Насловна / Архитектура / Професијата архитект може да помогне да се напушти светот подобар отколку што го најдовме

Професијата архитект може да помогне да се напушти светот подобар отколку што го најдовме

Пјер Матео Фањони е архитект, доктор на науки, визитинг професор на Архитектонскиот факултет во Фиренца и сопственик на студиото Fagnoni&associati. За четиригодишниот период 2017 – 2021 година е избран за член на Одборот на Комората на архитекти на Фиренца (Ordine Degli Architetti Della Provincia Di Firenze – OAF), а последнава година е и нејзин претседател. 1_resize

Која е Вашата агенда, Вашите цели како претседател? Како ја гледате иднината на Комората?

Па, треба да прецизираме дека Комората на архитекти во Италија е пред сè, институција. Основана е заради управување со професионалната коректност на архитектите кон граѓаните. Значи, тоа не е некакво трговско здружение (на пример, „работнички синдикат“), туку здружение кое се обидува да ги заштити граѓаните од професионалците. Во исто време, Комората на архитекти ја промовира архитектонската култура како референтна точка за сите оние кои веруваат дека, преку добра архитектура (пејзажна архитектура, урбанистичко планирање, планирање на животната средина, реставрација итн.), општеството во кое живееме може да се подобри. Во оваа смисла, мојата агенда оди во таа насока.

Ја презедовте позицијата претседател во еден критичен момент, 2020 година и КОВИД-19 пандемијата. Изјавивте: „Проблемите се екстремно комплексни: пандемијата радикално влијаеше на животот во заедницата, пред сѐ од здравствен аспект и со големи економски последици, кои имаа и значаен импакт на професионалните активности“. Како успеавте да се справите со ваквата критична состојба?

Од почетокот на вонредната состојба, се обидовме да дадеме конкретен придонес преку разни иницијативи: креирање синергија со јавната администрација заради олеснување на паметниот (smart) систем на работа или баравме решенија за олеснување на соработката, средбите помеѓу јавната администрацијата и професионалците. Потоа, се обидовме да им дадеме финансиска поддршка на колегите кои имаа тешкотии, со донесување конкретни иницијативи како што е одложување на плаќањето членарина. Склучивме договори за олеснување на пристапот до системот за видеоконференција, давајќи им можност на членовите да користат професионални услуги, платени директно од Комората. Потоа, се обидовме да ја поддржиме јавната администрација во планирањето на „Firenze Futura“ (https://firenzeprossima.it/), партиципативна платформа за иднината на Фиренца. Нашиот град, својата економија секогаш ја темелел на туризам. За реално кратко време, сфативме дека Фиренца, за време на пандемијата, се испразни и историскиот центар беше „мртов“. Оттука, потребата да се преиспита урбаната иднина на Фиренца, со план што нема да биде еднофункционален, на пример: обид да се врати домувањето во историскиот центар (не само за „богатите“ граѓани) или за производните активности (занаетчиството) или пак и понатаму, центарот да се приближи за граѓани и активности, кои со текот на годините се иселиле од него. Ова се предлози кои се обидуваме да ги направиме за градот. Сепак, политиката треба да ги даде одговорите. 10_resize

Можете ли за нашите читатели да го опишете чувството на „празна Фиренца“? Претпоставувам дека беше навистина посебно.

Искуството во деновите на карантинот беше тешко. Мислам на првиот карантин, оној меѓу почетокот на март и мај минатата година. Целиот град беше различен. Но, периферните реони сè уште имаа живот овозможен од неколку отворени продавници (за храна, аптеки и сл.). Покрај тоа, животот беше обележан и со движење на некои луѓе кои мораа да се преселат заради работата. Центарот, од друга страна, беше страотен: како што споменав, со години центарот е „населен“ главно од туристи, па дури и продавниците во центарот се главно отворени за да им служат ним. Рестораните и самопослугите беа затворени затоа што никој не влегуваше да купи храна. Аптеките, со закон, беа отворени, но се случуваше, во текот на денот, да влезе само еден купувач. Тоа се чувства што е тешко да се опишат: ситуацијата нè потсети на она што сме го гледале во некои „катастрофични“ филмови.

