Насловна / Архитектура / Проф. д-р Зоран Тунтев: Охрид – градот на светлината и на илјада осветлени крстa

Проф. д-р Зоран Тунтев: Охрид – градот на светлината и на илјада осветлени крстa

„Охрид е мистична земја од сказните и ако го апстрахирам сè она што како зрел научник сум истражувал, останува онаа маѓепсана атмосфера која се искажува со чувствата, а не со разумот.“ – така во едно свое интервју го опиша својот роден град, доајенот на македонската современа архитекура, професорот Борис Чипан. Распослан на ритчињата и на рамнината до самото езеро, во величествен природен и историски амбиент, Охрид не прекинува да го воодушевува секој свој посетител. Во тој динамичен пејзаж, Охридското Езеро ќе ве пречека како на дланка, со околните нанижани силуети на планините и скалесто поставени покриви на куќите од стариот град зад кои ѕирка по некоја црква или историски објект. Секое камче од старото градско јадро како да сака да проговори за древната историја. Таа магија ве обзема и ве следи непрекинато од зората до приквечерието. А тогаш, контурите на градот блеснуваат во нова, мистична димензија во ноќта, меѓу кои посебно акцентирани со светлина  се истакнуваат одредени реперни точки, културно-историски и религиозни објекти значајни за градот. Осветлувањето на овие објекти од профаната и религиозната архитектура, се дел од визијата за својот град на уште еден охриѓанец, проф. д-р  Зоран Тунтев, редовен универзитетски професор на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Со огромна љубов кон својот град и желба за истакнување на неговите древни вредности, професорот Зоран Тунтев, трпеливо, посветено и со голем ентузијазам низ изминатите години успеа да ги реализира и оконча двата значајни проекти именувани како „Град на светлината“ и „Град на илјада крстови“. За овие проекти, нивната реализација, предизвиците со кои се соочи, неисцрпната инспирација и мотивација, разговаравме со професорот Тунтев.

Поглед кон осветлените Св.Јован Канео, Плаошник, Самоилова тврдина(од фото-архивата на Проф.Д-р Зоран Тунтев)

Поглед кон осветлените Св.Јован Канео, Плаошник, Самоилова тврдина(од фото-архивата на Проф. Д-р Зоран Тунтев)

Како редовен професор на ФТУ Охрид, Ваша професионална определба станува промоцијата на културното наследство, што ја работите со многу посветеност. Од каде потекнува таа љубов?

Целиот мој процес на едукација (факултет, магистратура, докторат), а и професионалната определба, сè е поврзано со туризмот и со Охрид: редовен професор на ФТУ, приватно сместување, угостителство, професионален туристички водич. Таа комбинација на теорија и пракса, да се учи секој ден и да се биде постојано „на терен“, ви дава многу поинаква димензија за градот, за неговите перформанси како туристичка дестинација, но и за луѓето кои живеат тука.

Проф. Д-р. Зоран Тунтев

Проф. д-р  Зоран Тунтев

Охрид има некоја магија која ме тера да останам овде. Да не ми беше толку убаво овде, веројатно ќе живеев во Белград. Притоа, имав и стотина други шанси да избегам многу подалеку и да работам како универзитетски професор. Од каде таа љубов? И јас се прашувам честопати. Веројатно комбинација на волшебна природа и ексклузивно минато, кои ме прават локалпатриот. Но јас сум и благословен со вонсериски пријатели, со кои се дружам секојдневно, од кои учам постојано, со кои патувам често. Сето тоа заедно резултира со таа моја огромна љубов кон Охрид, претпоставувам.

Зад Вас стојат многу ентузијастички проекти, но мене како архитект ми го одвлекоа вниманието двата проекти со светлината, едниот завршен скоро „Град на илјада крстови“ и другиот, неодамна, „Град на светлината“. Како дојдовте на идеја за осветлување на овие важни реперни точки за градот?

