Студио Аннго (anngo) е креативно студио за дизајн од Скопје. Oсновано во 2020 година од архитект Ангела Стефановска, студиото се фокусира на креирање на уникатни декорации за домот изработени од дрвени материјали, а сега и на дизајнирање и проектирање на комплетни ентериерни решенија. Она што го прави стилот на студио Aннго впечатлив и единствен е авангардниот пристап кон дизајнот и додавањето на своевиден авторски геометриски потпис што дополнително ја надградува естетиката и функционалноста на секој простор. Тоа може да се види и во проектот за ентериер на стан во Скопје, наречен „Терра Паттерна“.
Дизајнот е цикличен процес
Стиловите и трендовите кои го доживеале својот врв низ времето имаат тенденција да се повторуваат и реинтерпретираат на различни начини, иако mid-century модерн или таканаречениот модерен дизајн од средината на векот, не е единствен чија естетика доживеала навраќање и со сигурност има силно влијание и присуство во современите трендови. Овој стил, популарен во далечната 1950 година, се карактеризира со чисти линии, минималистички форми, функционалност и уникатна естетика во која смело се инкорпорирани безвременски и дизајнерски класици на парчиња мебел и осветлување.
Истакнати имиња се поврзуваат токму со творештвото во рамките на овој период како Имс, Владимир Каган, Хари Бертоја, Еро Сааринен, Арне Џејкобсон, Џаспер Морисон и многу други, чии дизајни сè уште се актуелни и многу барани на пазарот и денес.
Овој стил ја доловува суштината на модернизмот, додека ја прифаќа топлината и удобноста на природните материјали и на органските форми, давајќи му на секој простор софистициран и елегантен карактер.
Ентериерот на станот „Терра Паттерна“ има вкупна површина од 100 квадратни метри, чие планско решение е составено од просторен дневен салон интегриран со кујна, две спални соби, влезен дел – ходник и главна бања. Станот е лоциран во станбен комплекс во Скопје, кој е дел од градска урбана средина.
Инспирацијата за името е добиена од латинскиот израз terra, што значи „земен“ или „од земјата“, и „pattern“ термин кој се однесува на повторувачки мотив или на дизајн елемент.
Неутралните и земјените тонови, вклучувајќи беж, крем, црна и бела боја, создаваат основа за модерниот и современ изглед на станот. Овие тонови, кој се воедно и инспирација за името Терра Паттерна, се избрани поради нивната универзалност, спокој и хармоничност, како и способноста да се согласуваат и комбинираат со различни стилови и смели декоративни елементи.
Употребата на природните материјали ја игра главната улога во ентериерот, комбинацијата на темно дрво – орев и камен травертин, кои придонесуваат кон надоградување на стилот и создавање на елементи со ретро влијание од mid-century модерниот стил. Темното дрво – орев е искористено кај мебелот за впечатливите полици за книги во дневната соба, ѕидните облоги во спалната и познатите дизајнерски барски столови Cherner дизајнирани од Норман Чернер од 1958 година, како целосен контраст на белата монолитност во кујната. Клуб масата, заедно со комодата која е дел од каминот, се изработени од травертин, чиишто едноставен и минималистички изглед дава контраст на темнозелената велвет софа – скулптурално ремек-дело и главен акцент во дневната просторија.
За тоа дека секој детал е внимателно осмислен, придонесуваат декорациите кои даваат силен идентитет на овој дом. Од тотемски дрвени скулптури на подот, преку еклектичниот хеленистички допир, па сè до избраните уметнички дела на ѕидовите, сите декоративни елементи се поставени внимателно и со цел да го заокружат целосниот визуелен изглед на просторот налик на уметничка галерија.
Посебно драга на авторот, е хоризонтално поставената ѕидна скулптура до каминот, дизајн на студио Аннго од серијата Puzzle, кој со своевидниот геометриски печат и разиграност на форми и текстури ненаметливо плени во просторот.
Независно дали се работи за традиционално декорирани артикли, кои го изразуваат културното наследство или пак за модерни елементи кои придонесуваат за апстрактната убавина, секој избор има своја функција и значење. Со таков декор, овој дом станува посебно место, кое ги одразува личноста и стилот на оние кои живеат во него, а истовремено претставува и средство за изразување на индивидуалноста и креативноста.
Спојот на природните материјали заедно со неутралните тонови, е концепт кој продолжува и во остатокот од ентериерот, не изоставувајќи ги спалната соба и главната бања.
Спалната соба има подинамичен и колоритен карактер благодарение на централниот ѕид во просторијата кој претставува визуелна дистинкција помеѓу гардероберот и просторот за спиење. Ѕидниот тапет со кој е обложен овој ѕид е познатото уметничко дело со оригинален наслов „Naturaleza muerta cubista“ (кубистичка мртва природа), од 1952 година, дело на шпанскиот уметник и модернист Joaquín Peinado.
Тапетот и неговите кубистички елементи и несекојдневниот израз придонесуваат на визуелната атмосфера на целокупниот простор, а истовремено претставуваат инспирација за авторското дело на студио Аннго, огледалото Кубист. Огледалото со својот изглед и поставеност нуди поглед кон спротивното, како буквално така и на изглед. Формите, боите и изборот на материјали се надополнуваат едни со други создавајќи смел и уникатен простор, кој истовремено зрачи со топлина и е место за сон и за релаксација.
Главната бања со својот современ изглед, ја отфрла туш-кабината како концепт заменувајќи ја со елегантна када која слободно лебди во просторот. Овој дел од ентериерот, исто како и останатите простории, има подеднаков дизајнерски третман – неутрални тонови, избор на материјали и плочки налик на камен, како и акцентирање и истакнување на површини, во овој случај главниот средишен ѕид зад кадата кој е поплочен со порцелански плочки од познатата колекција Segments (сегменти). Природната светлина има огромна улога во амбиентот, па кога сончевите зраци паѓаат под агол директно ги потенцираат патернизираните геометриски плочки создавајќи уметност и кохезија на материјали.
Автор: Ангела СТЕФАНОВСКА, дипл. инж. арх.