Општина Центар годинава се вклучи во одбележувањето на зелената недела на ЕУ, организирана од Делегацијата на ЕУ и ЕУ Инфо Центарот.
На Еко-Хепенингот, што се одржа во новоизградената градинка „Кочо Рацин“, повеќе од 100 деца од градинките во Центар пееја, играа и испратија еко пораки на тема „Природата е во наши раце“.
На манифестацијата присуствуваше претставник на Делегацијата на ЕУ, градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, надлежните од општината, како и родителите на децата.
Едукацијата на децата за значењето за зачувување на животната средина почнува од најмала возраст. За ова тие учеа и читаа на двете работилници. Децата одушевија со инвентивноста во изработката на украси од хартија, пластичен отпад и дрво и учеа како се садат и негуваат цвеќиња.
Во рамките на зелената недела на ЕУ, во изминатите денови во три градинки во општина Центар беше промовирана специјалната еко-публикација „Синиот остров“, отпечатена од ЕУ Инфо Центарот.