Во времетраење од седум дена во Лазарополе, Македонија се одржа 33. сесија на меѓународната Летна школа за архитектура под наслов „ПРИВРЕМЕНИ ЈАВНИ СТРУКТУРИ“. Како секоја и оваа година во периодот од 29.6. до 6.7.2024 година под покровителство на Архитектонскиот факултет од Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје оваа сесија беше реализирана под раководство на проф. д-р Михајло Зиноски од Архитектонскиот факултет во Скопје и гостинот тутор проф. Саша Беговиќ од Факултетот за архитектура во Загреб и основач на 3LHD архитектонското биро во Загреб.
Поканата на гостинот тутор од страна на раководителот на Летната школа за архитектура е пред сè поттикната од областа на јавните објекти кои обајцата професори ја предаваат во рамките на нивната академска дејност. Учеството на научни и стручни конференции и како комесари на националните изложби во Р Македонија и во Р Хрватска на Балканското архитектонско Биенале во Белград 2021 година резултираа во соработка и преку реализацијата на 33. сесија на Летната школа во Лазарополе. Длабоката увереност во кохерентноста на архитектурата помеѓу теоријата и праксата влијаеше во понатамошната концепција на темата на работилницата. (Сл. 1,2)
сл. 1 проф. Саша Беговиќ, архитект
сл. 2 проф. д-р Михајло Зиноски, архитект
На 17.5.2024 на Архитектонскиот факултет во Скопје се одржа предавањето на гостинот тутор под наслов: „АРХИТЕКТУРАТА КАКО РЕЗУЛТАТ НА МИСЛАТА И ПРАКТИКАТА“ каде присутните студенти, професори и архитекти имаа прилика да се запознаат со творештвото и да дискутираат со професорот и архитект Саша Беговиќ. Во таа насока можеме да издвоиме дел од неговото завидно професионално портфолио.
Професорот Саша Беговиќ е архитект и партнер во студиото 3LHD. Студиото интензивно се развива врз база на интеграција на различни дисциплини: архитектура, урбан пејзаж, дизајн, уметност и истражување на нови можности за интеракција помеѓу архитектурата, општеството и поединци. Во текот на неговата кариера, тој предводел многу наградувани проекти од различни видови и типологии: јавни, културни, станбени, спортски и објекти со мешани намени. Проекти како што се Меморијалниот мост и Центарот Замет во Риека, Спортската сала во Бале, Хрватскиот павилјон на Светската изложба EXPO 2005 во Аичи, Јапонија и 2008 година во Сарагоса, Шпанија, Сплитска Рива, Хотелите Лоне, Адриатик и Парк во Ровињ, Аквариумот и Ривер Музејот во Карловац, Уранија – креативниот простор, станбените блокови Бужанова и Парк Кнежева, седиштето на ИНФОБИП, Кампусот РИМАЦ во Загреб, се само некои од поважните проекти во неговото 3LHD студио. Творештвото на 3LHD е претставено на универзитети, изложби и институции низ светот, како што се: Харвард во Бостон, ETH во Цирих, Институтот VAN ALEN во Њујорк, Институтот BERLAGE во Ротердам, COAC во Барселона, RIBA во Лондон и на биеналните изложби во Венеција и во Ротердам. Делата на студиото 3LHD освоиле многу меѓународни награди, како што е наградата А+ за архитектура и пејзажно уредување, Европската награда за дизајн, најдобар хотел во Европа, наградата WAF 2008 за најдобар спортски објект, наградата IOC / IAKS за најдобра спортска зграда, наградата ARCITECTURAL REVIEW за најдобри нови архитекти, награда на списанието ID, како и најзначајните професионални и државни награди во Р Хрватска. Во последните 23 години, проф. Беговиќ е активен во академската област во Р Хрватска и во светот. Присутен е како предавач и гостин критичар на архитектонските факултети во ETH во Цирих, Харвард и на Североисточниот универзитет во Бостон, IIT во Чикаго во САД, TU во Виена, Минхен, Штутгарт, и како гостин професор во Грац во Австрија, Љубљана и Загреб. Од 2010 до 2020 година, бил и гостин професор на FGAG во Сплит а од 2017 до 2019 година на Универзитетот Корнел во Њујорк, САД. Од 2021 година до денес е вонреден професор на Архитектонскиот факултет во Загреб, Р Хрватска.
