Жителите на скопските населби Лисиче и Чаир и на некои други градови во Македонија, речиси секој ден дишат загаден воздух.
Евиденцијата на Министерството за животна средина покажува дека вкупно 28 денови од почетокот на 2018 година, мерните станици во Лисиче и Ректоратот регистрирале загаденост со ПМ 10 над дозволената граница. Последните надминувања се регистрирани вчера кога концентрацијата на штетните честички во воздухот имале вредност и над 300 микрограми на метар кубен. Поради ова, од Животна средина повторно ги активираа итните мерки против аерозагаденоста.
Бесплатен автобуски превоз, интензивно метење и миење на градските улици, забрана за влез на камиони чија крајна цел не е Скопје – се дел од мерките и препораките на надлежните со кои се предвидува намалување на загадувањето во главниот град.
И покрај реакциите на Екологистите и академската фела дека овие мерки не даваат резултати, во Владата сметаат оти нивната примена го ублажува загадувањето.
Инаку мерките и препораките против аерозагадувањето, оваа зима се воведуваат по трет пат. Претходно нивната примена која траеше неполни 24 часа, ја прекинуваа поволните временски услови.