Прохирија Хаџи Костова – Пешиќ, позната како Пока со преку триесет реализирани објекти и уште повеќе проекти е една од најплодните македонски архитекти. Родена е 1935 година во Скопје. Дипломирала на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на тема Дом на културата кај професор Борис Чипан.
По дипломирањето својот професионален пат го почнала во проектантското биро на „Пелагонија“ за набрзо да се префрли во бирото на „Бетон“, кое во тоа време броело само 40 вработени, но набрзо прераснало во институт за проектирање со 300 вработени. Во проектантското биро на „Бетон“ работи како самостоен и водечки проектант цели 20 години сè до 1982 година. Потоа работи како раководител на проектантското биро на градежната компанија „Техника“.
станбено-деловен објект на улица „Македонија“, Скопје
Еден од нејзините први, позначајни објекти е станбено-деловниот објект на улица „Македонија“. Овој објект е реализиран во 1967 година и е резултат на првонаграден проект на повикан конкурс помеѓу сите тогашни проектантски бироа во Скопје. Објектот пред да биде префасадиран во столбот на „Скопје 2014“, без согласност на авторот, претставуваше архитектонска целина со постојните објекти. Се состои од приземје, мезанин, четири ката и поткровје. Во приземјето се два локала, на мезанинот деловни простории до кои се стигнува од посебен влез во пасажот, а по останатите нивоа се распоредени по два стана на кат, еден од од 63 квадратни метри, а другиот 110 квадратни метри.
станбена зграда во Дебар Маало на улица „229г“, Скопје
Во 1968 година изградена е нејзината станбена зграда во Дебар Маало на улица „229г“ во која се проектирани современи, функционални станови. Фасадното обликување претставува современ архитектонски израз, актуелен и денес, а во времето кога е градена зградата, нов ветер во фасадното обликување на станбените објекти.
библиотеката „Браќа Миладиновци“, Скопје
Во 1970 година според проект на архитект Пока изграден е еден од најдобрите објекти во Скопје, библиотеката „Браќа Миладиновци“. Објектот е лоциран помеѓу Архитектонскиот факултет и пазарот „Буњаковец“. Главниот влез во објектот е од булеварот „Партизански одреди“, а останатите влезови (за персоналот, за детската библиотека и економскиот влез) се издвоени секој посебно. Библиотеката содржи четири групи простории: за читатели, магацини за чување на книжниот фонд, управни и помошни простории. Фасадата е во натур бетон, обоен со специјална „јагер“ бела боја за бетон.
архитект Хаџи Костова – Пешиќ и тогашниот градоначалник на Скопје, Томислав Папеш со макетата на библиотеката
библиотеката „Браќа Миладиновци“, Скопје
Објектот Сојуз на слепи лица на аголот на улиците „29 ноември“ и „Борка Талески“ во Скопје е од 1970 година. Проектиран е за сите потреби на слепите лица, содржи простории за друштвени активности, библиотека за издавање, звучна библиотека и печатница, деловни простории и 12 стана.
Сојуз на слепи лица на аголот на улиците „29 ноември“ и „Борка Талески“ во Скопје
Во 1972 година изграден е Воспитно-поправниот дом за малолетници во Тетово. Во склоп на објектот е интернат за престој кој го сочинуваат шест павилјони, по два поврзани со мост. Изградените објекти претставуваат една архитектонска целина. Речиси сите објекти се приземни, освен интернатот кој е приземје и кат.
Станбено-деловниот објект на улица „Теодосије Гологанов“ бр. 72 во Скопје кој го сочинуваат три ламели, изграден е во 1978 година. Во приземјето се сместени локали, а на катовите по четири стана. Во објектот има вкупно 48 стана. Фасадите се комбинација од црвена, фугована тула и бел ролопласт.
Творештвото на Пока се состои од разновидни објекти, па така во 1979 година се гради Градежниот училишен центар „Нико Нестор“ во Струга со фасади кои се комбинација од црно-бел пран терацо.
Погонско-техничката зграда на фабриката „Жито ориз“ од Кочани изградена е во 1979 година. Габаритот на објектот е од три скоро еднакви квадрати, меѓусебно поврзани со централен хол, а различни по височина.
Станбено-деловен објект на булеварот „Партизански одреди“, Скопје
Станбено-деловниот објект на булеварот „Партизански одреди“, веднаш до пазарот „Буњаковец“ е добитник на специјално признание на второто Биенале на македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година. Во приземјето се наоѓа продажен простор, првите четири ката се деловни, а од петтиот кат до поткровјето сместени се станови. Фасадата е од бел вештачки камен, а сите монтажни елементи се од бел цемент.
Станбените згради во населбата Аеродром, Скопје изградени се во 1983 година. Нивната концепција се заснова на веќе дефинираните елементи на една од најурбанизираните населби во Скопје. Фасадите на објектите се црвена тула и бел ролопласт. Приземните станови во овие објекти имаат свои дворови, кои самите станари ги одржуваат.
станбено-деловни објекти во Општина Карпош, попознати како „Лептокарија“
Во 1990 година изградени се станбено-деловните објекти во Општина Карпош, попознати како „Лептокарија“. Приземниот дел на објектите е наменет за локали, а трите блока имаат вкупно 180 стана со различна структура. На аголот меѓу булеварот „Илинден“ и улицата „Наум Наумовски- Борче“ во 1994 година изграден е станбено-деловен објект во кој се сместени 12 стана. Прохирија Хаџи Костова – Пешиќ продолжува со проектантската активност со нејзиниот станбено-деловен комплекс на улица „Теодосије Гологанов“, непосредно до Клубот на пратеници. Објектот има два влеза, вкупно 24 стана и паркинг-места во подрумот за секој стан. Во нејзиното плодно творештво влегуваат и преку 10 индивидуални куќи и многу други објекти со различни намени.
станбено-деловен објект на булеварот „Илинден“, Скопје
Со своите реализирани објекти и обемното архитектонско творештво, Прохирија Хаџи Костова – Пешиќ се вбројува во многу плодните творци кои создавале на територијата на нашата држава. Нејзинот талент и професионален однос кон архитектурата ни остави трајни дела и белег на Скопје и на останатите градови. Таа во јануари годинава издаде и книга за своето творештво со наслов „Тоа сум јас – Пока“. Во книгата се содржани дел од нејзините дела, а меѓу останатото, покрај тоа што книгата го документира нејзиното творештво, може да послужи и како патоказ и инспирација за младите архитекти да учат од повозрасните колеги.
Dlaboko sum impresionirana od bogatoto tvoreshtvo na Prohirija Hadzi-Kostova Peshikj. Osobeno sum voshitena od nejzinata inventinost i kreativnost, imeno raznovidnosta na fasadite. Zgradite se proektirani so poseben sens za sovremeno domuvanje.
зградата до пазарчето Буњаковец, си видела распоредот на становите? жива катастрофа
Творештвото на Пока во нејзиниот работен век е нејзина хронолоѓија која ќе остане траен белег. Нејзината упорност да ја издаде книгата ме восхитува.