РАБОТИЛНИЦА: ПРИВРЕМЕНИ ЈАВНИ СТРУКТУРИ
На работилницата во рамките на Летната школа во Лазарополе учествуваа 24 студенти од Р Македонија, Р Србија и Р Бугарија. Во педагошкиот тим покрај гостинот тутор и раководителот учествуваа и асистентите од Архитектонскиот факултет: м-р арх. Јана Брсакоска, м-р арх. Кире Ставрев и м-р арх. Дарко Драгановски.
Во текот на работилницата преку видеолинк беа вклучени и гости предавачи: Роберт Џонатан Лохер, архитект, Тома Плеиќ и Леа Пеливан од Studio UP, архитекти и професори на Архитектонскиот факултет во Сплит и на Архитектонскиот факултет во Загреб, Миа Ротх и Тони Черина, архитекти и професори на Архитектонскиот факултет во Загреб и на Архитектонскиот факултет во Сплит и Никола Радељковиќ, Numen / For Use, дизајнер. Инспиративните предавања во однос на современи концепти за јавен простор, градење во планина, просторни времени инсталации беа темите на предавачите поканети од арх. Саша Беговиќ. (Сл. 3)
сл. 3 проф. Миа Ротх и Тони Черина, архитекти
Годинашната тема „ПРИВРЕМЕНИ ЈАВНИ СТРУКТУРИ“ отвори доста прашања околу начинот на градба во природен планински предел, програмата на објектот од јавен карактер, материјалот, а пред сè околу поетиката на просторот која ја дефинира структурата.
Во својата главна книга од 1913 година, архитектот Адолф Лос напиша поглавје: „Како да се гради во планините“.* Оваа мудра и интересна опсервација може да се примени и во денешно време; „…Не градете на живописен начин. Оставете ги тие ефекти на ѕидовите, планините и на сонцето… Обрнете внимание на формите со кои градат мештаните. Зашто тие се плодови на мудроста собрана од минатото. Но, побарајте го потеклото на формата. Ако технолошкиот напредок го направи тоа, можно е да се подобри формата, тогаш секогаш користете го ова подобрување… Промени на старата градежна техника се дозволени само кога тие значат нејзино подобрување, во спротивно остануваат на стариот начин…“
Овие цели беа претставени во објаснувањето на темата предложена од проф. Саша Беговиќ. Неговите предлози за годинашната летна школа во прекрасното планинско село Лазарополе беа фокусирање на физички, материјални и структурни аспекти на архитектурата. Но архитектурата е и интелектуално информирана и продуцира размислувања и идеи за кои може да се дискутира. Овој вербален аспект преку текстови, есеи, разговори да се практикува на дневна основа.
Прво да се шета, разговара и да се набљудуваат просторите и природата на селото. Како Бодлеровиот „Flâneurs“* да се обидеме да откриеме локации, отворени и јавни места, за нови интервенции. Преку анализа на потребите да предложиме соодветна јавна програма. Со додавање на нова современа програма и структура треба да воспоставиме однос и со соседната урбана/рурална средина.
Понатамошниот развој на „новата структура“ да го земе предвид привремениот карактер на новото. Сите материјали се на располагање, или локални, дрво, камен, штици, готови елементи, шатореста конструкција, ткаенина, пластика, пневматска конструкција, дури и повторна употреба на постоечки елементи.
Треба да раскажеме приказна, за мали промени, трансформации и да учиме од локалното знаење, градбите и природната средина. Составните елементи на јавните структури, простори, места/објекти/павилјони (анг. follies) треба да бидат недвосмислени: минималните и обликовни местоположби треба да понудат скромен и локален одговор на соседството. Проектите треба да содржат едноставни и финансиски достапни архитектонски идеи, потребно е да се размисли за материјалите пред да се испроектира структурата.
Архитектонската работилница да биде организирана по денови, секоја вечер да се користи за презентирање на работата во текот на денот, споделување на индивидуалните резултати и следење на гостинските предавања на: архитекти, дизајнери, уметници. Крајниот резултат на работилницата да биде јавно презентиран заедно со модели во размер 1/20, 1/50 и дискусија на сите присутни учесници.
* „Rules for Those Building in the Mountains“, Extract from Ornament and Crime by Adolf Loos, [Regeln für den, der in der Bergen baut Jahrbuch der Schwarzwald´schen Schulanstallen, 1913]
* Flâneurs – a person who walks the city in order to experience it in Charles Baudelaire, 1863 essay „The Painter of Modern Life“, Walter Benjamin promoted 20th-century scholarly interest in the Flâneurs
Работилница
Активностите во текот на седумдневната работилница беа организирани во дневни задачи преку кои студентите сукцесивно ги развиваа нивните проекти.
