Изградбата на обиколницата на Штип привршува, а експресниот пат до Радовиш ќе биде готов до април следната година. Ова го најави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при неговата посета за да изврши увид во градежните работи на оваа делница.
Вкупната инвестиција е 15 милиони евра, а должината на оваа втора фаза изнесува 17 километри. Прогресот на градежите работи е 65 отсто и според Договорот, експресниот пат комплетно ќе биде завршен до април следната година.
Министерот потенцираше дека обиколницата околу Штип ќе биде готова за 30-тина дена, со што сообраќајот низ градските улици низ Штип ќе се растерети.
“Покрај завршувањето на обиколница Штип, завршена е и клучката од Бучим до Радовиш и на почетокот на месец октомври и оваа делница ќе се стави во функција“, вели Бочварски.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, информираше дека вкупната должина на експресниот пат Штип – Радовиш е 40.4 километри, од кои 23 километри веќе се пуштени во употреба.
“Оваа втора фаза од изградбата на експресниот пат е во должина од 17 километри и поделена на две секции. Првата секција ја опфаќа делницата од Три Чешми до Штип Југ, а втората од клучката Бучим до Радовиш. На оваа делница вкупно се изведени 16 објекти за премостување и три клучки. Очекуваме работните активности да завршат пролетта 2022 година“, истакнува Рустеми.