Дизајнерското биро Crosby Studios соработувало со компанијата за AR технологија, Zero10 на pop-up продавница на Менхетен која има за цел да обезбеди виртуелно малопродажно искуство.
Pop-up бутикот за гардероба, кој се наоѓа во четвртта SoHo, им овозможува на посетителите дигитално да пробаат колекција на облека во ентериер дизајниран од њујоршкото биро.
Физичкиот простор на pop-up продавницата е дизајниран да го надополни искуството на проширена реалност (AR) и да биде „физички влез во метаверзумот“, изјави дизајнерскиот тим за Dezeen.
„Ова е мое прво искуство во работа со дигитална облека и наместо да се обидев да го спојам дигиталното со физичкото – да го ублажам аспектот на виртуелната реалност – настојував да ја прославам дигиталната природа на колекцијата“, вели основачот на Crosby Studio, Хари Нуриев.
Фасадата на продавницата е класичен SoHo излог со столбови обоени во сиво-бел кариран мотив за да се сугерира интеграцијата на физичкото и виртуелното.
Посетителите влегуваат во бутикот преку хол прекриен со кариран флуоресцентен „пикселиран“ дезен што се појавува во многу дизајни на Crosby Studios.
На едната страна од холот се наоѓа простор за бар каде што вработените на посетителите им служат боба чај. На крајот на холот е голем простор за одмор со сепареа долж ѕидовите, како и кадифени столчиња и коктел маси.
Истата пикселирана шема продолжува во речиси секој аспект на оваа просторија, а плочките на плафонот се отстранети за да се нагласи оваа шема.
Оттука, посетителите можат да влезат во „кабини за пресоблекување“ опремени со QR-кодови кои го поедноставуваат искуството на дигитална малопродажба.
Посетителите ги пробуваат артиклите со преземање на апликацијата на своите паметни телефони, а потоа го насочуваат телефонот кон себе во огледалото за да видат како облеката ќе изгледа на нив, или кон друго лице за да ја проектира облеката на нив.
Модната колекција која ја разви Crosby Studios во соработка со Zero10 содржи низа одлични, футуристички облеки кои ја менуваат големината во зависност од обликот на телото на оној што ги носи.
Целта на проектот е да се доближи концептот на дигитална мода до потрошувачите, интегрирајќи ја со познатата рутина на посета на физичка продавница, додаваат од тимот.
„Нашиот проект со Crosby Studios е место на кое се прикажува како дизајнот и технологијата можат да коегзистираат во физичкиот и дигиталниот свет кој се повеќе се спојува“, вели извршниот директор на Zero10, Џорџ Јашин.
„Сакавме да создадеме нов концепт на pop-up бутик кој одговара на потребите на продавачите со цел да привлечат нова генерација потрошувачи, но и да развиеме формат на продавници кои повеќе не се само излагање на производите“, додава Јашин.