Насловна / Архитектура / Професор Константиновски му даде идентитет на факултетот

Професор Константиновски му даде идентитет на факултетот

Роден во 1930 година во вила на крал Петар во Параќин, како четврто дете во семејство на правник, срески началник и гимназиска учителка, професорот Георги Константиновски за себе вели дека е човек со две крштеници. Мајка му Христина, како горда крагуевчанка, не можела да се помири дека нејзиниот најмлад син е роден во провинциско гратче и му извадила нова крштеница дека е роден во Крагуевац.

За жал ја почувствувал сета суровост на животот уште од најраната возраст, кога имал две и пол години починала неговата мајка, а само две години подоцна и неговиот татко.

Грижата за семејството ја преземаат родителите на неговиот татко, се преселува во Битола каде го поминува своето детство.

_DSC0513_resize

Малиот Константиновски

Куќата со чардак на неговото детство ја помни во детали, (можеби веќе тука почнало сè), затворена кон дворот, со француска градина и патеки оградени со заоблени камења. По целата должина на оградата имало долапи кои најмногу го привлекувале малиот Константиновски. Сокриен во нив, си правел свои експерименти и одгледувал во кафез, орел, зајци, глувчиња.

Во дворот поминувал доста време придружувајќи го дедо му додека се занимавал со аматерска фотографија. Во куќата имало и една соба во која тој немал пристап, собата посветена на предметите на неговите родители. Во неа, баба му ги чувала и неговите омилени играчки, со кои си играл неколку пати во годината, најчесто на некој празник. Најомилен му бил возот кој се движел по кружни шини.

Неговите двајца браќа биле одлични цртачи. Малиот Константиновски за да не биде покус, ги земал акварелните бои од металната кутија и цртал. Едно попладне неговиот дедо, прибирајќи се од кафеана, го видел како седи на куќниот праг и ја црта улицата. Застанал над цртежот и извикал: „Види го мајката, ја црта улицата во перспектива“.

Основно образование завршил за време на Втората светска војна во Битола. Како дете боледувал од маларија, бидејќи болеста никако не му поминувала, лекарите го испратиле во Бугарија во градот на Стара Планина, Берковица. Тамо завршил шести клас гимназија, а потоа се враќа во Битола, каде матурира во 1949 година со највисок просек, првенец на битолската гимназија и најдобар ученик на Републиката.

Screenshot 2020-12-17 122057_resize

Младиот Константиновски

Младиот Константиновски доаѓа во Скопје да студира, со желба да се запише на Ликовна академија. Во тоа време студиите биле планирани според потребите на земјата, па така тој архитектурата ја навел како трета желба во формуларот. На негово големо разочарување бил примен на Техничкиот факултет – Оддел архитектура, за што самиот признава дека му потекле солзи. Расплакан влегол во канцеларијата каде се вршел распоредот на кандидатите за студии за да реагира зошто не е примен на Ликовна уметност. Човекот со смирен тон му рекол: „Момче, ти си одличен ученик, денес нашата земја има поголема потреба од инженери отколку од уметници…“. Тој успеал убедливо да влијае на младиот Константиновски, кој се помирил со судбината, останатото е историја.

Студиите ги прифатил импресиониран и под големо влијание на слободното цртање. Дипломирал со највисок просек во генерацијата, а уште пред дипломирањето му посочиле дека сметаат на него да го примат за асистент на Факултетот.

2_resize

Како стипендист на Народниот одбор на Скопската Околија, веднаш по дипломирањето се вработува во нивниот Оддел за урбанизам и архитектура. Уште неседнат на бирото, добива задача да изработи перспектива на станбен комплекс, која во недостаток на материјал ја изработува на истуткана хартија за пакување. Заминува на отслужување на воениот рок и по враќањето во 1958 година го примаат на Факултет за асистент на предметот „Проектирање на станбени и угостителски објекти“, кај професорот Јован Ранковиќ.

Џорџ

Во 1964 година заминува во Школата за уметност и архитектура на Универзитетот Јејл во Конектикат, САД, каде магистрира кај Пол Рудолф и Сергеј Чермаеф. (само една година претходно на истата школа и кај истите професори магистрира Норман Фостер)

Првиот семестар поминат на Јејл, раководен од Пол Рудолф е проткаен со многу возбуда и творечки немир, себепрепознавање, преиспитување, разочарување, испосништво, непроспиени ноќи и на крајот сатисфакција, триумф и признание од самиот Рудолф.

