Осма година по ред продолжува да се реализира проектот „Кич, да!?/ сте или не/“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Министерството за култура.
Проектот, чија цел е презентација и промоција на ликовната уметност и доближување на публиката до врвните имиња од ликовна уметност, продолжува со отворање на изложбата на Ибрахим Беди.
Беди Ибрахим е роден 1959 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот за скулптура во класата на професор Петар Хаџи Бошков во 1985 год. Во 1999 година завршил магистерски студии на истиот факултет на тема „Култура и природа“ кај професорите Стефан Маневски и Васил Василев.
Од 2002 година е вработен на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Вајарскиот оддел како доцент по предметите вајање, вајарски техники и цртање. Во 1999 година бил член на Советот за култура при Министерството за култура, како и член на Комисијата при ФАРЕ Фондацијата. Повторно во 2003 година бил член на Советот за култура при Министерството за култура. Од учебната 2005-2006 година предава театарска, филмска и ТВ сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Од 2006 до 2009 година бил продекан за настава на ФЛУ. Во 2007 година е избран за вонреден професор по предметите вајање, вајарски техники и цртање. Исто така, изведува настава и по предметите Обликување на простор и Сценографија. Од 2009 до 2011 година е претседател на уметничкиот совет на ДЛУМ, а од 2011 година е член на уметничкиот совет на ДЛУМ. Од 2010 до февруари 2012 бил раководител на Катедрата за вајарство. Во 2010 година е избран за член на Универзитетскиот сенат на УКИМ. Во 2012 година е избран за редовен професор на ФЛУ по предметите вајање, вајарски техники и цртање.
Учествува на повеќе ликовни изложби во земјата и во странство меѓу кои бил и претставник на Македонија на престижното светско биенале во Венеција со групата „Зеро“.
Оваа изложба беше поставена во август во Македонскиот културен центар во Њујорк, во Кавадарци, Гостивар, Штип, Тетово.