Деканот на Архитектонски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Огнен Марина денес беше одликуван со признанието Орден „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ од италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Проф. д-р Огнен Марина се одликува со ова признание со указ на претседателот на Република Италија Серџо Матарела од 15-ти декември, 2023 година, а на предлог на министерот за надворешни работи на Италија. „Витез на Редот Ѕвезда на Италија“ (Cavaliere del’Ordine della Stella d’Italia) е одликување воведено во 1947 година како „Ред на Ѕвездата на италијанската солидарност“, а од 2011 го носи новото име.
Се доделува на личности кои имаат посебни заслуги во унапредувањето на пријателските односи и соработката со Италија. На проф. д-р Огнен Марина му се доделува овој орден за посебни заслуги во воспоставување и негување на лични и професионални релации со Италија, за соработка во различни научни и образовни области и продлабочување на односите меѓу институциите и граѓаните од двете држави.
На свечаниот настан во Центарот за напредни и постдокторски истражувања во Скопје, во присуство на ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Биљана Ангелова, гости декани и професори од Универзитетите во Торино и Белград, како и голем број на студенти, колеги и пријатели, проф. д-р Огнен Марина, архитект, професор и декан на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, како и раководител на Центарот за напредни и постдокторски истражувања го прими орденот и се заблагодари за укажаната чест.
Тој нагласи „… ја примам оваа чест – да бидам прогласен за Витез од Редот на Ѕвездата на Италија не само како потврда за моите лични достигнувања, туку уште повеќе како прослава на задоволството и достигнувањата од континуираната и долгогодишна соработка со моите колеги и пријатели од Италија.
Оваа соработка започна преку нашиот заеднички интерес за градовите, развивајќи се во инспиративна потрага по знаењето и разбирањето на процесите кои ги обликуваат нашите општества а која се разви во различни форми на соработка во високото образование, научното истражување, но и низ многубројните изложби, работилници и проекти. Во сета оваа соработка влеговме искрено и посветено, истражувајќи ја историјата, но и замислувајќи ја иднината на нашите градови, споделувајќи го истиот ентузијазам и задоволство што можеме заеднички да работиме како архитекти и професори.“
Амбасадорот Силвестри кажа дека проф. д-р Огнен Марина низ годините има одлична соработка со Италија како професор, научен истражувач и декан на Архитектонскиот факултет, бил раководител на повеќе научно-истражувачки проекти од врвни Европски програми во кои учествувале и соработувал со партнери од Италија, автор е на бројни книги и врвен професионалец.
По свеченото одликување, беше отворена 5-та годишна Докторска конференција на Архитектонскиот факултет при УКИМ со предавањето од проф. д-р Микеле Бонино, декан на Одделот за архитектура на Политехничкиот универзитет во Торино и проф. д-р Валерија Федерики, продекан на истиот Универзитет.
Како резултат на потпишаниот трилатерален дговор за соработка на Докторските студии помеѓу Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Политехничкиот универзитет во Торино и Универзитетот во Белград на конференцијата свои излагања имаа студенти докторанди од трите Универзитети, соработка која ќе продолжи и во иднина низ заедничките проекти на Центарот за напредни и постдокторски студии на УКИМ во Скопје.