Идејата за проектот Охрид – град на светлината се појави во 2016 година. Три моменти беа круцијални:

(1) Во Историскиот архив сосема случајно дојдов до податоци за првата електрична светилка, која била поставена пред сто години на градското пристаниште. Одбележувањето на тој јубилеј помина толку добро, што решив да продолжам со осветлување на најзначајните атракции во стариот град. Првенствено мислев на спомениците, Музејот, Античкиот театар, Тврдината, спомен- куќите, бистите.

Самоиловите тврдини - фотографија Паунче

  Самоиловите тврдини; фото: Паунче

(2) Но, во исто време, во мојата најомилена црква, Света Богородица Перивлепта, се случи една многу чудна ситуација: целосно реставриран фрескоживопис, по долги години конечно завршен, да остане во тотален мрак (внатре во црквата имаше едвај две сијалици, една бела и една жолта)!? Тоа ме натера да размислам и да пробам, со стручна помош, да го осветлам адекватно тој генијален фрескозапис, кој докажува дека проторенесансата не е начната во Италија, туку токму овде, во Македонија. Замислете само, кога таква црква би била лоцирана каде било во Европската Унија, таа би била вистинска сензација: десет години пред Giotto di Bонdonе и Капелата Скровењи во Падова, вие да имате „жив сведок“ за почетокот на ренесансната уметност. И замислете каков парадокс ни се случуваше овде: никој да не може да го види тоа непроценливо богатство?

2.Осветлување на фрескоживописот на црквата Св. Богородица Перивлепта(фото Зоран Карапанчев, од фото-архивата на Проф.Д-р Зоран Тунтев)

осветлување на фрескоживописот на Богородица Перивлепта; фоото: Зоран Карапанчев

3.Осветлување на фрескоживописот на црква Св. Богородица Перивлепта (од фото-архивата на Проф.Д-р Зоран тунтев)

осветлување на фрескоживописот на Св. Богородица Перивлепта од фотоархивата на проф. д-р Тунтев

(3) Патувајќи низ светот, секогаш се прашував зошто Охрид да не е осветлен како Фиренца, Прага, Виена, Будимпешта, како Рим, Париз, Лисабон? Зошто и нашите убавини да не бидат видливи и навечер?

Идејата за проектот Охрид – град на илјада крстови дојде спонтано: со самото осветлување на црквите се наметна и илуминацијата на светиот симбол, кој е сеприсутен во нашиот град. Досега охриѓани не беа ни свесни колку често го гледаат крстот, на секој чекор, на секој панорамски поглед. Некои цркви имаат само по еден крст, горе на куполата, Света Софија има три, Свети Никола Геракомија пет, но некои имаат многу повеќе (на пример Света Богородица Каменско надвор има дури 15 крста, кои се сега осветлени и навечер видливи од дистанца).

Визуелното доживување на природната и артифициелната светлина е различно искуство. Што значи светлината за Вас? Каква порака испраќа архитектурата во корелација со светлината? Како светлината може да помогне во подобра перцепција на архитектурата?

Јас ја љубам онаа игра на светлото и сенката. Тој ефект најмногу ми успеа при осветлувањето на Света Софија. Преку ден гледате робустна, мегало структура, прво градена како базилика, во форма на брод свртен наопаку, подоцна во облик на буквата Т, па неколку пати менувана, доградувана, на повеќе места дури и со нарушена симетрија. Сепак, со малку инвентивност, со светло кое ќе ги сокрие недостатоците, а ќе ја потенцира убавината, навечер катедралата добива сосема поинакво, свечено руво.

4.Света Софија- фотограф Емил Јовановиќ

Св. Софија; фото: Емил Јовановиќ 

5.Егзонартексот на црквата Св. Софија(фото Стојан Стојановски 2S)

 

Егзонартексот на Света Софија; фото: Стојан Стојановски 2S

И иконата на Богородица со малиот Исус е детал со исклучителен ефект. Иконата е со посвета, симбол на мојата вечна љубов. Преку ден е тотално во мрак, незабележителна. Но, навечер ситуацијата е сосема поинаква: светлото под иконата е суптилно, отворот на предниот ѕид игра улога на паспарту. Сепак, видливоста е ограничена, бидејќи целата композиција ја поставив во лажен прозорец на внатрешниот ѕид од Света Софија, кој паѓа во очи само под одреден агол.

