На 9 февруари во Брисел ќе се одржи церемонијата на примопредавање на наградата „Европски зелен главен град“ (The European Green Capital Award) помеѓу Брисел и Љубљана.
На церемонијата ќе бидат истакнати достигнувањата на Брисел како европски зелен главен град за 2015 година, но и плановите на Љубљана за 2016 година. Како што се наведува, Љубљана секој месец од годината ќе го посвети на посебна тема од областа на заштитата на животната средина.
Да потсетиме, Љубљана е прогласена за европски зелен главен град за 2016 година поради имплементација на зелени урбанистички мерки, како и импресивната и одржлива транспортна мрежа (сообраќај).
The European Green Capital Award е годишен настан кој ги промовира и наградува напорите на градовите и нивната посветеност кон усовршување на урбаната средина. Наградата се доделува на оној европски град кој покажал завиден успех во поставувањето на стандарди за зачувување на животната средина и амбициозни цели за идниот одржлив развој. Целта на наградата е претворање на градовите во попријатни места за живот и работа, како и преку позитивен пример да се влијае на другите средини и земји.