4H5A7369_resize

Раководен од Сергеј Чермаеф, и вториот семестар носи со себе сè она што неминовно го следи творечкиот процес. Многу стапици, искушенија, дилеми, многу непроспиени ноќи, но и извонредни решенија, олеснување за доброизвршената задача и пофалби за Џорџ (како што го нарекувале во САД), и од самиот Чермаеф, кој ќе рече: „Џорџ е најдобриот меѓу вас“.

По магистрирањето заминува во Њујорк на 21 кат на „Медисон авенија“, на интервју со големиот Јо Минг Пеј. По интервјуто, кое требало да трае 10 минути, а всушност било опуштен едночасовен разговор за архитектурата, Џорџ е примен на работа во бирото. Како што му рекол самиот Пеј, поради две причини: „Првата затоа што сте магистер на Јејл, а втората е што ваш професор беше Рудолф“. Во бирото на Пеј, каде работеле 150 архитекти, Џорџ поминува шест месеци и работи на повеќе проекти: административна кула објект на 45 ката во Ванкувер, административен објект во Торонто, MIT Earth Science Laboratory, College of Fredonia, Everson Museum и др. Јо Минг Пеј му предложил да остане во неговото биро колку што сака, но Џорџ веќе имал авионска карта и на наша среќа се враќа во татковината. Додека престојува во САД се сретнува со водечки американски архитекти: Мис ван дер Рое, Марсел Броер, Филип Џонсон, Едвард Барнс, Гордон Баншафт, Хенри Коб и др. Средбите биле поврзани со намерата да напише книга за современата американска архитектура. Книгата повеќе од 50 години седи во ракопис со 120 фотографии од изведени дела на овие врвни архитекти, и сè уште чека на некоја полица во куќата на Џорџ.

Arhivot_vo_Shtip_resize

Професорот Константиновски

Кога студирате архитектура за прв пат вистински се соочувате со проектирање во трета година, претходно сè е подготовка. Всушност тогаш, веќе обучени за цртање, прв пат и сфаќате дека сте на пат да станете архитект, полни со себе, мислејќи дека којзнае што знаете и дека светот вас ве чека. Првиот вистински проектантски предмет со кој се среќавате (барем така беше јас кога студирав, а тоа е пред појавата на „Болоња“) е Проектирање станбени згради, а професорот е токму тој, професор Константиновски. За прв пат се чувствувате привилегирано, токму заради тоа што ви е тој професор.

И пред тоа го знаев, тогаш мислев дека за него знам сè, а всушност не знаев ништо. Го среќавав по ходниците и на скали, многу често, имав чувство дека секогаш е на факултет. Оддалеку ја препознавав високата, витка силуета, како кроки цртеж. Не знам зошто, ме потсетуваше на Френк Лојд Рајт. Со неговиот имиџ, карирани сакоа, елегантна висока појава, лесно движење, како да лебди, ми личеше како да дошол од некој, баухаусовски објект, како да излегол од некоја фотографија на некој иконичен ентериер од модерната. Така ми изгледаше до крај, едноставно личеше на архитект.

ггг

Тој беше дисциплиниран, прецизен и одговорен. Такви беа и предавањата, кои почнуваа рано наутро. Само што ќе го видевме дека доаѓа, уште не влезен, сите бевме на своите места, училницата беше полна и беше тишина. Тој беше одмерен, малку дистанциран од студентите. Мене тогаш така ми се чинеше, можеби затоа што чувствував страхопочит. Не затоа што тој правеше да се осеќам така, тогаш и не знаев зошто, подоцна сфатив. Затоа што во архитектурата лагата не може да се сокрие, а тој беше творец со реализирани извонредни дела.

