Рафаил Влчевски, добитник на наградата „Борис Чипан“ на Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
Дипломирал во 1960 година на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје, кај проф. Борис Чипан, а магистрирал во 1983 година на тема „Урбано-социолошки аспекти на домувањето“.
По дипломирањето се вработил во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје – ЗУАС.
Од 1989 до 1995 година бил директор на ЗУАС.
Од 1995 до 2000 година работел во Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови на Р Македонија.
Се јавува како архитект со богато и разновидно творештво како од областа на урбанизмот така и од областа на архитектонското творештво и се вбројува во еден од градителите на ново Скопје.
Честитки од Редакцијата на Порта 3 за значајната награда. Вашето творештво е разновидно и од областа на урбанизмот, но и од областа на архитектонското творештво. Дали урбанизмот Ви беше голем предизвик уште кога бевте студент?
Благодарам на честитката за доделената награда и на можноста да се искажам и презентирам за мојот скромен придонес во областа на урбанизмот, архитектурата и соодветно во инженерството, во вашето комплексно и богато со содржина списание.
Моето прво искуство во урбанизмот е уште во првите години на студии, како соработник на архитект Љубе Пота во изготвување на првите генерални планови за Гостивар и Тетово и проекти за неколку повеќекатни станбени згради. Исто така беше значајно искуството и како соработник на други архитекти, а посебно како соработник на архитект Лудек Кубеш, од кои позначаен беше планот на зоолошка градина за кој Кубеш доби „Златна плакета“ на изложба во Париз.
Најголем дел од својот работен век сте го поминале во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје. Се вбројувате во градителите на Скопје, сте работеле заедно со екипите на Доксијадес од Атина и Полсервис од Варшава на ГУП за Скопје 1964/1965. Што значеше тоа искуство за вас како млад архитект?
Несомнено, учеството во ГУП за град Скопје, во авторски тим со стручни екипи од Полсервис и Доксијадес, беше голем предизвик, чест и одговорност. Моето искуство во авторски тим со стручњаци од Доксијадес е вградено ва Студијата за домување во рамките на ГУП-от. Искуството во овој ГУП, под раководство на инженер Циборовски, беше многу значајно бидејќи работевме со искусни стручњаци кои учествувале на многу планови во повеќе градови во светот.
Изработувате ДУП за уредување на коритото на Вардар со крајбрежните површини во Скопје. Што мислите за упадот во коритото на реката со објекти, дури и во зони забранети за градење?
Автор сум на архитектонско-урбанистичко обликување на коритото на реката Вардар, во подрачјето на град Скопје. Регулацијата на реката пред сè претставува хидротехнички зафат за заштита од поплави на градот и околните простори. Пропусната вода под Камениот мост беше проценета на 900м3/сек, а во времето на поплавата проценето е дека низ градот протокот на вода изнесувал 1600м3/сек. Поради тоа е изградена брана Козјак првостепено ретенциона, за да ја акумулира разликата меѓу можните 900-1200м3/сек и 1600м3/сек.
Хидротехничкиот проект на коритото на реката не дозволува градби, високо и ниско зеленило и клупи. Малиот број на висока вегетација, ниско зеленило и клупи, беа прифатени со лична одговорност на авторот на архитектонско-урбанистичко обликување на коритото на реката.
Секогаш властите нарачувале урбанизам, сугерирале, се мешале. Но имам впечаток дека порано многу повеќе се почитувале професионалци. Денес улогите се обратно поставени меѓу власта и науката и струката. Зошто и како дозволивме политичарите и локалните моќници да станат главни урбанисти?
Најголемиот работен период го имам поминато во Заводот за урбанизам и архитектура на град Скопје. Во текот на мојот работен период немаше мешање, барање кое треба да го прифатам. За секоја стручна сугестија, предлог и слично се прифаќало моето стручно мислење, доколку било стручно аргументирано.
Наметнати „барања“ сугестии и слично не сум добивал, можеби дека однапред знаеле дека нема да ги прифатам. Можеле само да ме тргнат од моето учество во тој план, но тоа во текот на мојата работа не се случило.
Колку била почитувана стручноста и професионализмот кажуваат и наградите кои сте ги добиле за своето работење, меѓу кои се: во 1973 – Повелба од Собрание на Град Скопје, за особени заслуги во обновата на градот, Диплома на Урбанистичкиот сојуз на Југославија (УСЈ) и во 1986 – Златна значка на УСЈ, за особени заслуги во развојот на урбанизмот.
Дали наместо државата да го сфаќа просторот како значаен ресурс кој им припаѓа на сите, го сфаќа како роба за продавање?
Јас сум благодарен бидејќи мојот придонес во активностите во Сојузот на архитектите и урбанистите иако е скромен, не останал незабележан.
Ја користам можноста да ги поздравам досегашните активности на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и активноста на списанието Порта 3, бидејќи не само што афирмираат поединци и настани, туку што е уште позначајно ја афирмираат дејноста, која е од посебно значење за просторот и жителите.
