Проектот „Наоди“, предложен од Младинскиот културен центар – Скопје, е годинашен македонски претставник на 14. издание на Интернационалната изложба на архитектура, која ќе се одржи од 7 јуни до 23 ноември 2014 година во Венеција. Ова е одлуката на стручната комисија во состав: проф. д-р Владимир Арсовски, проф. д-р Мартин Гулевски и доц. Енис Јакупи, која денеска на прес-конференција ја соопшти министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Темата на Биеналето годинава е „Темели – прифаќање на модерноста: 1914-2014“, поставена од Рем Колхас, куратор на Венециското биенале за 2014 година.
Министерката Милевска посочи дека на годинашниот конкурс на Министерството за култура за претставувањето на Биеналето во Венеција, освен проектот „Наоди“ биле понудени и проектите „Контрадикциите помеѓу брзиот развој на модерната архитектура“ на носителот „Зем-Зем Фешион“ од Куманово, и „Карабина – прифаќање на модерноста, хибридизирање на реалноста“ на НУ Национална галерија на Македонија.
Таа нагласи дека во проектот учество ќе земат повеќе реномирани архитекти (Јован Ивановски, Александар Радевски, Ана Ивановска, Огнен Марина, Бојан Каранаков, Владимир Десков и Горан Мицковски), куратор на проектот е Јован Ивановски, доцент на Архитектонскиот факултет во Скопје, а комесар на претставувањето е Златко Стефковски, директор на МКЦ.
– Проектот „Наоди“ се обидува да истражи, да пронајде она што се случува во градот Скопје како една арена на модерната архитектура. Тоа е само генерална рамка. Потоа проектот се доработува во текот на овој истражувачки период кој следува заедно со тимот што го предводи Колхас, и тоа ќе се случува за сите национални павилјони кои ќе се претстават во Венеција. Проектот се занимава со истражување на начините и формите на ширење на модернистичката парадигма во глобални рамки, тоа е глобално прашање и заслужува глобален одговор, рече кураторот Јован Ивановски.