Зборуваше точно, прецизно, конкретно, без филозофирање и импровизации. Без желба да се допадне и потреба да импресионира. Така предаваат оние кои знаат и кои сакаат и умеат да пренесат знаење, тој умееше. Јас бев млада и тогаш поинтересни ми беа оние кои филозофираа. Професор Константиновски ми изгледаше строго, а тоа не беше така, туку мене ми беше неговиот авторитет како планина. Ни задаваше задачи во што помала квадратура да решиме што повеќе функционални простори за живеење со сите стандардни норми за нивните површини. Јас негодував, него не му беше гајле за моето мрморење. Тогаш се занесував дека луѓето ќе живеат во станови од по 200 квадрати и ќе прават што сакаат. Еден ден ни даде задача да испроектираме куќа за себе, без никакви ограничувања, онолкава колку сакаме и архитектура каква мислиме дека е најдобра. Сите бевме возбудени и среќни, мислевме дека полесна задача нема. Каква заблуда, каква стапицата, во која паднавме и едвај излеговме. А пред некоја година во неговата автобиографска книга, прв пат ја видов неговата куќа на соништата и се присетив на задачата со насмевка.

Вежбите беа расподелени по групи, имаше ред и дисциплина, всушност и архитектурата тоа го бара. На вежби сите сакавме да бидеме во неговата група. За жал тоа беше невозможно, јас ја немав таа среќа, но секогаш можеше да се отиде во неговиот кабинет да се побара помош, да се разреши дилема, а тој секогаш имаше време за своите студенти. И кажуваше сè, и добро и лошо. Онака одеднаш, со истиот одмерен тон, знаеше да дофрли некој шеговит коментар, кога најмалку очекуваш и да збуни, но со бирани зборови, без самопромоција, без потсмев и со поттик за подобро. Рацете на цртач со потег на творец, коригираа и создаваа скици, кои со аргументи укажуваа како е подобро. Студентите ги прераскажуваа неговите зборови и цртежи. На сите до еден ни беше многу важно да бидеме пофалени за сработеното, а чувството беше незаменливо. Така може да се однесува и да предава на студенти само оној кој со проблемот на архитектурата е соочен низ сопственото создавање.

Мислам дека секогаш беше на факултет. Кога поминував навечер покрај факултетската зграда, секогаш дигав глава и секогаш светеше неговиот кабинет. Таа навика ми остана до денес, но светлото го нема. Додека студирав често со пријателите се чекавме пред нашиот факултет за да продолжиме накај дебармаалските кафулиња. Пријателите, кои студираа други факултети ќе ме прашаа: „Кој работи ова време кај вас, кај нас не можеш ни преку ден да ги најдеш?“ Јас ќе речев: „Професор Константиновски, тој истражува, сигурно работи на своите пирамиди, огромни станбени објекти“. Ги гледав кај него во кабинет.

Испитот го полагав во првата сесија, веднаш по завршување на семестарот, само јас и уште една колешка. Сакав да положам станбени, само тоа ми беше важно, сè друго оставив за после.  Чекавме резултати, неколку дена нема, нестрпливи отидовме во кабинет да го прашаме што сме направиле. Ни кажа со насмевка дека двете сме добиле 10, излезе и имињата и оценките ги истакна на табла. Не ми се веруваше, бев пресреќна, се осеќав важно, и да, се фалев, и уште се фалам со неговата оценка.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Кога почнав да работам, почнав и да откривам дека на факултет најмногу сум научила токму на неговите предавања. Оние филозофи кои ми беа интересни во младоста веќе ги заборавив, станаа безвредни, прочитани, а и многу се повторуваа. Ја имав таа среќа и да работиме заедно (на Меморијалниот комплекс „АСНОМ“ во Пелинце). На почеток имав голема трема, набрзо немаше потреба. Многу лесно се работи со некој кој за архитектурата знае сè. Тогаш го запознав и приватно и ми беше различен од сликата што ја стекнав на студии. Одевме заедно и во кафеана. Кога прв пат ме поканија, си реков, како јас со професорот, незгодно ми е, ќе мора да бидам одмерена, сериозна, да пазам колку пијам и зборам, со таа мисла отидов. И…, сè беше опуштено, убаво, зборувавме сешто на секакви теми и многу се смеевме. Кога ќе го сретнев секогаш застанувавме и разговаравме, кога ќе го видев на некоја изложба секогаш ги оставав тие со мене и одев кај него. Мислам дека се радуваше кога ќе ме види (можеби се занесувам, но не, навистина се радуваше) и јас се чувствував важно поради тоа. Секогаш ми се обраќаше со Вие, само еднаш реков „професоре Ве молам немојте со Вие“. Тој се насмевна и си продолжи по негово. Втор пат веќе не реков ништо, мораше да биде како што мисли тој.

