Во изминатите неколку недели сведоци сме на исклучителната хуманитарна трагедија во Турција и Сирија по трите силни земјотреси: двата во понеделник 6 фебуари 2023 (во 04:17 по локално време во Газиантеп со магнитуда 7,8 и во 13:24 во Кахраманмарас со магнитуда 7,7) и оној од понеделник 20 фебруари 2023 (во 20:04 часот во Дефне со магнитуда 6,4). За првиот земјотрес се смета дека бил со интензитет од XI степени според Меркалиевата скала, а бил проследен со над 2.100 помали земјотреси досега. Неполни три недели од првиот удар бројот на човечките жртви достигна околу 51 илјада од кои над 44 илјади во Турција, а преостанатите во Сирија. Бројот на повредени ја има надминато бројката од 125 илјади од кои над 108 илјади во Турција и околу 14,5 илјади во Сирија.
Со оглед дека се уште не се знае судбината на многу лица кој биле затрупани како резултат на рушењето на објектите, за жал, може да се очекува дека бројот на жртви се уште може да се зголеми. Врз основа на досегашните сознаниниа овој земјотрес се смета за најсмртоносниот земјотрес во историјата на Турција по земјотресот во Антиохија од 526 година, а во Сирија по оној од Алепо од 1822 година. Гледано глобално за сега станува збор за најсмртонсниот земјотрес во светот по оној во Хаити од 2010 година и петиот во 21-от век.
164 илјади срушени или тешко оштетени објекти
Материјалните штети допрва ќе треба да се сумираат, но се известува дека инспекција на Министерството за животна средина, урбанизација и климатски промени на Турција до 23 фебруари идентифицирала 164 илјади срушени или тешко оштетени објекти. Во Сирија, со оглед дека дел од земјата е и под контрила на различни групи значително е потешко да се добие севкупна слика за нивото на разурнувања и штети. Се известува дека во двете земји биле срушени или оштетени историски објекти и инфраструктурани објекти, а Асошиет Прес известил дека напукнала и Африн браната во Сирија која и се излеала во 04:00 на 9 фебруари 2023. Според проценките на Обединетите нации се стравува дека околу 5,37 милиони лица во Сирија, што е приближно еднакво на половина од населението на земјата, можеби е останато без дом, а во Турција околу 1,5 милиони лица.
Првичните проценки за штетите од земјотресот во Турција укажуваат на 35 отсто веројатност дека еконосмките загуби ќе бидат помеѓу 10 и 100 милијарди американски долари според специјализираната служба на Геолошкиот институт на САД; 84,1 милијарди американски долари (70,75 милјарди на обнова, 10,4 милијарди за загуба на националниот доход и 2,91 милијарди како загуба на работната сила) според организацијата ТУРКОНФЕД; или до еден отсто од бруто националниот доход на Турција за 2023 година. Дополнително, проценките на Развојната програма на Обединетите нации укажуваат дека ќе треба да се расчистат некаде помеѓу 116 и 210 милиони тони урнатини, само во Турција, а ова е приближно еднакво на истиот волумен во метри кубни. За илустрација, Општината Центар во Скопје зафаќа површина од 7,52 километри квадратни. До колку урнатитите од земјотресот само од Турција треба да се депонираат на површина иднетична на онаа на целата површина на Општината Центар во Скопје, височината на таа депонија би требала да биде помеѓу 15,43 и 27.93 метри, односно помеѓу објект на приземје плус четири до објект на приземје плус осум ката!
Само околу 50 отсто од станбените објекти во погодените делови на Турција се покриени со осигурување
Според Журналот за осигурување во Турција постои обврска за задолжително осигурување на станбените објекти во урбаните средини, но се вели дека оваа законска обрвска најверојатно не се спроведува доследно како резултат на што се проценува дека само околу 50 отсто од станбените објекти во погодените делови на Турција се покриени со вакво осигурување. Ваквата состојба може лесно да ја усложни обновата, а самото ниво на предизвикани штети на глобално ниво ќе ги погоди и ре-осигурителните компании. Недоследното спроведување на законската и градежната регулатива, слично како и по земјотресот во Измир од 1999 година, се посочува како можен фактор за нивото на претрпени уривања и штети, и покрај воведувањети на нови прописи за асеизмичка градба по земјотресот од 1999 година и нивното последно дополнуавње од 2018 година. На пример, прилог во рамките на британските вести покажа напуштена болница изградена пред само околу пет години како резултат на претрпеното ниво на оштетувања. Како резултат на ова веројатно не се изненадувачки наводите во британскиот Маил Онлајн според кои истрага се води против над 600 градежни фирми и сопственици на објекти, а дека 184 веќе се уапсени.
