Насловна / Архитектура / Проектот Monokuro во Ахмедабад оддава почит на модернистичкото наследство на градот

Проектот Monokuro во Ахмедабад оддава почит на модернистичкото наследство на градот

Проектот Monokuro на индиското биро Compartment S4, иницијатива за адаптивна, повторна употреба, го трансформира дотраениот блок на кантина во Ахмедабад во современ канцелариски простор, почитувајќи го неговото модернистичко архитектонско наследство, а истовремено задоволувајќи ги денешните потреби.

Во градот проткаен со индустриско наследство, архитектонскиот наратив на Ахмедабад се развива со одеците на модернистичките визионери како Луис Кан и Ле Корбизје. Нивното влијание, кое се чита во култните градби нарачани од локалните сопственици на мелници, оставило длабока трага на градскиот пејзаж.

Во овој контекст, Compartment S4 повторно го замислиле блокот на кантината од 1970-тите во индустрискиот комплекс кој произведувал пумпи за вода за наводнување. Проектот му оддава почит на модернистичкото наследство на градот, задржувајќи ја оригиналната геометриска форма на зградата, дефинирана со покрив со обратно свртени греди и обилна употреба на бетон, додека беспрекорно ги интегрира современите дизајнерски елементи.

Клучна карактеристика на редизајнот е вградување челик како примарен материјал, избран поради можноста за негова повторна употреба и демонтажа. Архитектонскиот пристап се фокусирал на спојување на просторна повторна употреба со иновации, почитувајќи го наследството на структурата притоа прилагодувајќи го на современите барања.

Задржувајќи ги оригиналните надворешни ѕидови, редизајнот дал приоритет на циркулацијата во согласност со Васту – древна индиска уметност на градење во склад со универзалните закони на природата, поместувајќи го влезот од неговата поранешна јужна ориентација кон исток, со застарен кујнски блок трансформиран во двор.

Овој двор, бујна зелена оаза среде индустриското опкружување, го прави срцето на проектот, негувајќи чувство на заедница и поврзаност. Служи како почест на спомените поврзани со оригиналната структура, редефинувајќи ја нејзината улога како место за собирање и интеракција. Соседните простори вклучуваат административен дел и чекална, додека директорските кабинети опкружуваат заедничката сала за состаноци што нуди поглед на дворот.

Новиот кров, металната конструкција налик на крила инспирирана од оригиналниот кровен систем, се надвива над дворот, создавајќи впечатлива фокусна точка додека ја подобрува природната светлина преку лентовидните прозорци на сите четири страни. За надворешноста на зградата, архитектите користат малтер од кршен камен, и како естетско дополнување на лентовидните прозорците и како практична мерка против течење на водата.

Внатре, отстапувајќи од конвенционалната индустриска естетика, изработен е мебел по мерка прилагоден на функционалните потреби на канцелариите. Едноставната палета на црна, бела и сива боја е акцентирана со топли дрвени детали, како што се рачките на вратите. Изборот на подот, вклучувајќи црн гранит и бел кариран мермер, додаваат суптилни карактеристики, додека сивите структури на челикот се повлекуваат во позадина.

Таванските панели обезбедуваат топлинска удобност, а транспарентните ѕидови визуелно го продолжуваат дворот во внатрешноста, поттикнувајќи ја отвореноста и поврзувањето. Проектот Monokuro е пример за одржлив дизајн со тоа што дава приоритет на пренамената на постоечките простори. Покрај функционалноста и естетиката, го збогатува искуството на работното место, создавајќи значајна врска помеѓу поединците и нивните изградени средини.

Испрати коментар

Scroll To Top