6.Богородица со малиот Исус, видлива само под одреден агол (црква Света Софија) -фотографија на Емил Јовановиќ

 

 Богородица со малиот Исус; фото: Емил Јовановиќ 

Конечно, тоа вечно танго меѓу светлото и сенката го искористив и при осветлување на апсидата од црквата Свети Јован Канео. Гледана од дистанца, целата црква навечер сега изгледа како голем, велелепен крст. За мене тоа е спектакуларен ефект: навечер имате поглед кон Канео што никого не остава рамнодушен. Затоа проектот „Охрид – град на илјада крстови“ го заокружив токму тука.

7.Св. Јован Канео (Фотографија на Оливер Петкоски)

 Св. Јован Канео; фото: Оливер Петкоски

За да ги добијам посакуваните ефекти, јас морав да се едуцирам многу долго и темелно, притоа морав да барам и стручно мислење од архитект, експерт за светло, електроинженер. Вера Аголи е мојот ангел заштитник, мојот советник и коректор. Млада дама, вонсериски архитект, живее и работи во Белград, Србија; Климент Гиновски, живее и работи како светло-мајстор во Мелбурн, Австралија; Ѓорѓи Метулев, врвен електроинженер на релација Охрид – Скопје, без чија помош и совет не би се осмелил да чепкам жици со висок напон.

Охрид како град носи многу епитети, низ различни историски епохи, вкрстувајќи различни култури, Лихнид – град на светлината, важна точка на римската магистрала Виа Егнација, балкански Ерусалим, лулка на сесловенската писменост, природен уникатен бисер со најстарото езеро во Европа. Што за Вас значи Охрид, како го доживувате?

Во 2009 година списанието The Parliament (официјално списание на Европскиот парламент во Брисел) ја објави мојата статија под наслов: „Седумте чуда на Охрид“. Во текстот ги потенцирам најголемите антропогени достигнувања, што го прават нашиот град уникатен:

1. Најстарa населба на светот, со континуиран цивилизациски развој;

2. Град со два светски признати светители: Свети Климент и Свети Наум Охридски;

3. Балканскиот Ерусалим и митот за 365 цркви;

4. Првиот универзитет во Европа;

5. Град на кирилицата;

6. Првиот карантин во Европа; и

7. Првата проторенесанса.

На овие седум теми до денес сум имал безброј преписки со експерти од најразлични области, особено со историчари од нашите соседни земји. Но, дијалогот секогаш имал позитивен исход, никој досега не оспорил ниедно од овие тврдења. А јас си добив многу поддржувачи и добри пријатели – интелектуалци од цел свет.

8. Списанието The Parlaiment каде е објавена статијата за седумте чуда на Охрид на Проф.Д-р Зоран Тунтев

 

фото: списанието The Parliament

Во Вашиот ТВ-прилог го спомнувате поимот „религиозен туризам“. Како да се унапреди, посебно во моменти на градежна експанзија на градот, кога се чини дека градот е во страшен предизвик да го сочува својот лик и дух? Колку странските туристи се заинтересирани?

Охрид има три силни адути да биде религиозна дестинација пар екселанс: митот за 365 цркви, двата патрони – светители и кирилицата. Со осветлување на црквите и крстовите јас се обидувам да ги потенцирам токму овие атрибути, кои ретко кој друг град во светот ги поседува. А во тој наш хаотичен приод, во тој галиматијас наречен „промоција на Охрид“ тие се најмалку застапени? Во најмала рака, парадоксално.

Странските туристи сакаат да ја откриваат историјата, да се соживеат со традицијата, да откријат уникатни места кои сè уште имаат оригинален шмек. За наша среќа, светот во XXI век сè повеќе изгледа како комбинација на Мек Доналдс и Дизниленд. И токму затоа Охрид има шанса. Но, за наша несреќа, ние самите не знаеме да го чуваме ова богатство. Ниту природното, а особено не антропогеното.