Во текот на првиот ден и заедничката прошетка низ селото студентите ги согледаа историските и стилските карактеристики на Лазарополе. Притоа дискутираа за аспектите на урбаната морфологија, типологија на градби, материјалност. Веќе следниот ден истражуваа специфики од аспект на меморија и историја на конкретни локации, го набљудуваа јавниот простор на селото Лазарополе и околниот контекст и одлучуваа во каков предел ќе проектираат структура и програма која соодветствува со идентитетот на местото. (Сл. 4)
Покрај аналитичките скици, колажи, фотографии и есеи, во првата фаза на перцептивната селекција студентите изработија и концептуални модели во мерка 1/50. Во оваа фаза веќе се препознаваше материјалноста, програмата и градбената структура. (Сл. 5, 6)
сл. 5 Изработка на модел, Сандра Јованова, Александра Радевски
сл. 6 Изработка на модел, Драгана Стефанова, Дарко Кузмановски
Дискусиите кои се одвиваа секојдневно со студентите преку формални презентации на проектите како и неформалните дискусии со педагошкиот тим, имаа исклучителен придонес како во продлабочувањето на архитектонската мисла така и во согледувањата на задачата и развојот на темата. (Сл. 7)
сл. 7 Консултации на студентите со раководителите
Во текот на работилницата покрај техничките графички прилози студентите изработија и модели од дрво во мерка 1/20 при што навлегоа и во материјата на нивната градба. Моделот е дидактичка техника на согледување на тектониката и просторната синтакса на објектот при што самиот размер наложува идеја за материјализација на структурата. (Сл. 8-10)
сл. 8 Модел, автори: Филип Зафировски, Калина Љубецки
сл. 9 Модел, автори: Горана Стојановска, Исидора Несторовска
сл. 10 Модел, автори: Ангела Јакимова, Невенка Мијалковска
Секој проект беше проследен со кус есеј и соодветно именуван според темата која ја истражува. (Сл. 11-13)
сл. 11 (Assemblagre of Neglection) Филип Зафировски, Калина Љубецки
сл. 12 (The Wall) Марта Заркадова, Карамитреска Магдалена
сл. 13 (A Convergence) Горана Стојановска, Исидора Несторовска
Наслови на проектите:
- (Mindful Meadow) Ангела Јакимова, Невенка Мијалковска, архитектонска транскрипција на традиционалната градба, објектот обединува јавни настани од културен карактер.
- (TEA House) Лука Здравковски, Мартин Пулески, повеќе од „машина“ за сушење билки, павилјонот претставува и социјален кондензатор.
- (The Wall) Марта Заркадова, Карамитреска Магдалена, автономна поетска структура која преку повеќезначност нуди различно „читање“ на своето присуство.
- (The Equilibrium Pavilion) Драгана Стефанова, Дарко Кузмановски, преку крстобразна структурална морфогенеза вградени се платонични елементи: материја, воздух, простор, вода и огин.
- (A Convergence) Горана Стојановска, Исидора Несторовска, симболичка структура која преку сензибилитет и тактилност реминисцира антропоцен мит на местото.
- (The View Catcher) Љупка Јорданова, Тамара Прелоговска, елегантно структурирани елементи, грижливо кадрираат погледи кон пределот.
- (Framedville) Мила Поповска, Ања Тодоровска, повеќе од павилјон – структура на матрица која има обединувачка функција на заедницата.
- (Assemblagre of Neglection) Филип Зафировски, Калина Љубецки, запоставени материјали кои преку техника на реадимејд реобмислуваат екокритика на консумеризмот.
- (Meetpoint) Матеа Јегени, Андреј Павловски, тема на социјална интеракција во соседството.
- (Meet Between the Lines) Јована Нечева, Исидора Спирова, концепт на минималистичка структура која акомодира привремени јавни настани.
- (Dobrava Tower) Сандра Јованова, Александра Радевски, тема на вертикалност како атрактор со цел воспоставување нова перцепција за на работ селото.
- (Shadow Haven Pavilon) Јована Стојановиќ, Јелена Новаковиќ, трансформабилната структура лоцирана во централниот простор на Лазарополе овозможува јавна програма која ќе ја искреираат жителите.