Како жител на град, држава, со енормен фонд на историски градби, живеејќи меѓу фасцинантни споменици, пред вас стои голем предизвик за нивна консолидација, трансформација, давајќи им го притоа заслужениот респект. Многу од нив, не само национални, туку длабоко значаен дел од светската историја на архитектурата. Секогаш се прашувам како успевате да ги сочувате функционални во овој модерен свет?

Историското и културното наследство претставува едно од најважните богатства на Италија. Во нашата земја, културата на реставрација и конзервација има долга историја. Заедно, од гледна точка на обука за архитектите и за можноста на градежните компании, успеавме да развиеме култура на реставрација што ни овозможи да го зачуваме, но и да го подобриме нашето историско и културно наследство. Сепак, ние мора да мислиме на реставрацијатата како на развојна патека: при монументална реставрација, ние дејствуваме за зачувување, но реставрацијата во Италија, значи и повторна функционализација или интервенции кои создаваат мешавина на историското зајакнување и современите знаци. 2_resize

Раскажете ни ја сторијата, битката која ја водевте за стадионот Артемио Франки, дело на големиот Луиџи Нерви, обележје на градот Фиренца и исклучително важна градба, ремек-дело во историјата на архитектурата и значајна за меѓународното наследство.

Просто неверојатно: за да спасиме еден од најголемите италијански споменици на модерната архитектура мораше да издржиме ваква тешка битка. Сепак, ако не започневме да го креваме гласот во 2019 година, можеби денес ситуацијата ќе беше поинаква. Во 2019 година, фудбалскиот тим во Фиренца беше купен од италијанско-американски претприемач, Роко Комизо. Требаше да се избере меѓу реновирање на делото на Пјер Луиџи Нерви или изградба на нов стадион. Тој веднаш изјави дека сака да изгради нов стадион. И покрај јавната сопственост на стадионот во Фиренца (сопственост на Општината Фиренца), во септември 2019 година, компанијата Фиорентина Калчо претстави проект за реновирање на стадионот Франки. Предлогот беше многу радикален и предвидуваше уривање на дел од постојните структури. Надзорниот орган на целокупниот проект се спротивстави. Комората на архитекти на Фиренца веднаш силно протестираше. Заедно со други здруженија и фондации започнавме долга битка преку написи во весници, дебати и конференции. Во август 2020 година, националната политичка гарнитура се обиде да протне ад хок Закон за рушење на стадионите, дури и ако е важен како стадионот во Фиренца. За среќа, во јануари 2021 година, италијанското Министерство за култура ја поддржа важноста на овој споменик. На крајот, Општина Фиренца, исто така, го прифати нашиот предлог и, овие денови, ќе се објави меѓународен повик за конкурс за реставрација на стадионот и на неговата непосредна околина. Големо задоволство за нас, за битка која бараше многу енергија, но на крајот се покажа како победничка.

6_resize 7_resize

Што би кажале, каде стојат архитектите како група во однос на прашањата врзани за екологијата?  Дали мислите дека ќе успеете да ги придвижите членовите на ОАФ кон еколошка свест?

Еколошкиот предизвик е еден од најголемите приоритети за оваа наша генерација. Архитектите имаат голема одговорност да се обидат да помогнат во подобрувањето на животната средина. Во областа на проектирањето, (од објекти до интервенции на животната средина, од урбанистичко планирање за реставрација), потребно е да се посветат на сите ресурси за да се генерираат одржливи интервенции што можат да ја подобрат околината. Од оваа причина, потребно е политиката да воведе норми што овозможуваат олеснување на компатибилните интервенции и доблесните избори за животната средина. На клиентите, често, им е тешко да разберат дека понекогаш е потребно да се инвестира повеќе капитал за да се постигне одржлив резултат за животната средина. Предизвик за нас е да ги убедиме клиентите дека поголема почетна инвестиција може да овозможи, во иднина, да имаат големи заштеди со ограничување на трошоците за енергија, но над сè, во иднина поодржливите интервенции ќе имаат поголема вредност и ќе го дадат резултатот на инвестицијата – одговорен и доблесен. 5_resize

Сумирајте ги вашите најголеми достигнувања и предизвици, како претседател на ОАФ.