Дали постои свест за културното наследство? Дали е препознаено од институциите кои се задолжени за негова грижа, има ли соработка при реализација на овие значајни проекти?

(1) Свест? Морам да бидам груб, но таква категорија во Охрид и во Македонија не постои. Ниту за културното, ниту пак за природното наследство. Многу повеќе странците го ценат ова што ние го имаме, отколку ние самите.

Приказната со УНЕСКО е најдобар пример: само 39 точки на планетата Земја се заштитени како светско природно и културно наследство, а Охрид е една од нив (од 1979 езерото, а од следната, 1980 година, стариот град). Условот езерото да биде под заштита на УНЕСКО бил да се изгради колекторски систем. А стариот дел од градот да остане автентичен (притоа, границите на заштитената зона да зависат од нас самите, колку од урбаното јадро ќе остане со истиот изглед од 1980 година).

По 40 (и повеќе) години, состојба на езерото: колекторот не функционира, немаме изградено нови, модерни и економични минисистеми за чистење на отпадните води. Сатеска и другите реки и потоци само носат ново ѓубре. Секој јужен ветер исфрла тони и тони цврст отпад. Сè уште возиме прастари бродови, илјадници чамци и катамарани со многу бучни мотори на нафта, масло и бензин, кои немилосрдно го загадуваат езерото.

По 40 (и повеќе) години, состојба на градот: ништо веќе не е исто, освен можеби две или три улици во Варош и оној фенер, заштитниот симбол по терк на куќата на Крапчета. Границата на заштитеното подрачје никој не ја знае. Во Охрид царува бекатонот, кичот, грдо „дентист“ бело светло, мирис на канализација. Најголем „гробар“ на градот веќе 20 – 30 години е главниот градски архитект.

(2) Во однос на соработката,  од градоначалниците засега нема никаков или многу мал слух за овие проекти, бидејќи приоритет им се горливи инфраструктурни проблеми, па немаат време ниту средства да помогнат. Сè морам сам, па затоа ми оди многу бавно и затоа овие два проекти траат толку долго. Купувам евтини рефлектори, ги молам пријателите за помош, притоа се молам разни „хуманитарни“ ликови да не ми одмагаат со користење на рефлекторите на неколку ударни локации без прашање и дозвола, при што со несовесно ракување и лепење на фолии на нив, честопати ги расипуваат за што не сносат никаква одговорност.

Заводот и музеј – Охрид веќе долго време го водат дилетанти. За жал, таа институција има голем потенцијал, но очигледно е ставена во погрешни раце: куќата на Робевци, оној генијален архитектонски израз, е всушност најдосадниот музеј на светот, галеријата на икони не ја посетува никој, локалитетот кај Манчевци пропаѓа. Тотално се незаинтересирани за осветлувањето на Самуиловата тврдина, која треба да биде круна на градот, бренд. Во краток период таа институција успеа да го уништи прекрасното осветлување на Античкиот театар, да ја извади (и скрши) мермерната спомен-плоча посветена на Горан Стефановски, да дозволи охридскиот чун целосно да се распадне. Тажно. Тие луѓе не се од Охрид, или не си го сакаат својот град.

Црква Св.Климент и Пантелејмон, Плаошник (од фото-архивата на Проф.Д-р Зоран Тунтев)

Св. Климент и Пантелејмон, Плаошник; фотоархивата на д-р Тунтев

 Дали има некој објект од силуетата на Охрид, што би го издвоиле како посебно значаен за Вас?

Од профаните објекти, Гимназијата. Сакав да поставам и повеќе суптилно светло, не само амбиентално, од дистанца, туку и посебно да ги потенцирам столбовите над влезот и на терасите. Ќе биде и тоа, еден ден ќе им дојде редот.

Од сакралните, Свети Врачи. Секој би типувал на Света Софија, Канео, Плаошник, Богородица Каменско. Велелепни цркви, конечно осветлени како што им доликува. Многу сум горд на секоја од овие изведби. Но, за мене посебна е Свети Врачи. Црквичка која просто изникна на хоризонтот, едноставно се наметна на „вечерната градска сцена“. Посебно што, куќна слава ми е токму таа, докторската, на Светите бессребреници Кузман и Дамјан.