Кога работеше на книгите „Градителите во Македонија“, дојде во „Македонијапроект“, каде што тогаш работев и ме викна и мене да му дадам материјали за книгата. Јас останав вчудоневидена, реков професоре благодарам, но јас не сум за во книга, сепак за во книга е некој кој има зад себе дела и тоа не какви било. Наредниот пат дојде да ги земе материјалите, јас не ги спремив бидејќи сметав дека не сум дорасната за негова книга. Ме искара и ми рече наредниот пат кога ќе дојдам да имаш сè во папка. Повторно беше по негово.

ohrid_resize

На промоција на неговата книга „Патот на еден архитект“ ми ја подари и рече: „Знаев дека ќе дојдеш, ја чував за тебе“. Ми напиша и посвета „На Сања, со посебна љубов и почит“. Не знам, можеби и на други им напишал исто или слично, но мене ми напиша со посебна.

Кога бев претседател на Асоцијација контактиравме, ми помагаше и ме советуваше. Јас му велев, професоре јас Вам никогаш не можам да Ви бидам претседател, Вие сте претседателот на архитектурата, тој се смееше. Ќе дојдеше во канцеларија на ААМ или на некој настан и долго разговаравме. Важна му беше ААМ и сметаше дека е важно архитектите да имаат организација околу која ќе се обединат, упорно тоа го објаснуваше. Беше разочаран и тажен, но и навреден од случувањата во архитектурата последните децении. Му беше криво што тие архитекти се некои негови студенти и мене тоа ми паѓаше тешко. Најтешко ми беше затоа што е навреден, а тоа не го заслужуваше, навредувајќи го него нè навредуваат сите. Беше горд човек, не се осмелив да му кажам дека не е виновен, дека грешката е во нас. Не знаев како, ми беше страв да не го навредам повеќе.

Викиекспедиција_Козјачија_037_resize

Беше исполнителен, прецизен и точен. Со неверојатен ентузијазам за возраста, неуморно се залагаше за квалитет во архитектурата.

Во мај 2016 година професор Константиновски беше примен во МАНУ како почесен член. Се погоди во тој период да се одржува и БИМАС. ААМ по овој повод во Музејот на град Скопје организираше свеченост во чест на професорот. На свеченоста говореше архитект Вера Ќосевска како претседател на Архитектонската академија и јас во име на ААМ. Се спремив, што да зборувам, напишав. Салата во Музејот беше преполна. Почнав да го читам говорот, но секогаш сум мразела читачи на говори. И не можев, си реков, јас за професорот не можам да читам, не можам да зборувам формално, можам само да зборувам така како што чувствувам. Го тргнав настрана говорот и зборував, се сеќавам на зборовите како низ магла, имав и грутка во грлото. Но никогаш толку емотивно не сум зборувала и толку лично, а јавно. Суштината беше колку ни е тој нам, неговите студенти, важен и колку ѝ е важен на архитектурата. Јас професорот Константиновски го сакам и мислам дека тој тогаш тоа го сфати. Кога говореше после мене се расплака. Јас се збунив, едвај се воздржав да не се расплачам, ми беше срам, не знаев што да правам. Кажа дека му е многу мило што толку многу им значи на своите студенти. Сите стоеја и долго плескаа. Кога заврши формалниот дел, му пријдов полека, многу претпазливо, без зборови се погледнавме, ме погали по образ, бев среќна. Атмосферата стана опуштена, сите се туткаа околу него, сите сакаа да се сликаат, како да е рок ѕвезда. Беше среќен, опуштен и се смееше, ми беше драго што е така.

ззз_resize

На прославата 70 години Архитектонски факултет, го чекав, го барав, го немаше, почнав да прашувам каде е, кога ќе дојде, се појави со задоцнување, тоа не беше својствено за него, особено не на таков настан. Му кажав дека го чекав, повторно си разговаравме, ме погали татковски по глава, знаеше да направи така. Одеднаш го снема, не видов кога си заминал. Тогаш го видов последен пат.