Првиот предизвик на претседателот е секогаш да може да работи со кохезивна и партиципативна работна група. Од 2009 година, Комората на Фиренца го поддржува изборот за овозможување зајакнување на целокупниот Одбор со делегирање и ротација на одделите. Претседателот е претставник на Одборот. Значи, потребно е новиот Одбор брзо да стане добра, обединета работна група, во која сите се чувствуваат вклучени. Меѓу најважните предизвици е можноста да ги вклучиме нашите членови во комисиите (за урбанистичко планирање, одржливост на животната средина, еднакви можности итн.). Ние, исто така, соработуваме и на ниво на град заради дефинирање на новата алатка за урбанистичко планирање, ја развиваме работата на Фондацијата на архитекти за организирање културни и едукативни настани. Но, претстојниот предизвик се однесува на конкурсот за стадионот во Фиренца. Во врска со ова прашање, ние сме силно посветени на Општината Фиренца за изготвувањето на Повикот за конкурсот (кој треба да биде објавен кога ќе биде објавено и ова интервју), што ќе биде еден од најважните настани за Фиренца во наредните месеци. 6_resize

Како би ги оцениле италијанските архитекти на глобалната архитектонска платформа?

Архитектурата во Италија доживува период на голема креативност. Постојат многу нови архитектонски студија, кои се натпреваруваат на меѓународни натпревари и се успешни. Најинтересно е што тие често се интердисциплинарни групи составени од млади луѓе кои имаат многу ентузијазам и голема креативност. Најголемиот проблем е што во Италија сè уште нема Закон за архитектура. Ова значи дека, особено за изградба на јавни објекти, немаме регулаторен систем што ќе го издигне квалитетот на архитектурата над чинењето на градбата. Повторно, тоа е сериозна одговорност на политиката. Ако сакаме нашата земја повторно да биде конкурентна на меѓународно ниво, мора да се бориме да добиеме Закон за архитектура што е можно побрзо.

Што мислите за модерната урбанизација, урбанистичкото планирање, приватните инвестиции и политиката во урбанистичкото планирање и архитектурата денес?

Ова прашање е поврзано со претходниот одговор. Во Италија, ги занемаривме аспектите на планирањето. Премногу често шпекулативните интереси ги освојуваа аспектите на квалитетот на урбанизмот. Имаме премногу комплициран и пред сѐ бавен законодавен систем. Потребни се многу години за да се направат значителни промени. Понатаму, премногу често во Италија сме навикнати да постапуваме (само) откако ќе се појави итен случај. Законите за заштита на пејзажното наследство се одобруваат после поплава или свлечиште; законите за сеизмичка безбедност доаѓаат после земјотрес. Треба да бидеме навремени и да проучуваме правила што веднаш се применуваат: меѓу нив, всушност, е и Законот за архитектура. Овој закон може да дејствува и при насочување на системот на приватните инвестиции. Доколку новиот закон успее да го поттикне квалитетот во архитектурата, и приватните инвеститори ќе можат да најдат дополнителен мотив за создавање одржливи згради, во рамките на одговорен систем за планирање што ги прави нашите градови, нашата територија, попријатни за живеење, гостољубиви и фасцинантни.

Што би кажале за хонорарите на архитектите? Како успеавте да го дефинирате Тарифникот за работа на начин да одговори на барањата на Вашите членови?

Ова е исто така важно прашање и мора да биде дел од Законот за архитектура. Неолиберализмот произведе пазар без правила, а ова ослободи дива конкуренција во која преовладува максимален пад и губење на квалитетот. Не случајно, најдобрите дела произлегуваат од меѓународните двофазни конкурси, на кои архитектите се натпреваруваат барајќи го најдоброто решение и инвестирајќи само во сопствените економски енергии. Но, овој систем мора да се промени. Работата мора да биде наградена правилно, и ние мора да се бориме да ги натераме луѓето да разберат дека улогата на архитектурата и архитектот се фундаментални и бараат многу енергија: оваа енергија мора да биде наградена заради нивно фер вреднување. Дури и за младите луѓе кои влегуваат во професијата ова е особено важно. Инаку, за да можат да работат ја распродаваат својата работа, нудејќи цени кои никогаш нема да бидат доволни за покривање на трошоците. Но, сето ова бара и систем за контрола на квалитетот во нашата работа. Затоа, тоа не е само обичен Тарифник, туку систем на артикулирани правила, кои мора да обезбедат фер компензација и почитување на квалитетот на работата на архитектот.

