Продажбата на нови автомобили со бензински мотори во Европа во првата половина на 2017 година била поголема од продажбата на дизел возилата, што не е забележано речиси цела деценија. Во првите шест месеци од 2017, бензинците имале удел од 48,5% во вкупната продажба на нови возила, соопштува Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), додека во првата половина на 2016, таа бројка била 45,8 %. Истовремено, побарувачката за дизелот во Европа, опаднала од 50,2% во првата половина на 2016, на 46,3% во истиот период оваа година. Пресметано во број на возила, Европјаните во првата половина на 2017 купиле околу 150. 000 дизел автомобили помалку отколку во истиот периос лани.
Падот на продажбата на автомобили со дизел мотори го следи зголемениот интерес на купувачите за возила со алтернативни погонски горива (AFV), како што се хибриди, електрични автомобили, како и модели на ТПГ (течен природен гас) и КПГ (компримиран природен гас). Продажбата на овие видови возила бележи раст од над 35% во последната година, и сега има удел од 5,2% во вкупната продажба на нови возила на Стариот континент. Една од причините за намалениот интерес за дизелот, секако може да се лоцира во најавите на повеќе европски метрополи дека ќе го забранат возењето на дизелашите. Од друга страна, голем придонес има и скандалот со емисиите од дизел моторите, чии последици се чувствуваат и две години по откривањето на аферата.