Проф. д-р Мишко Ралев, декан на факултетот за архитектура и дизајн при Универзитет Американ Колеџ Скопје е новиот претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ.
Вчера во паркот на Архитектонскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ се одржа Изборно собрание на ААМ на кое со мнозинство гласови е избран новиот претседател. Архитект Искра Јанковска Михајловска е избрана за претседател на Собрание на ААМ.
Во своето обраќање пред присутните членови на ААМ, новоизбраниот претседател се осврна на значењето на ААМ и ја потенцираше својата заложба дека Асоцијацијата безусловно ќе ја држи страната на струката и науката преку разни форми на комуникација со општеството.
Претседателот на ААМ, Мишко Ралев вели дека струкова асоцијација треба да ги брани и унапредува ставовите и интересите на архитектите во нашата држава преку заштита на нивниот производ, кој е пак во директна врска со човекот и неговата благосостојба.