8. И архитектурата на модерната има важен белег во Охрид. Сведоци сме на немилосрдно рушење на ресторанот Парк на архитект Павел Балабан, за кого архитектонската фела задоцнето реагираше. Тука се и: Хотел Палас, со неизвесна судбина на привремено заштитен објект на културата, Историски архив како убава скулптурална бруталистичка архитектура, Стоковна куќа Чинар, со променет изглед, училиште „Св. Климент Охридски“ (исто така на Балабан, со две награди во 1980 година, Републичка награда и Сојузна награда за архитектура на Југославија „Борба“), Комплекс Летница, Бензинска станица Макпетрол и др. Како да се препознаат вредностите на овие објекти и да се заштитат?

Мислам дека е предоцна за оваа битка да се сочуваат симболите на модерната архитектура. А архитектите ќе одат во заборав. Освен старото училиште „Свети Климент“ (денес седиште на Митрополијата) и Гимназијата, ниеден друг објект од јавен интерес не е автентично сочуван или реновиран. Јас одамна изгубив надеж, уште кога се сруши хотелот Парк. Се сеќавате каков генијален објект постоеше таму (во Горица прва)? Сега на негово место имаме грдотија од бетон и стакло. Можам да се обложам дека и на местото на ресторанот Парк ќе никне уште една таква грдотија.

Палас пропаѓа, ПТТ пропаѓа. Дури и да ги реновирате, тоа се веќе изгубени случаи, бидејќи во меѓувреме други високи станбени згради и хотели го затвориле погледот на овие објекти кон стариот град. Кејот е претворен во панаѓур, со лунапарк, рингишпил, лесковачки скари… санитарни јазли, ХАССП-системи, ИСО-стандарди? Невкус на секој чекор. Наместо целата прва линија да биде ексклузивна (како на пример, денешен Харбур или старото музичко училиште), по кејот доминираат полусрушени куќи, градежен шут и многу (архитектонски) несоодветни деловни објекти. Сомнителни и по изведба, но и по избор на бои, материјали, осветлување. Кој ги давал тие дозволи за градба? Имаат ли тие архитекти елементарна смисла за добар вкус?

Свети Сава е руина. Двете градски пристаништа и мостот кон Канео се руина. Исто како и Пензионерското, Социјалното, Маларичната, зградата на МРТВ, основните училишта, градинките, малиот полигон, Радио Охрид, уште којзнае колку други. Историскиот архив се поплавува на секој посилен дожд.

Чаршијата е посебна приказна. Како за подлогата, така и за бројот на различни бекатон елементи околу чинарот. Летница е непрепознатлива, амамот зјае со празни дуќани (и двата мегаобјекти немаат сопствен паркинг), насекаде неонско светло, шаренило на бои и материјали. Секој дуќан си тера по свое, не остана ништо оригинално. Каде е оној стар, добар шмек на чаршијата, онаа фина мешавина на Европа и Ориентот?

Пазарот? Никна и таму нова мегазграда (без паркинг?!?), со дуќани без санитарни јазли!? Да не одиме подалеку: сте ги виделе ли пазарот и чаршијата во Корча?

Овде треба да прекинам, веројатно сето ова звучи многу нихилистички. Но, секој што искрено го љуби овој град, ќе Ви го каже истото.

Охрид  е град на многу видни личности кои оставиле свој печат. Дали некој посебно Ве инспирира?

Пред сите, Михајло Пупин. Убедливо најголемиот мецена на Охрид. Никогаш не заборавил од каде потекнува неговата мајка, па затоа донирал пари за изградба на згради, цркви и училишта. Генијален лик. Издвојувал огромни средства и за помош на голем број талентирани, но сиромашни деца од Охрид. Едноставно, добротвор без преседан во историјата на нашиот град.

