Откога постои човештвото, постои и потребата да се пронајде затворен простор, како заштита од временските услови и од опасностите кои демнеат во надворешниот свет. Од населувањето на пештерите, преку прaвeњето на импровизирани засолништа, колиби, па сè до денешните современи и технолошки напредни градби, целта и мотивот остануваат исти: безбедно, заштитено од атмосферски влијанија и удобно место за престој или работа.
Сведоци сме на секојдневен напредок на архитектурата и градежништвото сè со цел да се задоволат прво основните потреби, а потоа и естетските. Сè поголем е стремежот кон зголемување на комфорот во објектите, а во изминатите 20-тина години и кон намалување на енергетските потреби за функционирање и комфорност на објектите.
Со напредокот на технологијата, како и со сѐ поголемите барања и потреби на корисниците, градењето станува сѐ посложено. Самиот процес на градење на еден објект опфаќа повеќе од 100.000 активности и повеќе од еден милион операции, па кога на тоа ќе се додаде и огромниот избор и достапност на материјали, апарати и опрема, јасно е дека се работи за навистина сложен процес. Секоја и најмала грешка или недоследност, доведува до понатамошна низа од импровизации, кои на крајот резултираат со разни дефекти и проблеми со кои сите ние се соочуваме.
Што е тоа проблем во еден градежен објект? Kако можеме да го дефинираме проблемот?
Сѐ она што го нарушува нашиот комфор и мир, што штетно влијае на нашето здравје, сè она што од нас бара дополнителен ангажман и дополнителни финансиски средства за да ја добиеме потребната функционалност, може да се нарече проблем во градежниот објект. Овие проблеми можеме да ги поделиме по неколку основи, недоследностите можат да бидат конструктивни или естетски, видливи или скриени, проблеми со термичка, звучна или хидроизолација, проблеми во инсталации, провев, инсекти, штетници, глодари…
Факт е дека намерните или ненамерните грешки при изградбата и одржувањето на објектите можат и тоа како сериозно да влијаат врз здравјето, буџетот, работоспособноста и мирот, па токму заради ова ќе посветиме еден серијал текстови на проблемите во објектите, како тие да се избегнат, како да се препознаат и како да се санираат.
Македонија и балканските земји се апсолутни лидери на европскиот континент со проблемите и со негрижата околу решавање на проблемите во објектите.
Врз основа на сознанијата и искуствата од секојдневното дијагностицирање и лекување на проблемите во објектите, добиени од секторот Градежни доктори од фирмата Цивкон АГИ, може да се направи прецизна анализа на проблемите.
Со сигурност може да се констатира дека протекувањето низ крововите, рамните покривни тераси и во подрумите се најчестите видливи проблеми кај нас. Токму поради овој факт, како и поради лошата термичка изолираност, за разлика од атрактивноста која ја имаат во напредните земји, потпокривните простори во Македонија се најнепожелните места за живеење или работа, а сутеренските простории најчесто се неупотребливи за живеење и работа. Што е причината за ваквиот поразителен резултат? Одомаќинето е мислењето дека големите дневни температурни разлики и високите подземни води, се причини за уништување на хидроизолацијата, на олуците, опшивките и на останатите покривни елементи. Меѓутоа, ова се случува бидејќи се користат несоодветни материјали и технологии. Наједноставно е овие проблеми да се избегнат уште во текот на проектирањето и градењето, следејќи ги новитетите, употребувајќи материјали и технологии соодветни за нашето климатско подрачје и ангажирајќи квалификувана работна сила. Најважно од сè е инвеститорите, проектантите и изведувачите да не „штедат онаму каде што не смее да се штеди“.
Продорот на вода е еден од најсложените проблеми, бидејки местото на кое ќе се појави водата, ретко кога се поклопува со местото каде водата продира низ обвивката на објектот. Поради ова постои современа и техолошки напредна дијагностичка опрема, со која се лоцира местото и причината за продор на водата. Со ваква опрема располагаат компании и институции кои се занимаваат со градежна дијагностика и за среќа истите веќе се достапни и се користат и во Македонија. Откога ќе се лоцира причината, постои широк спектар на материјали и технологии со кои е можна санација на проблемот и тоа локално на местото на продорот, наместо интервенции „на слепо“ од голем размер. Најчестата и најголема грешка која се прави при појава на вакви проблеми е претпоставувањето на причината и локацијата на протекување и преземањето мерки, врз основа на некој „со долгогодишно искуство“ во оваа област. Ваквиот пристап најчесто резултира со залудно потрошени пари и време. А влагата е еден од најопасните фактори по здравјето на човекот.
Следни по застапеност се проблемите со ладни ѕидови, подови и плафони, како и мувлата, влагата и кондензацијата. Мувлата и кондензацијата се температурен феномен и токму незнаењето на методологијата на создавање на мувлата и влагата често пати нè носи до погрешни закучоци. Сите овие проблеми често се последица на лоша топлинска изолација. Друга можна причина за ваквите проблеми е лошата херметизираност на објектот од надворешната страна. Разни пукнатини, споевите на прозорците со ѕидовите, неприменувањето на никакви мерки за воздухонепропустливост на крововите, продори на инсталации и други аномалии, овозможуваат ладниот воздух да влезе под топлинската изолација на објектот и да се движи низ кровната конструкција, под подовите и низ ѕидовите. Превенирањето на овие проблеми повторно лежи во едукацијата на сите учесници во процесот на градење и примената на најновите материјали и технологии.
