Насловна / Вести / Привршува изградбата на приоритетната делница

Привршува изградбата на приоритетната делница

Владата на Црна Гора во 2014 година потпиша договор со кинеската компанија CRBC (China Road and Bridge Corporation) за изградба на автопатот Бар – Бољаре. Владејачкото мнозинство кон крајот на 2014 година изгласа Закон за автопат Бар-Бољаре.
Во 2015 година отпочна изградбата на автопатот, кој е планирано да биде завршен во 2019 година. Овој автопат е дел од автопатот Белград – Бар. Просечната дневна фреквенција на сообраќај на магистралниот пат Белград – Бар изнесува помеѓу 5,1 и 8,3 илјади возила, додека во сезона таа бројка надминува и 20 илјади. Планираната должина на автопатот Бар – Бољаре на кој ќе има 48 тунели и 107 мостови и вијадукти е 167,2 километри.

2
Автопатот е поделен на 5 делници:
Делница 1: Ѓурмани – Вирпазар (11,2 km)
Делница 2: Вирпазар-Фармаци- Смоквац (38 km, вклучувајќи ја обиколницата Подгорица)
Делница 3А: Смоквац – Веруша – Увач (34 km)
Делница 3Б: Увач – Матешево (7 km)
Делница 4А: Матешево – Андријевица (23 km)
Делница 4Б: Андријевица – Беране (11 km)
Делница 5: Беране – Бољаре (41 km)

1

Во моментов привршува изградбата на приоритетната Делница 3, Смоквац – Увач – Матешево. Делницата е со должина од 41 километар, а на неа се предвидени 45 мостови и вијадукти и 32 тунела.
Колку е специфичен теренот на автопатот говори и податокот дека на должина од 41 км од 63 метра надморска висина кај Смоквац автопатот кај Матешево се качува на висина од преку 1100 метри. Проектираната брзина на оваа делница е 100 км/час. Времето на патување помеѓу Подгорица и Колашин се скратува од сегашните 1 час и 30 минути на 25 минути.
Договорената вредност на Делницата 3 изнесува 809.6 милиони евра и се финансира 85 % од кредит и 15 % од Владата на Црна Гора. Кредитните средства на 20 години, обезбедени се од кинеската банка Exim со каматна стапка од 2 % на годишно ниво и грејс период од шест години.
Но на крајот оваа делница може да чини и 1.2 милијарди евра, откако претседателот на Комисијата за ревизија, професор Младен Улиќевиќ соопштил дека клучката кај Смоквац не била во идејниот проект, па не ни можела да биде опфатена со договорените 809.6 милиони евра за оваа делница. Тој навел дека во оваа цена нема ни трошоци за изградба на водоводни и електромрежи како и пристапни патишта до други клучки.

Мост Морачица

9

На оваа делница никнува и „чудо“. Тоа е грандиозниот мост „Морачица“, најобемниот објект на Делницата 3. Го премостува регионалниот пат Подгорица – Колашин, реката Морача и платото Морачица, по кое мостот и го добил името. Мостот е фасцинантен со своите пет столбови и е највисок мост во бивша Југославија. Мостот е со должина од 960 метри и со вкупна ширина од 23,4 метри. Висината на највисокиот столб изнесува 180 метри, заедно со темелот и конструкцијата, односно висината на самиот столб е 161,5 метри. Максималниот распон меѓу столбовите е 190 метри. Главниот проект за мостот го изработила кинеската компанија CRBC според идејниот проект на професор Младен Улиќевиќ, кој изјави дека основната идеја била мостот „Морачица“, иако грандиозен, да биде што поедноставен и на „безболен“ начин да се стопи со амбиентот.

6

8

Тунел Вјетерник

Пред околу еден месец пробиен е и тунелот Вјетерник со должина од 3.000 метри, еден од најсложените објекти на Делницата 3. Двете компании, „Бемакс“ од Подгорица од северна страна и кинеската CRBC, како главен изведувач од јужната страна се сретнале под карпите и заеднички го прославиле подвигот. Вјетерник е само еден од 16 тунели на делницата од Смоквац до Матешево и најдолг. Поради конфигурацијата на теренот работата била отежната. На изведувачите проблем им претставувале подземните пештери, околу стотина. Шефот на Одделот за инженеринг на компанијата CRBC, Wang Xinwei изјавил: „ Додека го пробивавме тунелот наидовме на околу 100 пештери. Поради тоа моравме да ангажираме стручен тим од Кина кој успешно го реши проблемот“. Токму поради геолошката ситуација тунелот Вјетерник е најобемен објект. Левата должина на цевката на тунелот изнесува 3.039 метри, а десната 2852 метри. Средната должина на цевката е 2945.5 метри.

4
Како главна корист од автопатот, Владата на Црна Гора наведува дека тој значително ќе ја зголеми безбедноста и ќе го намали бројот на несреќите, пред сè во кањонот Морача. Ќе го приближи северот на Црна Гора на централниот и јужниот дел, ќе ги поврзе пристаништата на Јадран со пристаништата на Дунав и ќе овозможи побрз проток на туристи.
Но, изгледа дека во регионов имаме многу нешта заеднички, па и кога се автопатиштата во прашање, комплетноста на проектите и студијата за одржливост.
Владата на Црна Гора вели дека патот е стратешка цел и дека ќе пружи долгорочна економска и општествена корист. Според неа автопатот ќе биде одржлив, но студија за одржливост никогаш не е објавена.
И бидејќи никогаш не е сè онака како што изгледа, инженерот Иван Клековиќ, кој бил вклучен во проектот, подоцна објавил отворено писмо, опомена до парламентот на Црна Гора. Тој вели дека според вистинска, стручна студија за одржливост неопходен е промет од 22.000 до 25.000 возила дневно како би се оправдал автопатот. Денешната статистика укажува дека дневниот сообраќај на најпрометниот дел на патот од Подгорица до Бар изнесува помалку од 6.000 возила.
Кинескиот кредит го зголемил јавниот долг и ја присилил Владата на Црна Гора да ги качи даноците, делумно замрзне платите во јавниот сектор и укине мајчиниот додаток. И покрај тоа се очекува долгот на земјата да се приближи на 80 % од БДП, а ММФ опоменува дека државата не може да си дозволи понатамошно задолжување за да го заврши автопатот. Во меѓувреме САД и Брисел не гледаат благонаклоно на кинеските вложувања во регионот. И тоа сè погласно и го кажуваат на земјата која е најновата членка на НАТО.

5

Испрати коментар

Scroll To Top