Да се прашаме дали навистина и во која мерка сме подготвени за вакви непредвидливи ситуациии
Како резултат на ваква катастрофа во нашето нешто пошироко опкружување наполно е разбирливо и нивото на вознемиреност во нашата јавност, особено кога ќе се земат во предвид и свежите сеќавања на земјотресот во Скопје од 2016 година, кога се чини дека нивото на шетети можеби беше поголемо од она очекуваното за земјотрес со магнитуда 5,3 во земја со прописи за асеизмичко градење. Долгорочно гледано, позитивна е загриженоста на јавноста во Македонија по земјотресот од 2016 година и особено по овој во Турција и Сирија, затоа што отвора можност заштитата од земјотреси и други природни и од човека предизвикани катастрофи повторно да се стави на националната агенда. По 60-ет години од земјотресот во Скопје од 1963 година, сеќавањата на современиците на истиот веќе се избледени, а за помалдите генерации веројатно тоа е само нешто за кое нивните родители или повозрасни роднини говореле. Веројатно доволно е да се подестиме на состојбите со Пандемијата на Ковид-19 во земјата за да се прашаме дали навистина и во која мерка сме подготвени за вакви непредвидливи ситуациии, особено кога ќе ги земеме во предвид и огромните искушенија со кои се соочија и најразвиените земји во светот.
Од тука веројатно е дојден добар момент да ги преиспитаме сегашните состојби и врз основа на тоа да видиме во која насока треба да ги насочиме нашите идни акции за подобро да се подготвиме за евентуалните идни непредвидливи искушенија. Во оваа смисла добри беа изјавите во јавноста од македонските експерти во доменот на земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија коишто посочија дека земјотреси со слични магнитуди не се очекуваат на територијата на нашата земја, и тоа особено не во големите урбани средини, а што е одлична вест.
За жал во последните 60 години сведоци сме на напуштање на оргиналните принципи за намалување на повредливоста од земјотреси преку намалување на густината на изграденост во урбаните средини. Се чини дека ова особено е истакнато во периодот по независноста, кога по се изгледа дека се следат принципите на згуснување. Иако станува збор за пристап што во голема мерка се применува во развиените западни земји, заради потенцијалната ресурсна ефикаснот која произлегува од него, но прашање е дали и во која мерка биле критички разгледани суштинските разлики помеѓу земјите од кои пристапот се превзема и нашата земја. Во најголем број случаи станува збор за поразвиени земји со пониска сеизмичност на својата територија, но и веројатно подоследно спроведување на законските прописи и законската региулатива. Од тука лесно можеме да дојдеме во ситуација како по венусвањето на интернационалниот архитектонски стил кога се покажа дека територијата на нашата земја не е погодна за рамни кровови, барем според расположивите градежни материјали и технологии во тоа време, а воглавно како резултат на значителните температурни разлики помѓеу зимата и летото. Последиците од ваквиот пристап добро ни се познати на сите.
Згуснувањето на изградената средина потенцијално може да го намали или дури и да го елиминира не само постоењето на безбедни евакуациони коридори по земјотресите, туку и да го оневозможи пристапот на итните служби и тешката механизација, неопходна особено за спасување на лица под урнатините на армирано-бетонски објекти. Тесно поврзани со ова е губењето на безбедни слободни зелени површини непходни за времено сместување на населението по катастрофи. Дополнително, намаленото растојание помеѓу објектите, го намалува расположивиот пристор за нормално функционирање на противпожарните возила и тоа особено на оние наменети за спасување од и гаснење на пожар на високи објекти, но и ја зголемува можноста за пренос на пожар од еден на друг објект. Доколку во минатото определбата била да се градат објекти со фасади од негорливи материјали за да претставуваат одредени урбани противпожарни бариери преку кои би се спречила или намалила можноста за пренесување на пожари, во голема мера денес се практикува надворешната изолација на станбените објекти со стиропор која ги негира оргиналните определби.