4_resize

Во Вашата кариера, кој бил најголемиот предизвик со кој сте се соочиле на полето на архитектурата? Кои беа Вашите најголени достигнувања и предизвици?

Најважната промена беше секако преминот од аналогно во дигитално. Дипломската работа ми беше една од првите проекти направени со дигитална технологија. Транзицијата, за мојата генерација беше предизвик и беа потребни многу години да влезам во дијалог со други проектни тимови или со јавната администрација, со дигитална технологија. Парадоксално, сега се соочувам со професијата без компјутерски вештини што ги имав пред 20 години. Мојата работа денес е главно менаџмент, прво затоа што главно ја вршам улогата на проект-менаџер за странски инвестиции. Тешко ми е да сум во тек со новите БИМ-технологии. Секако, се потпирам на БИМ- менаџерот заради развој на синергија во проектните активности. Сепак, верувам дека работата на архитектот е повеќеслојна и не може да се одвива без интеракција со големи тимови. Затоа, најважниот предизвик за архитектите, сè повеќе, ќе биде оној да знаат како да комуницираат со мултидисциплинарни технички тимови. Но, сигурен сум дека големата разновидност со која се обучуваат архитектите денес е голема предност. Значи, јас ги гледам архитектите како идеални субјекти да бидат водачи на тимовите на овие проектни групи.

Гледајќи нанапред, кој е најголемиот предизвик за архитектите во денешно време?

Верувам дека најсложениот предизвик е да се соочиме со целината, како за нејзините предности, така и за дефектите што целината ги наметнува на сите нас. Веќе не е можно да се замисли иднина што е исклучиво резултат на изборите на владата или нацијата. Почнувајќи од климатскиот предизвик и заштитата на животната средина, до управувањето со миграцијата помеѓу сиромашните територии или, во војна, кон земјите што можат да понудат подобар животен век. Сето ова, исто така, паѓа на грб на изборите и начините на постапување на архитектите. Првиот чекор мора да биде знаење, вториот чекор мора да биде акција. Сите живееме во ера во која брзината на промените станува феномен со кој е тешко да се управува. Дури и во специфичното поле на активности на архитектите: ние мора да направиме свесен избор за дизајн кој знае да се соочи со иднината. Но, за да го сториме ова, прво, треба да знаеме. За да знаеме дека треба да ги отвориме нашите умови, да се менуваме, да учиме, ажурираме и да го пренесуваме ова знаење на помладите. Тие се предизвици на највисоко ниво, но верувам дека се предизвици кои не зависат од избор, туку од неопходност. 11_resize

Каков совет би им дале на неодамна дипломираните архитекти, идните професионалци?

Најдобар начин да станете добар архитект е да бидете љубопитни, да научите и да ѝ пристапувате на оваа професија со страст. Јас, секогаш, им предлагам на младите италијански архитекти да започнат да го продлабочуваат своето знаење со „читање“ на територијата на која живеат, а потоа максимално да го искористат своето време за патувања и запознавање на нашиот свет. Денес може да патувате со многу малку трошоци и патувањето е на дофат на скоро сите што имаат среќа да можат да студираат за да станат архитекти. Ова е првиот совет. Вториот совет е дека професијата архитект не се учи само од книгите. Навистина, како во минатиот век, некој стана архитект учејќи од она што другите архитекти го направиле пред нас. Затоа, искористете ги сите можности за обука, практикантска работа, дури и во други земји од онаа во која живеете. Во оваа смисла, Европскиот проект Еразмус е најдобрата инвестиција во мојата генерација и во наредните. Третиот совет е да се негува страста за оваа работа со решавање на проектите преку натпревар. Ви препорачувам да научите да работите во група, да развивате истражување на дизајнот преку експериментирање со натпревар: општо, започнуваме со оние поедноставните теми од сечиј опфат, а потоа разговараме за важни или тешки прашања, како што се оние за реставрација и реновирање на стадионот во Фиренца. Верувам дека професијата архитект може да биде убава професија, соочена со страст може да  даде огромно задоволство и да помогне да се напушти светот подобар отколку што го најдовме.

Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, дипл. инж. арх. 8_resize

Испрати коментар

Scroll To Top