Како земја со пазарно стопанство, каде приватната иницијатива и приватниот капитал имаат приоритет, бидејќи тие најбрзо го активираат и развиваат просторот, не треба да бидат во колизија со општествениот односно јавниот интерес, бидејќи приватниот капитал максимално го активира и користи просторот, што е природно, но понекогаш не бира средства.
Комората на овластени архитекти и овластени инженери во овој период преку соодветно учество во органите на државата и законодавната област, може да даде многу значаен придонес за просторот на граѓаните.
Сте биле раководител на тимот за изготвување на Нацрт-планот за ГУП на Скопје за период од 2002 до 2020 година. ДУП-овите повеќе од очигледно претставуваат проблем, дел од планерите (некои од нив се и во вашиот тим за ГУП-от) кога ќе им се посочат грешките се правдаат со ГУП-от. Каде грешиме во урбанистичкото планирање?
Нацрт-планот на ГУП на град Скопје (како фаза на ГУП-от) е изготвен со учество на многу стручни кадри од сите области (демографи, сообраќајци, социолози, економисти и др.) вклучувајќи ги неопходните студиски елаборати. Во изготвување на планот имаат учествувано над 140 високостручни кадри.
Нацртот на ГУП-от претставува прв ГУП изготвен на претходно подготвени дигитализирани подлоги и податоци од страна на целиот авторски тим, како основа за целокупното понатамошно планирање и имплементација.
„Нацртот на ГУП-от“ претставува прва фаза (подетапи: инвентаризација, анализа и синтеза) во изготвување на ГУП-от.
По завршување на Нацртот на ГУП-от, престанува моето понатамошно учество во изготвување на ГУП-от. Согласно законот бев пензиониран.
За преостанатите фази на ГУП-от во кои немам учествувано и за неговата имплементација не можам да коментирам.
Со ГУП-от е предвидена локација за нов Универзитетски клинички центар во Бардовци. Министерството за здравство повикувајќи се на ова најавуваше изградба на новиот центар. Но во меѓувреме се предомисли и барајќи по околните скопски полиња државно земјиште, најавува нова локација која е вон рамки на ГУП-от. Што мислите за промена на локацијата за новиот Клинички центар?
Локацијата за Клиничкиот центар е дефинирана уште во ГУП-от од 1948 година, прв план за град Скопје изготвен од авторски тим под раководство на професор на Универзитетот во Прага, завршен од Лудек Кубеш, член на авторски тим.
Во сите подоцнежни ГУП-ови за Скопје и во Нацрт-планот 2002-2020 потврдена е истата локација поради исполнување на двата основни критериуми: најоптимална достапност од сите простори на градот и еколошките карактеристики на локацијата и околниот простор со можност и за иден развој.
Автор сте на ДУП-от на најурбанизираната населба во Скопје, Аеродром. Населбата е школски пример на урбанизам за станбена населба за 100.000 жители. Но, како и останатите населби во градот и делови на Аеродром успеаја да се упропастат.
Член сум на авторски тим во изготвување на Деталниот урбанистички план за населбата Аеродром. Основна карактеристика на концептот на населбата е приспособување и усогласување на микроклиматските услови на просторот, кој се наоѓа јужно од источната индустриска зона на градот, а е познато по најдолгите денови на магла, најјаките ветрови од северозапад кон југ и слично.
За подобрување на микроклиматските услови, планирани се зелени парковски површини покрај реката и зелени парковски површини низ средиштето на населбата, за да може крајбрежниот ветер познат како „Вардарец“, кој се движи од запад кон исток, да овозможи подобрување на еколошките услови на населбата.
Секоја интервенција во станбената населба од 100 илјади жители во просторот на планираните површини со високо зеленило во смисла на зголемување на густината на жители/ха, значително ќе ги влоши еколошките услови на животот во населбата.
Урбанистичко решение за центарот на Куманово
Кои свои урбанистички планови и објекти би ги издвоиле како најзначајни во Вашето творештво?
Како најзначајни архитектонско-урбанистички комплекси кои се реализирани би ги издвоил:
– Автор на архитектонско-урбанистичко обликување на коритото на река Вардар во Скопје
– Автор на архитектонско-урбанистичко обликување на коритото на река Нишава со кејските површини во Ниш
Како позначајни реализирани објекти би ги издвоил:
– Деловен објект на улица Македонија-Скопје, автори: Рафаил Влчевски и Наташа Влчевска
– Банатаска Банка во Зрењанин, автори: Рафаил Влчевски и Благој Колев
Банатаска Банка во Зрењанин, Србија
Од конкурсните трудови би издвоил два како најзначајни:
– Конкурсот за градски снабдувачки центар во Скопје, автори: Рафаил Влчевски и Димче Ванов, првопласиран
– Центарот за Бања Лука – по земјотресот, автори: Рафаил Влчевски и Димче Ванов, првопласиран
Урбанистичко решение за микрореон во Прокопјевск, Русија