Но дали постои решение кај веќе изградените објекти? Секако дека постои. Најнапред се прави дијагностицирање и лоцирање на местата каде има протекувања на воздух, се врши мерење на топлинската изолациона моќ и топлинскиот капацитет на елементите од обвивката на објектот, а потоа се пристапува кон санирање на проблемите.
Топлинските мостови се исто голем и чест проблем. Тоа се места каде и покрај добрата изолираност на обвивката на објектот, енергијата го напушта објектот без никаква пречка или преку сосема малку изолација. Низ нив истекуваат парите и здравјето и затоа се тежнее тие да се елиминираат. Онаму каде тоа не е можно, потребно е или да се сведат на точкасти топлински мостови, или загубите на енергија низ нив да се сведат на минимум. Последици од топлинските мостови може да бидат појава на мувла, кондензација, низок комфор и големи трошоци за загревање, аномалии често присутни кај нас. Проблемот е посебно изразен кај објектите каде фасадните ѕидови се „сендвич“ и кај објектите направени од готови монтажни бетонски елементи (како на пример кај т.н. руски згради). Со топлински мостови најчесто се соочуваме на местата каде се наоѓа бетонската конструкција, околу прозорците, во подовите кај терасите, на слемињата и настрешниците во крововите и уште многу други места кои претставуваат неизбежни или ненамерно оставени „слаби места“. За избегнување на ваквите аномалии многу е важно при проектирањето и изградбата на објектите да бидат вклучени стручни лица кои вистински ја познаваат оваа проблематика. Но и откога објектите се завршени, можно е дијагностицирање и санирање на топлинските мостови, иако секогаш е поедноставно и поевтино тоа да се направи во текот на градењето.
Прозорците се честа тема од различни аспекти. Подолг период наназад се наметнати како важен дел од објектите, како од естетски, така и од енергетски аспект и тоа е сосема точно. Но за жал, прозорците се и тема на која најмногу се „сее магла“. Производителите на прозорците неретко се „расфрлаат“ со неиздржани физички карактеристики за рамките, со извртени вистини за типот и квалитетот на стаклата, а монтирањето на прозорците во најголем број случаи е нестручно и неправилно направено.
Најголем дел од проблемите се врзани токму со прозорците: големи топлински мостови и провев на споевите со ѕидот, алуминиумски дистанцери на стаклопакетите, неправилна поставеност во однос на тврдиот дел од ѕидот, монтажа со „пур пена“, непоставување на дихтунг траки на споевите со ѕидот, неправилно оформени отвори на ѕидот, затнати или непостоечки отвори за одводнување на прозорецот, неправилно монтирани стакла.
А грешките со прозорците се честа причина за појава на мувла, влага, провев, намалена удобност, за големи трошоци за загревање, а често предизвикуваат и прегревање на просториите и огромни трошоци за ладење. Затоа при набавката на прозорци или стаклени фасади, а посебно при монтажата, треба да се обрне големо внимание. И за овие проблеми, денес дијагностицирањето и лекувањето е брза и едноставна постапка.
Теоретски, провевот се појавува само доколку отворите прозорци на две спротивни страни од објектот. Но во пракса не е така. И покрај затворените врати и прозорци и без разлика на ветровитоста, надворешен воздух низ некои места се инфилтрира кон внатре, а низ други места иста количина на воздух се ексфилтрира кон надвор. Овие феномени најчесто се случуваат низ несакани пукнатини, микропукнатини и дупки, околу прозорците, околу влезните врати, низ отворите за инсталации, во ѕидовите, а посебно низ крововите. Проблемите кои се јавуваат како последица на лошата воздухонепропустливост на обвивката на објектот се манифестираат со големи загуби на енергија, со прегреани горни етажи и студени долни етажи (во лето е обратно), со појава на кондензат и мувла на местата каде внатрешниот воздух го напушта објектот (дури и низ микропукнатини), со сериозно намалена удобност и со влошено здравје и намалена работоспособност. Не ретко се случува, посебно кај големите деловни објекти, ова да е причина за неможност да се постигне саканата температура и покрај многуте преземени мерки и огромните трошоци за загревање или ладење, а притоа често системите се во дефект (поради големата преоптовареност). Како и за сите погоре спомнати проблеми, така и лошата воздухонепропустливост на објектите може да се дијагностицира и да се лоцираат сите места низ кои протекува воздух. Наједноставно е проверките да се вршат во текот на градбата и во таа фаза да се поправат недостатоците, но и во вселени објекти може да се направи истото.
Чести се и проблемите со ниска енергетска ефикасност, дупнати цевки од инсталации кои се скриени во ѕидови или подови, со стаклени, структурални или панелни фасади кои протекуваат при врнежи и силен ветер, со преоптоварени електрични и машински инсталации и системи, со лоша звучна изолација, па сè до конструктивни проблеми. Важно е дека постои софистицирана мерна и дијагностичка опрема со која сите споменати и неспоменати недостатоци можат точно да се дијагностицираат и лоцираат, но постојат и материјали и технологија истите да се избегнат или дополнително санираат.
Во број 259 на нашето печатено списание „Порта 3“ го објавуваме првиот текст на оваа тематика. Станува збор за Дом на иднината изграден во близината на Софија, Бугарија.
м-р Андреј Андреев, дипл.град.инж.