9. Спомен плоча на Михајло Пупин (од фото-архива на Проф.Д-р Зоран Тунтев

 

плочата за Михајло Пупин од фотоархивата на проф. д-р Тунтев

Во 2016 година самоиницијативно поставив малечка спомен-плоча пред камбанаријата на Света Богородица Перивлепта (и објектот и ѕвоното се негова донација од далечната 1928 година). Организирав и прекрасна изложба „Охрид во времето на Пупин“, ги повикав неговите роднини од Белград и Вевчани, повикав претставници на Здружението „Михало Пупин“ од Белград, направивме одлична „фешта“. Отидов во возвратна посета, запознав прекрасни луѓе, стекнав добри пријатели. Војводина е полна со Македонци и со луѓе кои ја сакаат Македонија.

10. Св, Богородица Перивлепта - фотограф Паунче

 Св. Богородица Перивлепта, фото: Паунче

Истата година побарав од нашите градски власти да се збратимат со Идвор (Општина Ковачица). Одговор не добив. Побарав Охрид некаде и некако да му оддаде почит на овој великан, да му поставиме биста, да направиме што било, за да не оди и тој во заборав.

Пупин го задолжил овој град и заслужува многу. А ние немаме ниту една улица, ни установа која го носи неговото име.

Црква Св. Богородица Каменско (од фото-архивата на Проф.Д-р Зоран Тунтев)

Св Богородица каменско; фотоархивата на проф. д-р Зоран Тунтев

Град што Ве воодушевил, што сте се поврзале духовно со него, инспирација…

Како што реков, да не ми беше во Охрид толку убаво, јас ќе живеев во Белград. Знам дека има метеж, дека нема подземна железница, дека има големи урбани предизвици, му ги знам бездруго сите недостатоци. Но, во истиот тој хаос имате 50 активни театарски сцени и над стотина книжарници! Како голем љубител на театарот и на пишуваниот збор, тоа за мене е пресудно. Притоа, во Белград можете да гледате и врвна европска кошарка (моето срце вечно чука за Црвена Ѕвезда).

Инаку, ако патувањата Ви се поврзани со посета на музеи, концерти, или со откривање на богата (и добро осветлена) историја, тогаш претпоставувате дека постојат многу градови кои би ме одушевиле. Сепак, ако морам да направам листа од топ 5, тогаш: Фиренца, Виена, Мадрид, Лисабон, Њујорк.

За крај, што би им порачале на читателите на Порта 3?

Ако читателската публика на ова списание се Ваши колеги архитекти, тогаш моите желби би им биле многу јасни:

Би сакал да го видам Охрид целосно осветлен, со топла бела светлина од 3.000 келвини. Би сакал да биде сообраќајно поврзан со автопат кон Скопје, Ќафасан и Меџитлија. Би сакал Охрид да биде град со катни гаражи, со решен паркинг за автобуси, со марина за чамци, а особено за едрилици, со изградени колекторски системи за отпадните води. Да биде град со затворен пливачки базен, со топла театарска сала, со 3Д кино.

Зарем тоа не се основни елементи на урбаното живеење? Штом ги нема овие атрибути, дали воопшто можеме да кажеме дека Охрид е град?

Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

(Посебна благодарност до проф. д-р Зоран Тунтев за неговата фотоархива и до фотографите Владо Јанески, Оливер Петкоски, Емил Јовановиќ, Петар Паунче, Стојан Стојановски 2S, Зоран Карапанчев.)

Осветлен крст -фотографија Паунче

Осветлен крст; фото: Паунче

Поглед од езеро кон Плаошник и стариот град (фото Стојан Стојановски 2S, од фото архива на Проф.Д-р Зоран Тунтев)

Поглед од езеро кон Плаошник и  стариот град  (фото: Стојан Стојановски 2S, од фото архива на д- Тунтев)

Поглед кон Св. Богородица Каменско, Саат кулата и Самоиловите тврдини (фото Стојан Стојановски 2S, од фото-архива на д-р Тунтев))

Поглед кон Св. Богородица Каменско, Саат кулата и Самоиловите тврдини (фото Стојан Стојановски 2S, од фото-архива на Проф.Д-р Зоран Тунтев))

Испрати коментар

Scroll To Top