Компанијата „Мета“ лансираше нова социјална мрежа „Тредс“, директен конкурент на „Твитер“ базиран и поврзан со системот на налози на „Инстаграм“, чиј директор Адам Мозери изјави дека нестабилноста и непредвидливоста на „Твитер“ во изминатиот период отвори простор за конкуренција.
„Да го направиме ова. Добре дојдовте во Tредс“, напиша основачот на „Мета“, Марк Закерберг во првата објава на новата апликација, која забележа десет милиони регистрирани во првите седум часа од нејзиното лансирање.
„Тредс“, како и „Твитер“, содржи кратки текстуални пораки кои корисниците можат да ги „лајкнат“, да споделуваат и да одговараат. Секоја порака може да има до 500 знаци и може да биде придружена со фотографии или кратки видеа.
Новата апликација е достапна на Google Play и App Store. Голема предност во однос на „Твитер“ е што „Тредс“ е дел од системот „Mета“ и како таков ќе биде интегриран, пред се со „Инстаграм“, а потоа и со „Фејсбук“.
Извршниот директор на Инстаграм, Адам Мозери, рече дека „Тредс“ е наменет за јавна дискусија, што се истите зборови што за да ја опишат целта на Твитер, лидерите на мрежата ги користеа во претходните години.
„Се разбира, Твитер е пионер на ова поле. И има добра понуда на јавни расправи. Но, сето она што се случуваше во претходниот период ни даде можност да изградиме нешто што е отворено и нешто што е добро за заедницата која веќе го користи Инстаграм“, вели Мозери.
„Мета“ веќе некое време го планира да лансирањето на „Тредс“, како што велат, верзија на „Твитер“ „водена од здрав разум“. Реакциите на корисниците на „Твитер“ откако Илон Маск ја презеде мрежата не беа баш добри, особено откако менаџментот на мрежата одлучи да го ограничи бројот на „твитови“ кои корисниците можат да ги гледаат дневно.
Во интерните документи на „Мета“ се наведува дека очекуваат „Тредс“ да привлече десетици милиони луѓе во првите неколку дена.
„ТРЕДС“ ЗАСЕГА НЕДОСТАПЕН ВО ЕУ
Новата апликација е достапна во 100 земји, но не и во Европската Унија, поради конфликтот што „Мета“ го има со условите за користење и собирање лични податоци.
Регулаторите во Брисел се главната причина зошто конкурентот на „Твитер“ во моментов не е достапен во ЕУ.
Камен на сопнување е имплементацијата на Законот за дигитални пазари, кој ги пропишува условите под кои приватните податоци може да се споделуваат помеѓу различни дигитални платформи.