Фотоволтаици да не се поставуваат на кровни површини изолирани со горливи материјали како стиропор
На пример, од 1 фебруари 2021 година со Одлука на Министерот за урбанизам на Викторија, Австралија, забранета е примената на фасадните сендвич панели од алуминиум доколку тие во исполната содржат помалку од 93 отсто (по волумен) неголив материјал, како и примената на фасади од експандиран стиропор со завршна обработка на малтер со важност за најголемиот број на категории на објекти, а со оглед дека и доколку се користи изолација од стиропор со додаток за самогасивост ќе дојде до брзо вертикално ширење на пожарот. Дополнително осигурителната компанија Цирих препорачува системи со фотоволтаични панели да не се поставуваат на кровни површини изолирани со горливи материјали како стиропор. Дури и на оние фасади коишто се изведени со примената на стиропор како термоизолационен материјал со завршна обработка од малтер, прашање е кај колку од нив се поставени потребните вертикални, хоризонални и околу фасадните отвори противпожарни бариери.
Испуштена е можноста сеизмички да ги зајакнеме објектите
Веројатно како голем превид може да се смета испуштената можност сеизмички да се зајакне објектот во текот на поставувањето на фасадна термичка изолација на постојните објекти, со оглед дека такви системи постојат, а дел од нив веќе се истражувани од страна на ИЗИИС. Во смисла на зајкнувањето добро беше да се слушне единствениот став на екепртите по земјотресно инженерство искажани во медиумите по однос на практиката за надградаба и адаптација во рамките на постојните објекти. Според Обенитетите нации санацијата спроведена на станбените згради во Скопје по земјотресот од 1963 година воглавно се сметало дека е од времен карактер, со очекување дека санираните објекти или дополнително ќе се санираат според најновите сознанија или пак дека ќе се заменат со нови 20 до 30 години по земјотресот.
За жал, се чини праксата не само што не е овие објекти да се зајакнат, туку дополнително да се оптоварат и/или ослабнат. Како резултат на ова се соочуваме со поставување на нови армирано бетонски плочи врз постојните ситноребрести што дава дополнителен товар на објектот, по земјотресот зајакнатите со армирано-бетонски платна ѕидови од тула се сечат, или пак се отвораат отвори во нив или во армирано-бетонските платна на по земјотресот изградените објекти. Дополнително се сечат и вадат армирано-бетонски мезанини во рамките на приземјата и се додаваат поткровја, а во случајот на објектите опфатени со програмата за рефасадирање во рамките на проектот Скопје 2014 истите се оптоваруваат и со метални подконструкции и релјефни фасадни обвивки, а кои веројатно ја зголемуваат повредливоста и на објектот и на неговото опкружувањето во случај на земјотреси. Особено што оние пред земјотресот никогаш не биле ниту испроектирани, ниту пак изградени да бидат отпорни на земјотреси.
Само еден од 600 домови во земјата е осигуран од земјотрес
Според напис во Денар од 2019 година само еден од 600 домови во земјата е осигуран од земјотрес. Веројатно и тој што е осигуран ќе има ограничена придобивка од осгурувањето особено до колку живее во станбена зграда, со оглед дека надоместот кој ќе го добие во случај на земјотрес ќе биде насочен за покривање на трошковите на изградба само на неговиот стан, а не и на целата станбена зграда. Како дополнителни пробелми се јавуваат неконтролираните адаптации во рамките на становите, особено оние коишто вкучуваат рушење на постојни ѕидови и отворање на отвори во постојни ѕидови, со оглед дека преку истите може да се наруши статиката на објектот и неговата отподрност кон идни земјотреси. Уште поважна е потреба за редовна инспекција на конструктивниот систем, особено кога станува збор за објекти со армирано-бетонска конструкција со оглед на можностите за корозија на арматурата и оштетување на заштитанат бетонска обвивка која може да ја намали не само носивоста на конструктивниот елемент, туку и против пожарната отпорност на објектот.
Вобичено се вели дека земјотресите не ги убиваат и повредуваат луѓето, туку зградите во нивноти опкружување. Гледано од аспект на веројатност колку сме подалеку од претходен разорен земјотрес веројатно толку сме поблиску до следниот разорен. За разлика од земјотресот во Скопје од 1963 година до кога веројатно помалку се знаело за заштитата од земјотреси на овие простори во втората декада на 21-от век веќе нема оправдување, особено по искуставата од земјотресот во Скопје од 2016 година и медиумската покриеност на земјотресот во Турција и Сирија од 2023 година. Прашањето е само дали ќе дозволиме алчноста да ја дефинира нашата иднина и исходот од слединиот, сигурно не посакуван, но веројатен земјотрес.
“Туркије” – не е македонски. Читајте малце за што се одннессува барањето наа Турција во ООН.