ќе дискутираат како архитектурата ги надминува физичките, културните, правните, естетските и еколошките граници. Како ограничувањата ги трансформираме во нови креативни решенија? Како архитектите се справуваат со предизвиците и создаваат иновативни простори?
На настанот ќе се обрати г-ѓа Рут Шагеман, Претседател на Советот на архитекти на Европа, а истиот ќе биде збогатен со присуство на почесниот гостин, г-дин Кристоф Најдовски, заменик-градоначалник на Париз. Како континуитет на Првата (2022) и Втората (2023) годишна средба, за Третата годишна средба предвидени се гостувања на успешни архитекти, со успешни реализации, од Македонија, регионот и Европа.