Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и претставникот на Друштвото за градежништво трговија и услуги НБ- КОМПАНИ ДОО експорт-импорт Тетово, потпишаа договор за продолжување на градежните работи за доградбата на новиот водоводен систем во Тетово.
„Со реализација на проектот граѓаните на Тетово конечно ќе добијат постојан притисок на вода во домаќинствата, дури и во летните месеци“, изјави Изаири, додавајќи дека по реализацијата на сите предвидените градежни работи, проектот за комплетна доизградба и санација на водоснабдителниот систем во Тетово ќе биде заокружен со изградба на филтер станица.
Согласно договорот, градежните работи треба да се изведат во рок од 16 месеци, а вкупната вредност на договорот изнесува 114.999.913 денари и се однесува за изградба на доводот на вода од собирна комора „Лешница“ до собирна комора Студена Река“ во должина од 8 и пол километри, со што ќе се обезбеденат дополнителни 200 литри вода во секунда.