Цената на новиот изглед на Скопје, според истражувањето на БИРН, претставено преку Базата на податоци и официјална документација, од првично најавените 80 милиони евра, има скокнато на над 560 милиони евра.
БИРН го спроведуваше истражувањето повеќе од осум месеци, користејќи податоци добиени според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од веб-страницата за јавни набавки, ревизорскиот извештај за „Скопје 2014“ и од отчетот на Владата, општината Центар и Министерството за култура што беше даден во 2013 година, веднаш по локалните избори.
Истражувањето, објавено во форма на интерактивна база на податоци „Скопје 2014 под лупа“, опфати над 130 објекти, сите финансирани од јавни пари, каде што како инвеститори се јавуваат Министерството за култура, Службата за општи и заеднички работи на Владата, општината Центар, Градот Скопје, како и неколку општини и акционерски друштва со државен капитал.
Од околу четириесет промовирани нови споменици, фасади, скулптури и објекти во 2010 година за проектот „Скопје 2014“, до 2015 година се изградени тројно повеќе.
БИРН документира дека во градењето на грандиозниот проект учествувале повеќе од 260 правни и физички лица. Голем дел од нив се повторуваат како изведувачи, добивале повеќе тендери, граделе голем број споменици и згради , а авторите редовно биле наградувани за нивните идејни решенија, претежно обликувани во стил што во јавноста се подведува под „барок“.
За првпат по промовирањето на проектот „Скопје 2014“, БИРН успеа да стигне и до авторските договори со скулпторите што го изработуваа проектот „Скопје 2014“.
Предвид беа земени сите објекти изградени последниве години кои одиграа суштинска улога во менувањето на ликот на главниот град. Дел од нив, како што се Македонската филхармонија, деловната зграда на АД ЕЛЕМ, Кривичниот суд, Палатата „Лазар Поп Трајков“ и други, сè уште не се доизградени, а за дел има избрано само идејни решенија, што води кон заклучокот дека цената на контроверзниот проект „Скопје 2014“ сè уште ќе расте, особено што дел од трошоците како обезбедување и тековно одржување постојано цедат пари од буџетот.