Насловна / Вести / Проф. д-р Зоран Милутиновиќ (1950 – 2023): Богата академска кариера и значајни професионални позиции

Проф. д-р Зоран Милутиновиќ (1950 – 2023): Богата академска кариера и значајни професионални позиции

Редовниот професор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Скопје проф. д-р Зоран Милутиновиќ е роден на 18 декември 1950 година во Скопје, каде ги завршува основното и средното образование. Дипломирал на Градежниот факултет во Скопје во далечната 1976 год., а магистерските студии од областа на земјотресното инженерство ги завршува во ИЗИИС во 1982 год. на тема „Примена на теоријата на пластичност при динамичко однесување на почвена средина“. Докторските студии ги реализира на престижниот Јапонски универзитет во Кјото во 1986 год., на тема „Интегрален модел за предвидување и проценка на сеизмички оштетувања на региони и урбани подрачја“.

1 (1)

Богатата академска кариера ја започнува уште во 1976 год., на Градежниот факултет во Скопје како хонорарен асистент по предметот „Техничка механика“, за да од 1978 год., најпрво започнувајќи како демонстратор, па сè до пензионирање академската кариера ја гради во ИЗИИС. Во 1983 год., избран е за асистент по предметот „Динамика на почви и фундирање“. По неговото докторирање во 1987 год. е избран за доцент по предметот „Сеизмички влијанија врз инженерски објекти“, на кој е избран и за вонреден професор во 1992 год.

16ECEE_juni_2018 (2)

Во 1997 год. избран е за редовен професор по предметите: „Инженерска сеизмологија“, „Планирање за редукција на сеизмичкиот ризик“, „Асеизмичко проектирање на витални инфраструктурни системи“ и „Санација и зајакнување на инженерски конструкции“. Во овој контекст, вреден е да се спомене и неговиот ангажман како визитинг професор на Кјото универзитетот во Јапонија при Научниот институт за заштита од катастрофи во 1994 и во 2000 год.

DSC_0106

Од професионалните позиции, позначајни се неговото раководење со одделите „Природни хазарди и повредливост“ од 1993 до 1989 год., и со одделот за „Ризик, управување со катастрофи и стратешко планирање“ од 1993 до 2017 год. Беше основач и директор на Европскиот центар за повредливост на индустриски и витални системи (ЕЦИЛС – Скопје) формиран во рамките на EUR-OPA MHA при Советот на Европа (1997 – 2018). Во својата кариера консултант е на голем број меѓународни организации и институции, од кои најдолг е неговиот ангажман како перманентен консултант на Европска банка за реконструкција и развој (2010 – 2023).

DSC_0100

Од особена важност се и неговите ангажмани како генерален секретар на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство (МАЕЕ) (1992 – 2017) во рамки на која бил национален делегат во Светската асоцијација за земјотресно инженерство (IAEE) (2000 – 2008) и во Европската асоцијација за земјотресно инженерство (EAEE) (2008 -2017). Не можат да се изостават и неговите долгогодишни ангажмани во: „Комисијата за проценка и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди при Владата на РМ“, во „Меѓусекторската комисија за подготовка на здравствениот систем на РМ за одговор и функционирање во кризни ситуации“ и во „Советот за вонредни ситуации и катастрофи на Црвениот крст на Македонија“.

DSC_0229

Во текот на својата богата кариера проф. Милутиновиќ реализира и значајни специјализации во областа, од кои како поважни може да се издвојат: „Националниот завод за безбедност при Цивилно-воениот институт, САД (1998); „Меѓународниот институт за сеизмологија и земјотресно инженерство, Цукуба, Јапонија (1998); „Одделот за транспортно инженерство, Кјото универзитет, Јапонија (1986); „Меѓународниот курс за дипломирани студенти и истражувачи, Кјото универзитет, Јапонија (1982 – 1984); и „Специјализацијата во областа на интеракција почва -конструкција и имплементација на методот на конечни разлики во различни проблеми на земјотресното инженерство во Dames and Moore, канцеларија во Лондон, Обединето Кралство (1979)“.

N97A5828

Проф. Зоран Милутиновиќ во својот работен век реализираше и бројни експертски и проектно-консултантски мисии, од кои како позначајни ќе останат запаметени: 2008 -2013 „консултант на Општината Абу Даби (ОАЕ) за проектот: Систем за следење и ублажување на сеизмичкиот ризик на Емиратот Абу Даби“; 2002 – „консултант на UNDP за проектот: Програма за управување со катастрофи и подготвеност за итни случаи на Албанија“; 2000 – 2001 – „консултант на Советот на Европа за проектот Школа за цивилна заштита во Косово“; 1994 – 1995 – „главен советник на Меѓународната федерација на друштвата на црвени крстови и црвени полумесечини за проектот: Планирање на подготвеност во Република Македонија“; 1991 – 1993 – „консултант на UNCHS-Habitat за проектот: Мерки по земјотресот во Манџил (Иран)“; 1990 – „консултант на UNESCO за проектот: Изработка на материјал за обука од катастрофи – Сектор: Земјотреси“; 1988 – „консултант на UNCHS-Habitat за проектот Сеизмичка повредливост и анализа на ризик за условите што преовладуваат во историскиот центар на Мексико Сити“; 1987 – „консултант на UNEP во Сирија и во Кипар за проектот: Планирање на користење на земјиштето во земјотресни зони“.

DSC_0094

Името на проф. Зоран Милутиновиќ во професионалната јавност е меѓу другото познато по бројните учества и водењето на проценките на штети од земјотресите во државата и регионот, но и по водењето на експертските мисии по катастофалните земјотреси во светот како: Ел Аснам (Алжир) во 1980 год., Мичоакан (Мексико) во 1985 год., Кочаели (Турција) 1999 год. и Азад Кашмир (Пакистан) во 2005 год. Исто така, исклучителен е и неговиот придонес во изработката на стратешки документи и планови од интерес за државата.

N97A5914

Резултатите од неговата научноистражувачка и професионална работа се презентирани во повеќе од 155 трудови, повеќе од 350 стручни извештаи, учебни помагала и селектирани поглавја. Ќе биде запаметен и по неговото неуморно собирање и каталогизирање на вредни стручни материјали, придонесувајќи во збогатувањето на уникатната ризница на ИЗИИС.

Добитник е на бројни награди и признанија.

Автор: Вонр. проф. д-р Радмила ШАЛИЌ-МАКРЕСКА

 * * * * *

ВО СЌАВАЊЕ НА ПРОФ. Д-Р ЗОРАН МИЛУТНОВИЌ

  Со проф. д-р Зоран Милутиновиќ се запознав при неговото гостување на Мартиновиот центар при Универзитетот во Кембриџ на залезот на Југославија.  Тој го презентираше истражувањето за земјотресот во Вранчеа, Романија, (1986), што со голем интерес и почит беше проследено од домаќините и од присутните. Поттикнат од неговите истражувања во доменот на повредливоста, превенцијата и ублажување на последиците од земјотресите, по магистрирањето имав чест професор Милутиновиќ да ми биде ментор за докторатот кој го бранев на неговиот роденден. Неговото прерано заминување остави голема празнина кај сите оние коишто го познаваа, а на неговите колеги, соработници и ученици обврската да го продолжат неговото дело следејќи го неговиот пример, скромност, пристапност, трудољубивост, неуморен елан и посветеност кон струката.  Вечна ти слава и почивај во мир професоре!

Владимир.Б. ЛАДИНСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top