По неколкумесечна работа, компанијата „Вектор 90“ од Струмица денеска го достави идејниот проект за дом за стари лица, изработен по нарачка на Здружението на пензионери и Локалната самоуправа на општина Кочани.
– Според проектот, домот за стари лица е со капацитет од 156 лица. Треба да има 55 двокреветни, 12 еднокреветни соби и 6 апартмани со потребните придружни услови за функционирање на објектот за стари лица. Во просторот се наоѓа сала за дневен престој, кујна со ресторан, посторија за лекар и медицинска сестра и подрумски простории со гаражен дел, – изјави Томе Тимов, проeктант од фирмата „Вектор 90“ од Струмица.
Идниот дом за пензионери, кој ќе биде лоциран во населбата Шатровиќ, треба да започне да се гради наредната година.
– Задоволни сме од понудениот основен проект за Дом за стари лица и верувам дека тој во целост ги задоволува барањата за градба на еден ваков објект за потребите на пензионерите, – изјави Ѓорги Серафимов, претседател на Здружението на пензионерите на Кочани.