Една од овогодишните програмски заложби на Националната галерија на Македонија како институција од национален карактер, е унапредувањето на комуникацијата со македонската ликовна публика и со уметниците за сите актуелни прашања од современата ликовна уметност кај нас и во светот. Една од таквите нови форми на интензивирањето на оваа комуникација е разговорниот односно дебатниот проект едноставно насловен „Разговори за уметноста“, посветен на тековни настани од областа на ликовната уметност (не само) во Националната галерија.
Во таа насока, по повод изложбата „Христијанските мотиви во современата македонска ликовна уметност“, што неодамна беше отворена во објектот Чифте амам, Националната галерија на Македонија во рамките на проектот „Разговори за уметноста“ организира средба со дел од уметниците застапени на изложбата, на тема „Уметноста и религијата“.
Изложбата „Христијанските мотиви во современата македонска ликовна уметност“ е само повод да се поведе разговор не само за изложбата и темата „Уметноста и религијата“, туку и пошироко да се елаборираат аспектите на врските на религијата и уметноста денес, можните компаративни согледувања во однос на третманот на овој вид творештво во минатото и современоста, состојбите кај нас и во светот, можните релации на слободата на уметничкото изразување итн.
На разговорот, покрај дел од уметниците застапени на изложбата, поканети се и историчари на уметноста, критичари, студенти на ФЛУ и Теолошкиот факултет и други.
Разговорот ќе се одржи во објектот Чифте амам, на 26 мај (четврток), во 12 часот.