Јавното сообраќајно претпријатие Скопје за инвестиции оваа година ќе одвои повеќе од 6,5 милиони евра.
Над 12 милиони евра ќе го чини ЈСП Скопје, проектот „Панорамско тркало“. Оваа година со Инвестиционата програма, за проектот се предвидени близу 976 илјади евра, а различни суми ќе се одвојуваат и во следните четири буџетски години. Според планот изградбата треба да заврши во 2019 година.
Според идејното решение, „Панорамското тркало“ ќе биде лоцирано на нов мост на реката Вардар, а во средината на мостот ќе бидат лоцирани ресторан, продавница за сувенири и билетара. Тркалото ќе биде високо 73 метри, со дијаметар од околу 57 метри, 30 гондоли, со капацитет за 300 луѓе.
Исто така, Градот Скопје лани без надомест во трајно користење на ЈСП Скопје му го даде објектот „Милениумски крст”, но и неколку парцели околу објектот. За доуредување на објектот „Милениумски крст“, со Инвестиционата програма за оваа година ЈСП Скопје ќе одвои нешто повеќе од 1,1 милиони евра.