Поинаков локал со поинаков ентериер, неодамна се отвори во центарот на Тетово. Станува збор за еден од најсимпатичните koffee juice барови којшто им нуди удобност и опуштање на љубителите на кафе и свежи овошни сокови.
Невозможно е да се движите во тој дел на градот, а вашето око да не го забележи локалот, лоциран на аголот на булеварот. Особено, ако сте со добро друштво само посетете го и уживајте во прекрасниот амбиент.
Овој проект е дело на младите тетовски архитекти од студио Аtelie Artarkitekt, кое го сочинуваат архитектите Арта Хусеини и Енес Колашинац.
-Концептот се формираше, пред сè, според барањата на инвеститорот, кој сакаше функционален, атрактивен, современ и пред сè уникатен дизајн. Просторот зафаќа површина од 97 м2, а е наменет за млади и возрасни. Идејата беше да се следи радијалниот облик на аголот од улицата каде што е лоциран самиот локал. Личи на четвртина од круг, во центарот е поставен шанк, а влезот е во средината на лакот, вели Арта Хусеини основач на студио „Аtelie Artarkitekt“.
Првиот дел од лакот со ширина од 1,2 м е целосно обложен со дрвени штици од даб кои радијално се следат едни со други од подот преку ободните ѕидови, па сè до плафонот. Тој изгледа како лушпа на орев, каде што во внатрешноста се поставени правоаголни дрвени маси со метални ногалки и софи во сива боја, која е спротивна на топлината на дрвото што ги опкружува. Софите им нудат целосен комфор на посетителите.
Освен на софите, на посетителите им се дава можност да седат и на дрвената линија којашто ја следи флуидноста на дабовите штици, а спротивно на неа се поставени табуретки во форма на куб од истиот материјал како софите.
Плафонот е потонат во црна боја, делува како црн покрив кој е осветлен со топли бели Едисон светилки, челични лустери во разни форми: правоаголни, квадратни, триаголни и кружни кои се спуштат од високиот плафон и висат на одредени височини давајќи чувство на ѕвездено небо. Најголемиот дел се концентрирани над шанкот.
Индустрискиот под е од сив бетон над кој се поставени кружни маси направени од дрво и метални жици околу кои се поставени столици исто така направени од дрво и штоф, комбинирани со пастелни бои како црвена, жолта, зелена и сина.
Негде во средина се поставени два мали шанка, исто така комбинирани од дрво и метални жици. За да се стигне до главниот шанк и да се направи нарачката неопходно е да се помине меѓу нив.
Како продолжение на дрвениот преграден ѕид, којшто не е само декор, туку преграда пред двата тоалета и кујната, којашто е поставена над тоалетите, следува шанкот обложен исто така со дрвени дабови штици каде што централно е оставен отвор полн со свежи овошја кои чекаат да бидат исцедени за клиентелата.
Целиот овој простор кој е изграден од бетон, дрво и железо се опкружува со зелен појас -жива ограда од чемпреси засадени во долги дрвени корита, додека спротивно е ѕидот со светла зелена боја која е компатибилна со природниот амбиент на просторот.
Минималистичките цртежи, обесени околу вертикалните површини ја рушат монотонијата на едноставноста на површините и дават друга димензија на перцепција.
Црните завеси се тие кои го делат внатрешниот амбиент од надворешниот. Додека се спуштени, однадвор екстериерот личи на ЛЦД екран, а кога се подигнати, од сите гледни точки се отвораат визури кон надворешниот амбиент преку стаклениот ѕид што во лето се отвора и се претвора на лоѓија, со парапет којшто е поставен на самиот лак.
Се потенцира силно екстравертниот елемент што овозможува директен контакт меѓу внатре и надвор, без да им ја руши интимноста на посетителите, а кој овозможува да се привлече вниманието на тие што поминуваат да ѕирнат и да се решат да влезат внатре за да уживаат во овој топол амбиент.
Пишува: Арта Хусеини, дипл. инж. арх.