Насловна / Архитектура / Проектот на „Тетрактис“ за спас на црквата во Маврово доби гран-при

Проектот на „Тетрактис“ за спас на црквата во Маврово доби гран-при

Македонската проектантска компанија „Тетрактис“ на архитектот Кристијан Јорданов освои гран-при за проектирање на Меѓународното биенале за архитектура во Минск, Белорусија, за проектот Конзервација, реконструкција и адаптација на црквата „Св. Никола“ во Mаврово.crkva-mavrovo

Од 9 до 11 ноември во Палатата на уметностите во главниот град на Белорусија се одржа доделувањето награди на победниците на 12. Национален архитектонски фестивал, посветен на 950-годишнината на градот Минск. Целиот настан беше под покровителство на Белоруската унија на архитекти, со поддршка од Министерството за архитектура и градежништво.

Во рамките на истиот настан се одржа и Меѓународното биенале за млади архитекти – Леонардо 2017, во кое учествуваа млади архитекти од 17 земји и беа изложени повеќе од 120 проекти. Нивната оценка, односно наградувањето беше под надлежност на Меѓународната унија на архитекти и на Меѓународната асоцијација на архитектонски унии.

Македонската компанија „Тетрактис“ – учесник на биеналето – го доби високото признание гран-при, во категоријата „Зелена-пејзажна архитектура, урбан дизајн, монументална уметност и скулптурална архитектура“.

Автори на наградениот проект – Конзервација, реконструкција и адаптација на црквата „Св. Никола“ во Mаврово се Соња Милачиќ, Ана Наумова и Анета Николова, под менторство на Кристијан Јорданов, веќе етаблиран архитект, познат и признат не само во Македонија.

Неговото решение за спас на црквата во Маврово е ако не единствено, тогаш сигурно најоригинално. Црквата, која се наоѓа во Мавровското Езеро, е речиси целосно руинирана, тешко достапна и продолжува да пропаѓа на очиглед на сите посетители на зимскиот центар и на националниот парк „Маврово“. За проектот, кој делумно ѝ е познат и на македонската јавност, што значи и за црквата, ниедна од надлежните институции (за заштита на вредни објекти, за развој на туризмот, за урбанизам…), засега не покажала соодветен интерес.

„Слободен печат“

Испрати коментар

Scroll To Top