Да ме праша некој, како што нема да ме праша, јас без двоумење би рекла дека Архитектонскиот факултет треба да го носи неговото име. Не можам да кажам кој е најзначајниот професор, кој е најзаслужниот, најдобриот, не знам кој е, а не е ни важно, има повеќе одлични професори. Таква дискусија би била и бесмислена, тоа е дискусија без почеток и крај. Сметам, дека тоа го заслужува, затоа што сигурно дека е најсовремениот, најмодерниот архитект. Архитект со исклучителни,  реализирани објекти, и денес тешко достижни. Но, најсигурно е дека тој му даде идентитет на Факултетот.

4H5A7409_resize

Архитектот Константиновски

Невозможно е да не се покаже восхит кон архитектот Константиновски. Не само поради неговите објекти, за кои не би сакала да пишувам, бидејќи речиси сè е кажано. Секогаш има уште, но тоа со задоволство би го препуштила на поголемите познавачи. Јас си пишувам лично, за мојот Константиновски. Пред сè го доживував како професор. Но не професор само со предавања, професор и со творештво од кое се учи архитектура во живо, малкумина можат да се пофалат со ова. Мене ме фасцинира неговата посветеност на архитектурата секој ден и цел ден, до последниот момент. Ме фасцинираат неговите истражувања и самозадавањето задачи. Ме фасцинира неговата педантност, документирање и архивирање. Околу 450 проекти, идејни, главни, анализи, истражувања и сè тоа сочувано и дадено како културно наследство, фантастично! Импресионирана сум и од современоста и од функцијата на неговите објекти, објекти со кои сме биле во чекор со времето и со светските трендови. Никогаш повеќе не сме биле толку модерни.

4H5A7388_resize

Само најдобрите имаат препознатлив јазик. Неговиот беше јасен во естетиката, рационален, постојан, конзистентен, обликување со поедноставени форми, како што самиот велеше „ги избегнувам шминките, коишто се одраз на недоволно созреано општество“. За него човекот беше на тронот на она што го создава, свесен за огромната одговорност на архитектот, создаваше простори достојни за човекот, кои прават подобри луѓе, затоа што им овозможи да се чувствуваат удобно, сигурно, возвишено. Затоа му беше тешко, како што напоменав претходно. Човек со одговорен пристап кон архитектурата, со многу талент и многу работа, не може да разбере луѓе кои проектираат без одговорност, не може да разбере инвеститори кои ја злоупотребуваат архитектурата за своите сомнителни желби и профитерски интереси. На крајот, не може да разбере ни општество кое сето тоа го дозволува.

Како некој со огромна љубов кон професијата, никогаш не престана да верува во архитектурата, никогаш не престана да се бори за неа и да подучува. Затоа велеше: „Она што цело време го носев во себе беше пријатното чувство дека луѓето секогаш беа, а и сега се спремни да му помогнат на младиот човек, особено ако ја оценат неговата чесност, трудољубивост и надареност“. Така и се однесуваше и секогаш беше спремен да направи сè за архитектите и за архитектурата.

Георги Константиновски беше фигура, исклучителна професионално и како човек, за локалните поими сосема невообичаена: топла, добронамерна и принципиелна. Зад него останува голема празнина, тишина на бесконечното. Неговиот збор во „опустеното село“ ќе недостасува, неговите дела се тестамент за сите оние кои трагаат вон границите на баналното толкување и арогантната употреба на архитектурата.

Професоре летајте со раширени раце како птица и полека спуштете се на другата страна. Исто онака, кога како дете замислувавте да го прескокнете ровот, овој пат ќе го прелетате, а ние секогаш ќе ви ја чуваме оваа страна.

_DSC1008_resize

(*биографските податоци се преземени од книгата на професорот „Патот на еден архитект“)

Замина тивко еден голем Архитект

Вера Ќосевска, член на Архитектонската академија при ААМ

Замина тивко еден голем Архитект, оставајќи трага со својот творечки опус во архитектурата  и незаборавни спомени кај неговите колеги и пријатели.

Замина тивко, но остана вечно запишано неговото име во историјата на архитектурата.

