Насловна / Вести / Пристигна новогодишниот број на Порта3!

Пристигна новогодишниот број на Порта3!

215web-1

Драги читатели,

Еве изминува уште една година. Редакцијата на “Порта 3” се трудеше во изминатите месеци да ве запознае со сѐ она што се случуваше во областа на архитектурата, градежништвото и екологијата кај нас и во светот, а заслужува внимание. Нашето списание влегува во јубилејната 10 година од излегувањето. Се надеваме дека и во неа ќе бидеме заедно, како што беше изминативе девет години. Како по обичај, крајот на секоја година е повод за поглед наназад кон она што одминало и ставање црта под она што е направено за да се сумираат резултатите.

Па така и оваа година Асоцијацијата на архитекти на Македонија подвлече црта и го прогласи најдобриот изведен објект годинава. Големата годишна награда за архитектура на ААМ е доделена за Деловниот центар СЕКТРОН, дело на проектантскиот тим од “Студио 2000”, односно проектантот Јана Гугуловска Ѓорѓевиќ, под будното око на консултантот, архитектката Билјана Филиповска. Во образложението на стручната комисија се вели: “Во услови на сложени просторни можности на локацијата, изведениот објект има успешно решение на поливалентноста на внатрешниот простор и со складна употреба на стакло и алуминиум се постигнува комплетно обликување на објектот”. Важен е и заклучокот на комисијата: “Имајќи ги предвид пристигнатите трудови, македонската архитектура покажува виталност, желба за натпревар и истражување, слобода на креативното изразување и современост”.

Месецов скопјани имаа можност да видат изложба која повозрасните ги врати во годините наназад, а помладите ги запозна со еден поинаков дух што го имаше Скопје. Студијата “Невидливо Скопје” претставува истражувачки проект насочен кон проучување на јавните простори во градот. Во студијата се опфатени 51 место во градот. Секое од истражуваните места е претставено преку текстуални и графички прилози. Идеја на истражувањето е да се откријат, документираат, проучат и јавно да се претстават местата каде во рамките на комплексниот урбан пејзаж на градот Скопје се создава, раѓа, предизвикува или се обликува скриената (суб) култура на секојдневното градско живеење “под отворено небо”.

Од редакцијата

Испрати коментар

Scroll To Top