Студентите ги презентираа проектите пред педагошкиот тим и пред дел од професорите од Архитектонскиот факултет. На поставените прашања се разви дискусија преку која студентите добиваа соодветна валоризација за сработените проекти. (Сл. 14, 15)
сл. 14 Марта Заркадова, Магдалена Карамитреска
сл. 15 Горана Стојановска, Исидора Несторовска
Во текот на седумдневната интензивна работа резултатите посведочија за сериозно проникнување во темата. Секој проект беше презентиран преку анализа, технички цртежи и модел. (Сл. 16-18)
сл. 16 Автори на проектите: Филип Зафировски, Калина Љубецки (напред) и Матеа Јегени, Андреј Павловски (позади)
сл. 17 Автори на проектите: Марта Заркадова, Магдалена Карамитреска (напред) и Јована Стојановиќ, Јелена Новаковиќ (позади)
сл. 18 Автори на проектите: Љупка Јорданова, Тамара Прелоговска (напред) и Мила Поповска, Ања Тодоровска (позади)
Следуваше изложба пред жителите на Лазарополе која побуди нивен интерес со оглед на различните сценарија и визии на студентските проекти во однос на контекстот. (Сл. 19,20)
сл. 19 Фотографии од изложбата
сл. 20 Учесници на Летната школа ПРИВРЕМЕНИ ЈАВНИ СТРУКТУРИ, 2024, Лазарополе
Епилог
Разбирањето на темата ПРИВРЕМЕНИ ЈАВНИ СТРУКТУРИ во текот на работилницата се разви во критички осврт на новата свест кон глобалните тенденции на посттранзиционализмот. Студентите се однесуваа ангажирано кон системот на опкружувањето кој го набљудуваа, а не надвор од него. Покрај визуелните уметности така и архитектурата како комуникациско средство воспоставува критички медиум на денешницата. Во таа насока Валтер Бенџамин (Walter Benjamin) ќе истакне: „Во текот на долгите периоди на историјата, начинот на човечката сетилна перцепција се менува со целиот начин на постоење на човештвото. Начинот на кој е организирана човечката сетилна перцепција, медиумот во кој таа се остварува, не е определен само од природата туку и од историските околности.“
Во процесот на проектирањето поетиката или оформувањето на знаење за просторот претставуваше појдовна точка на секој проект одделно.
При концептуализацијата темите на проектите допираа низа феномени на чувствителноста на просторот (гр. noumenon) како што се: социјална интеракција, меморија на микролокации, типолошка транскрипција, поетика на ентропијата, човекот како „екокритика“, конечно и одредени митови на местото.
Оттука именувањето на проектите ја воспостави релацијата помеѓу поетиката и појавноста (…) Набљудувањето претходи на зборовите. Детето набљудува и препознава пред да може да зборува. Но, постои и друга смисла во која гледањето стои пред зборовите. Тоа е гледањето што го утврдува нашето место во околниот свет; ние го објаснуваме тој свет со зборови, но зборовите никогаш не можат да го поништат фактот дека сме опкружени од него. Врската помеѓу она што го гледаме и она што го знаеме никогаш не е разрешена. Џон Бергер (John Berger)*
Навидум едноставни, на моменти и преискрени, овие дванаесет проекти претставуваат поетски слики во просторот од кој произлегуваат. Тоа се авторски записи на студентите кои учествуваа на Летната школа во Лазарополе.
* Walter Benjamin, 1969, The Work of Art in the Age of Mechanical Reproduction, In: Illuminations, edited by Hannah Arendt, translated by Harry Zohn, from the 1935 essay New York: Schocken Books,
* John Berger, 1972, Ways of Seeing, British Broadcasting Corporation an Penguin Books
Автор: проф. д-р Михајло ЗИНОСКИ, Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
Учесници на 33-тата сесија на Летната школа за архитектура:
група 1. (The Equilibrium Pavilion) Драгана Стефанова, Дарко Кузмановски,
група 2. (Shadow Haven Pavilon) Јована Стојановиќ, Јелена Новаковиќ,
група 3. (Dobrava Tower) Сандра Јованова, Александра Радевски,
група 4. (A Convergence) Горана Стојановска, Исидора Несторовска,
група 5. (Meetpoint) Матеа Јегени, Андреј Павловски,
група 6. (Assemblagre of Neglection) Филип Зафировски, Калина Љубецки,
група 7. (Meet Between the Lines) Јована Нечева, Исидора Спирова,
група 8. (Mindful Meadow) Ангела Јакимова, Невенка Мијалковска,
група 9. (TEA House) Лука Здравковски, Мартин Пулески,
група 10. (Framedville) Мила Поповска, Ања Тодоровска,
група 11. (The Wall) Марта Заркадова, Магдалена Карамитреска,
група 12. (The View Catcher) Љупка Јорданова, Тамара Прелоговска.