За ликот и творештвото на архитект – професор Георги Константиновски пишувано е многу. Тој беше личност позната и ценета не само кај нас, туку и надвор од нашето опкружување. Така на Белградското триенале во 1991 година архитект Константиновски е посочен како врвен архитект во поранешна држава Југославија и еден од 55 најдобри светски архитекти.

Архитектонската академија на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (AA нa AAM) остана без свој почитуван член, архитект Константиновски, но и МАНУ без еден од своите почесни членови. Пристапното предавање на архитект Константиновски во МАНУ, одржано е на 11 мај 2016 година со наслов: „Моите 3 бисери“. За творештвото на архитект Константиновски зборуваше академик Георги Старделов, кој помеѓу другото рече (цитирам): „Ништо не отсликува толку трајно еден народ како што тоа го прави архитектурата во обликувањето на просторот и времето“, алудирајќи на творештвото на архитект  Константиновски.

Член на АА на ААМ станал кога наполнил 69 години живот, кога му е доделена награда за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градежништвото во Република Македонија, од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

За своето творештво арх. Константиновски е награден со многу награди на разни архитектонски конкурси и со други високи стручни награди (БИМАС, ГГН, БОРБИНА награда и др.), но и со државни награди: Национална награда „11 Октомври“ и државна награда „Орден на трудот со златен венец“.

Како творец остварува авторски дела кои се значителни точки во архитектонскиот израз. Неговите објекти изградени во втората половина на XX век, се симболи на тоа време. Да се потсетиме на неколку:„ Архив на град Скопје“, изграден во 1966 год. Студентски дом „Гоце Делчев“ изграден во 1969 год. „Спомен-дом на Разловечкото востание“ во Разловци – Делчевско, изграден во 1979 год. „Меморијален центар АСНОМ“ во Пелинце, изграден во 2004 година (кое е неговата последна реализација) и уште многу бисери од неговиот творечки опус.

Како професор, за него најдобро би зборувале неговите студенти од кои создавал архитектонски кадри од 1958 до 1995 година.

Со многубројните написи во печатот ги изнесувал своите согледувања за сите проблеми од архитектонската област, посебно за градот Скопје, со кои потсетувал и предупредувал на препораките од експертите на ОН за изградба на објекти во земјотресните зони во Скопје.

Неговиот тритомен труд: „Градителите на Македонија од XVIII до XXI век“ е капитално дело за македонската архитектура и градежништво. Но за мене најдраг спомен е книгата на архитект Георги Константиновски „Патот на еден архитект“, која веднаш по излегувањето од печат ми ја донесе лично авторот, како подарок за мене и неговиот колега и пријател, (а мој починат сопруг, исто архитект), со напишана посвета: „Во знак на нашето пријателство уште од времето кога модерната архитектура се појавуваше на сцената на Македонија, од времето кога со страстен ентузијазам ја градевме нашата земја која достојно се носеше со светската архитектура, од времето на нашата прекрасна младост“. (потпис и датум, 19.VIII 2015, Скопје)

И на крај, што да се каже за ликот и делото на архитект Георги Константиновски подобро, од тоа што го кажал самиот (цитирам): „Архитектура е симфонија во просторот, која треба да го исполнува окото, душата и срцето“.

Нека му е ВЕЧНА СЛАВА на нашиот колега и пријател, архитект Георги Константиновски!

спомен-дом-за-разловечкото-востание-во-разловци_resize

Мајсторе, лекцијата е научена!

Мартин Гулески, претседател на Архитектонската академија при ААМ  

Во првите години на мојата професионална дејност ја имав привилегијата да го сретнам и запознаам архитект Георги Константиновски во еден од кабинетите на Архитектонскиот факултет во Скопје.

Првичната заемна размена на информациите за себе, премина во прашања и одговори за неговото архитектонско творештво. Зборуваше со занес за архитектурата, за средбите, за патувањата, за  студискиот престој  во ателјето на Пол Рудолфи, за поуките од нив.

Својот архитектонски опус ми го претстави на нашата следна средба.

Илустративниот материјал којшто се отвори пред мене беше импресивен. Неколку десетици мали формати картонски паноа со колажи од скици, цртежи, фотографии од макети или од изградените објекти, исечоци од објавени информации или рецензии за одделните објекти.

Запознавањето со таков опус се постигнува со повеќекратно гледање и повторно откривање на еден импозантен труд и љубов кон архитектурата. Ја имав и таа можност; Лекцијата беше поучна.

…. Повеќе години потоа, во разговор со професор Константиновски, го прашав како продолжува да ја дополнува својата архива. Одговорот беше едноставен: Се занимавам со средување материјали за публицирање одбрани дела, (Патем речено, во тоа време интензивно работи на изданието „Градителите на Македонија XVIII – XXI век“) и дополни: ме потсети да ги видам дома!, следуваше мое прашање: Кога ќе може да се видат повторно?

Денеска, по последната реконструкција на Кабинетот за проектирање станбени и објекти за домување на Архитектонскиот факултет во Скопје, јужниот ѕид во просторијата за средби и разговори е претворен во раскошна библиотека на чии полици се наоѓаат овие материјали на професорот архитект Георги Константиновски.

Мајсторе, лекцијата е научена!

Почивај во мир

Pallati-i-Shtypit_Prishtina-e-Vjeter-FB-1_resize

* * *

Позначајни реализирани објекти:

1966 Архив на град Скопје

1967 Дом за одмор и рекреација на пензионери во Катлановска бања

1969 Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје

1971 Дом за печат, Приштина

1972 Архив на град Штип

1974 Архив на град Охрид

1978 Институт за земјотресно инженерство и сеизмологија (ИЗИИС), Скопје

1979 Спомен дом на Разловечкото востание, с. Разловци

1983 Епархија, Струмичко-Повардарска, Велес

1988 Административен објект ЗОИЛ, Струга

1989 Станбени блокови, Струга

1996 Дом за нега „Сју Рајдер“, Скопје

2004 Меморијален комплек АСНОМ, Пелинце

Над 200 истражувачки проекти – студии од кои позначајни се: Пиранса, Пирастела и Пирадонија, студии за живеење во мегастанбени структури, студии за ниски станбени структури, студии за атриумски куќи

Конкурси

учествувал на 45 анонимни и повикани конкурси за кои освоил први награди на:

1969 Студентскиот дом „Гоце Делчев“, Скопје

1977 Градско собрание, Скопје

1998 Парламентот во Астана, Казахстан

2004 Меморијалниот комплек АСНОМ, Пелинце

Публицистичка дејност

1968-78 одговорен уредник во „Вечер“ за статии за архитектура

1978-80 учество во колективен научен труд „Рационална станбена градба“ на АФС

1986 Архитектура на XX век „Просвета“, Белград, поглавие „Современа архитектура во Македонија“

2001-2007 „Градителите во Македонија XVIII – XXI век“, во три тома

2008 Творештвото на Едвард Равникар во Македонија, Словенечка академија на науки и уметности САЗУ

2009 Творештвото на Марко Мушич во Македонија, САЗУ

2013 Монографија „Патот на еден архитект“

Афирмација на земјата

1965 гостин на сенаторот Роберт Кенеди и министерот за надворешни работи на САД во Вашингтон, по повод интернационалниот ден на студентите, единствен претставник на Универзитетот во Јеил

1976 Шеф на Југословенската делегација на архитектите на Меѓународен конкрес во Никозија, Кипар

1991 прогласен за најдобар архитект на Југославија на третото Белградско триенале на светската архитектура

2007 примен за дописен член на Словенечка академија на науки и уметности САЗУ

2009 Признание од Палестинската унија на студентите за придонес во совладувањето на архитектонската наука на студентите од Палестина

2012 вклучен во списокот на врвни светски архитекти, како единствен претставник од славјанските земји

2015 почесен член на МАНУ

Награди

1969 Борбина плакета за Архив на Скопје

1969 национална награда „11 Октомври“ за Архивот на Скопје

1972 Борбина плакета за студентски дом „Гоце Делчев“, Скопје

1981 Борбина плакета за Спомен домот на Разловечкото востание

1981 Гран при на БИМАС за Спомен домот на Разловечкото востание

1995 Гран при на БИМАС за палата „Унија“, Скопје

1999 Награда за животно дело на ААМ, „Андреја Дамјанов“

2004 Гран при на БИМАС за Меморијалниот комплек АСНОМ, Пелинце

Испрати коментар

Scroll To Top